Од минута во минута: И вториот обид за евакуација од Мариупол пропадна

Од:

Кризата во Украина од минута во минута.

23: 16 – ВИДЕО: Свадба на линијата на фронтот, Украинци се венчаа во воени униформи

Среде хоророт на крвавата војна, недалеку од контролна точка на излезот од Киев се случи венчавка. Се венчаа двајца припадници на резервниот состав на територијалната одбрана.

23:16 – Стотици руски православни свештеници бараат „да запре војната“ во Украина

Повеќе од 280 руски православни свештеници потпишаа отворено писмо во кое бараат да се стави крај на „братоубиствената војна“ во Украина, јави Фокс Њуз.

23:08 – Зеленски: Русија најави дека утре ќе не бомбардира

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и се обрати на нацијата вечерва преку социјалните мрежи. Тој рече дека Русија утре ќе ја бомбардира Украина и повторно го критикуваше Западот дека санкциите не се доволни.

22:55 – Матео Ренци ја предлага Ангела Меркел за посредник со Русија

Поранешниот премиер на Италија Матео Ренци и лидер на партијата Италија Вива предлага поранешната германска канцеларка Ангела Меркел да разговара со рускиот претседател Владимир Путин.

22:28 – Околу 300 украински Евреи пристигнаа во Израел

Три авиони со околу 300 украински Евреи пристигнаа во Израел, меѓу кои и деведесет сирачиња. Премиерот Нафтали Бенет беше на аеродромот во Тел Авив за да ги пречека бегалците.

22:25 – ВИДЕО: Во Харков нема радио и ТВ сигнал поради руските напади

Телевизиските и радио програмите се прекинати во вториот по големина град во Украина, Харков, по руските воени напади, соопшти Регионалната администрација.

22:00 – Претседателот на Полска украинските бегалци ги смести во претседателските вили

Претседателот на Полска Анджеј Дуда на иницијатива на неговата сопруга, бегалците кои ја напуштија Украина бегајќи од руската агресија ги смести во две претседателски вили соопштија денеска од неговиот кабинет.

21:53 – Отворени сме за модел според кој не влегуваме во НАТО вели главниот украински преговарач

Украина нема да прави компромиси за нејзиниот територијален интегритет во преговорите со Русија, но е подготвена да преговара за не-НАТО модел за иднината на земјата, изјави Давид Арахами главниот преговарач во украинскиот тим за „Фокс њуз“.

21:48 – МААЕ: Нуклеарната централа Запорожје е под руска контрола

Меѓународната агенција за атомска енергија денеска на Твитер објави дека украинскиот нуклеарен регулатор пријавил проблеми во комуникацијата со персоналот што работи во нуклеарната централа во Запорожје во југоисточна Украина.

21:15 – Додик: Го почитуваме територијалниот интегритет на Украина, но РС не е подготвена да воведе санкции кон Русија

Српскиот член на Претседателството на БиХ Милорад Додик изјави дека Република Српска го почитува територијалниот интегритет на Украина, повикува на мир, но не е подготвена да воведе санкции кон Русија.

21:01 – Во Полска влегле повеќе од еден милион украински бегалци

Бројот на луѓе кои избегале од Украина во Полска вечерва надмина еден милион, соопшти полската гранична полиција.

20:21 – Русија се закани: Дозвола за полетување на украински авиони е директен конфликт

Секоја земја што ќе одобри користење на нејзините аеродроми за украински авиони за напади врз Русија може да се смета за земја во конфликт, изјави денеска портпаролот на руското Министерство за одбрана.

19:58 – Американ Експрес ги суспендира операциите во Русија и Белорусија

Американската финансиска компанија Американ Експрес (American Express) го суспендираше обезбедувањето услуги во Русија и Белорусија. Ова се наведува во соопштението на компанијата, објавено денеска на нејзината веб-страница.

19:49 – Околу 20.000 странски доброволци се пријавиле да војуваат во Украина против Русија

Кон крајот на февруари, украинскиот претседател Володимир Зеленски најави формирање на „меѓународна легија“ од странски борци за да помогне во одбивањето на руската инвазија.

18:42 – Кулеба објави фотографија: Руска бомба од 500 килограми падна на станбен објект

„Оваа ужасна руска бомба од 500 килограми падна на станбена зграда во Чернихив, не експлодираше. Многу други експлодираа“ – напиша Кулеба.

18:36 – Блинкен: Украинците имаат план за „континуитет на владата“ доколку Зеленски биде убиен

Украинците имаат план за „континуитет на владата на еден или друг начин“, доколку украинскиот претседател Володимир Зеленски биде убиен, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен во денешното интервју за Си-Би-Ес.

18:24 – Европската унија очекува до осум милиони бегалци од Украина

Потпретседателката на Европската комисија Вера Јурова изјави дека Европската комисија се подготвува за, можеби, осум милиони бегалци од војната во Украина, кои најмногу ќе престојуваат во земјите од Централна Европа кои им се културно и јазично поблиски и каде што имаат роднини.

17:45 – Испораките на руски гас во Европа продолжуваат на нормално ниво

Русија продолжува со испораката на гас за Европа преку Украина на нормално ниво, според државниот енергетски гигант Гаспром.

17:14 – (ВИДЕО) Зеленски: Ако не ни дадете авиони, сакате да не убијат

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски во денешното видео обраќање покрај другите теми повторно им се обрати на светските лидери повикувајќи ги да воспостават зона на забрана за летови над Украина.

16:40 – Премиерот на Бугарија побара од руската амбасада да не се меша во внатрешната политика на земјата

Петков ја повикал руската амбасадорка во Бугарија да се придржува до општоприфатените норми за дипломатска комуникација и побарал таа да се однесува со должна почит и да не користи навредливи квалификации кон бугарските институции.

16:38 – Собир на косовските Срби за поддршка на руската интервенција во Украина

Помала група Срби се собраа денеска во Северна Митровица, општина во регионот на Косово населен со мнозинско српско етничко население, во знак на поддршка на Русија и на нејзината воена интервенција во Украина.

15:57 – Блокиран еден од последните независни медиуми во Русија

Медиазона, еден од последните независни медиуми во Русија, основан од членовите на рускиот феминистички бенд „Пуси Рајот“ Марија Аљохина и Надежда Толокоњикова, соопшти дека е блокиран од властите поради известување за инвазијата на Украина.

15:25 – ВИДЕО: Најмалку три жртви во гранатирањето на мостот кај Ирпин

Најмалку тројца цивили се убиени кога руските сили со минофрлачи го напднаа мостот кај Ирпин, град северозападно од Киев, преку кој луѓето се обидуваа да избегаат.

15:23 – ВИДЕО: Протест во Белград против војната во Украина и против Путин

Во центарот на Белград се одржува антивоен собир за поддрѓка на украина, а присутни се неколку сотици граѓани. Некои од нив носат украински знамиња и транспаренти „Stop Putin stop War“.

15:06 – ВИДЕО: Над 2.000 уапсени на антивоените протести во Русија

Руската полиција денеска уапси повеќе од 2.000 луѓе на антивоените протести низ градовите низ земјата објави ОВД-инфо.

14:03 – Путин: Нападите ќе престанат кога ќе бидат исполнети сите барања на Москва

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска го повика рускиот претседател Владимир Путин да прогласи прекин на огнот во Украина, да отвори хуманитарни коридори и да потпише мировен договор, соопшти денеска кабинетот на турскиот претседател.

13:55 – Пропадна и вториот обид за евакуација на цивилите од Мариупол

Ниту денешниот обид за организирање хуманитарен коридор од Мариупол не успеа, а проруските сепаратисти и украинската национална гарда меѓусебно се обвинуваат за кршење на првиременото примирје.

13:42 – Папа Франциск: Конфликтот во Украина не е специјална операција, туку војна

Папата Франциск денеска ги отфрли тврдењата на Русија дека спроведува „специјална воена операција“ во Украина, изјавувајќи дека земјата е погодена од војна.

13:27 – Џонсон: НАТО не го доведува во прашање статусот на Русија како светска сила

НАТО не негува анимозитет кон рускиот народ, ниту го доведува во прашање статусот на Русија како светска сила, изјави премиерот на Обединетото Кралство Борис Џонсон во текст за „Њујорк Тајмс“.

13:13 – Зеленски: Русија се подготвува да ја бомбардира Одеса

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска, во телевизиско обраќање до нацијата, изјави дека руските сили се подготвуваат да го бомбардираат градот Одеса, на украинскиот брег на Црното Море.

12:50 – ВИДЕО: Од Украина кај соседите веќе пребегале над 1,5 милиона лица

Од Украина во последните 10 дена веќе си заминале повеќе од 1,5 милиона лица и се преселиле во соседните земји, соопшти Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации.

12:41 – Бенет: Ќе помагам иако шансите за успех не се големи

Израелскиот премиер Нафтали Бенет денеска изјави дека ќе продолжи да се обидува да помогне во решавањето на кризата во Украина, иако, според него, шансите за успех не се големи.

12:04 – Конфликтот во Украина може да трае со месеци, ако не и со години вели британскиот вицепремиер

Конфликтот во Украина може да трае со месеци, ако не и со години, изјави денеска британскиот вицепремиер Доминик Рааб, додавајќи дека меѓународните сојузници треба да покажат „стратешка издржливост“ за да се обезбеди неуспех на рускиот претседател Владимир Путин.

11:55 – Гранатиран пункт за евакуација на цивили во близина на Киев

Пункт за евакуација на цивили кои се обидувале за избегаат од Ирпин, место западно од Киев утрово бил гранатиран.

11:44 – Резников: Кремљ сè уште не сака да го признае фијаскоto, но тоа е речиси тука

Украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников денеска во нов пост на Фејсбук соопшти дека „расте незадоволството и деморализацијата кај руските окупаторски сили“, пренесе Укринформ.

11:29 – Нападнати неколку украински здравствени центри

Светската здравствена организација потврди „неколку“ напади врз здравствени центри во Украина и истражува други, изјави денеска првиот човек на организацијата Тедрос Аданом Гебрејесус.

11:12 – Британските воени разузнавачи тврдат дека Русија гаѓа населени области во Украина

Британската воена разузнавачка служба денеска соопшти дека руските сили гаѓаат населени области во Украина, но дека силниот отпор го забавува напредокот на Русија.

10:40 – Блинкен вети американска помош за Молдавија за згрижување на украинските бегалци

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска во Молдавија вети дека САД ќе и помогнат на оваа поранешна советска република, која е наклонета кон Западот, да се справи со приливот на бегалци од Украина.

10:21 – Бајден со порака до Русите: Вие не сте наш непријател

„Не верувам дека тие сакаат крвава, деструктивна војна против Украина, земја и народ со кои споделувате толку длабоки семејни, историски и културни врски“, се наведува во пораката на американскиот претседател Џо Бајден, што на Твитер ја објави Стејт департментот.

09:24 – Објавен нов прекин на огнот во Мариупол, повторно најавена евакуација

Прекинот на огнот ќе биде од 10 до 21 часот по локално време соопштија градските власти.

09:20 – ВИДЕО: Зеленски му се заблагодари на Маск за помошта и сателитската поддршка со „Старлинк“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски му се заблагодари на технолошкиот маг Илон Маск за поддршката на Украина со неговиот сателитски интернет систем „Старлинк“ (Starlink).

09:10 – Русија обвинува дека Украина подготвува нуклеарна бомба

Повеќе руски медиуми денеска цитираат неименуван извор кој вели дека Украина е блиску до создавање нуклеарна „валкана бомба“, темелена на плутониум, иако изворот не наведува докази за ваквото тврдење, наведуваат британските медиуми.

08:40 – Украинците тврдат дека преговарачот Киреев загинал во специјална задача

Членот на украинската делегација за преговори со Русија, Денис Киреев загина во специјална задача, соопшти синоќа главната разузнавачка управа на Министерството за одбрана на Украина.

08:36 – ВИДЕО: Русите уништија украинска фабрика за тенкови

Во видео кое го пренесе Си-ен-ен, а кое вчера беше објавено на социјалните мрежи се гледа комплено уништена фабрика за тенкови во Житомир, место на околу 140 километри од Киев.

08:19 – Продолжува одбраната на Мариупол и на Чернихив соопшти украинската војска

Украинската војска рано утрово објави оперативен извештај во кој се вели дека се воделе жестоки борби за одржување на одредени граници. Одбрамбената операција во источниот дел на округот Донецк е во тек, напорите се насочени на Мариупол соопшти војската.

07:52 – Подољак: Русија почнува да ја разбира вистинската цена на војната

Русија почнува да ја разбира „вистинската цена на војната“ пред отпорот на Украина, така што преговорите меѓу двете страни почнуваат да стануваат конструктивни, изјави Михаил Подољак, советник на украинскиот претседател.

07:48 – Британски план во шест точки за одговор на руската инвазија

Британскиот премиер Борис Џонсон ги повика лидерите да се приклучат на планот од шест точки за одговор на руската инвазија на Украина, што предвидува хуманитарна поддршка за Украина, како и предизвикување најголема можна економска штета на Москва.

07:32 – Мариупол се соочува со хуманитарна катастрофа, Русите уништија 30 автобуси за евакуација тврди градоначалникот

Градоначалникот пристанишниот украински град Мариупол, Вадим Боиченко, изјави дека неговиот град се соочува со „хуманитарна блокада“ поради недостиг на основните комунални услуги.

06/03/2022

23:05 – Град близу Киев е речиси целосно уништен, тврди регионален гувернер

Градот Бородјанка, близу Киев, речиси целосно е уништен, изјави вечерва регионалниот гувернер Олексиј Кулеба.

22:41 – Русија: Зазедовме неколку градови и соборивме авиони, продолжуваме со нападите на Мариупол

Руските сили спроведуваат широка офанзива во Украина и зазедоа неколку градови и села, соопшти руското Министерство за одбрана, додавајќи дека офанзивата на Мариупол продолжува.

22:29 – Жена која ја преживеала опсадата на Сараево напиша писмо до Украинците

Би-Би-Си објави аудио писмо од Аида Черкез, која ги сподели своите искуства со Украинците од опколеното Сараево со надеж дека тоа дополнително ќе ги мотивира да ги преживеат тешките времиња на кои се изложени.

22:14 – Русија: Балтичките земји шират антируска психоза, во Литванија е нападнат руски дипломат

Русија денеска побара од властите во Естонија, Летонија и во Литванија да преземат мерки за заштита на руските амбасади откако руски дипломат бил нападнат вo Вилнус објави руската агнеција РИА.

21:14 – Фон дер Лајен: ЕУ мора целосно да се ослободи од зависноста од Русија

Европската унија мора целосно да се ослободи од зависноста од Русија за гас, нафта и јаглен преку диверзификација, енергетска ефикасност и енергетска транзиција. Ова го изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на прес-конференција во Мадрид.

20:46 – Украина бара уште оружје и нова рунда санкции за Русија

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба вели дека очекува резултати од неговиот разговор со државниот секретар на САД Ентони Блинкен многу наскоро и очекува нови сакнции за Русија како и нови количини оружје за Украина.

20:19 – Израелскиот премиер по средбата со Путин и разговорот со Зеленски, на пат кон Берлин

Израелскиот премиер Нафтали Бенет денеска имаше тричасовна средба со рускиот лидер Владимир Путин во Москва.

20:14 – Русија испрати авион во САД за да ги земе протераните дипломати

Рускиот владин авион кој се движи од Санкт Петербург кон Вашингтон, ќе ги врати руските дипломати назад во нивната земја, објави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова на нејзиниот канал на Телеграм.

19:40 – (ВИДЕО) Русија: Украинците избегаа од воена база кај Херсон, ги оставија тенковите и оружјето

Руските војници ја презеле контролата на воена база на оружените сили на Украина во близина на селото Раденск во областа Херсон објави руското Министерство за одбрана.

19:33 – Руските сили зазедоа психијатриска болница на 60 километри од Киев, вели гувернерот

Руските сили ја презедоа контролата врз психијатриската болница во градот Бородјанка во областа Киев, во Украина, со 670 лица, изјави денеска регионалниот гувернер Олексеј Кулеба за локалните медиуми.

18:46 – Видео-средба на Зеленски со американските сенатори

Володимир Зеленски, претседателот на Украина, имаше едночасовна видео-средба со американските сенатори, при што повика на поголема поддршка за одбрана на неговата земја од руската инвазија.

18:21 – Третата рунда руско-украински преговори може да се одржи в понеделник

Третата рунда преговори меѓу Русија и Украина може да се одржи на 7 март. Ова денеска го објави изданието „Украинска правда“, повикувајќи се на извор близок до украинскиот претседател Володимир Зеленски, пренесува ТАСС.

18:11 – Зеленски: Украина ги држи клучните градови

Украинските сили ги држат клучните градови во централниот и југоисточниот дел на земјата, додека Русите се обидуваат да ги блокираат и задржат опколените Харков, Николаев, Чернихив и Суми, соопшти денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.

17:46 – Зара, Самсунг и Пејпал меѓу најновите компании што ги затворија бизнисите во Русија

Индитекс, матичната компанија на шпанскиот бренд за брза мода Зара, исто така, ќе ја напушти земјата, што ќе значи привремено затворање на 502 продавници во Русија. Компанијата ги поседува и брендовите Massimo Dutti, Pull&Bear, Zara Home и Bershka, кои исто така ќе бидат засегнати.

17:06 – Германија: Опозициските конзервативци против целосно запирање на увоз на енергенси од Русија

Германските опозициски демохристијани (ЦДУ) се против целосно блокирање на увозот на руски гас и нафта и за задржување на културните врски со земјата, и покрај војната во Украина, соопшти денеска шефот на ЦДУ Фридрих Мерц.

17:02 – Мурал со ликот на Путин во Белград

Мурал со ликот на рускиот претседател Владимир Путин се појави денеска во населбата Врачар во Белград.

16:50 – Блинкен вети помош од 2,75 милијарди долари земјите кои примаат бегалци од Украина

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска во полскиот град Жешов, најави дополнителна помош за Украина, Полска и земјите каде бегалците од Украина бараат спас од војната.

16:39 – Од почетокот на инвазијата во Украина 351 жртва, над 700 ранети

Бројот на цивили убиени во Украина од почетокот на руската инвазија пред 10 дена достигна најмалку 351, додека 707 се ранети, се вели во соопштението на набљудувачката мисија на ОН.

15:54 – „Аерофлот“ од 8 март ќе лета само за Белорусија

Руската државна агенција за авијација денеска препорача руските авиокомпании кои изнајмиле странски авиони да ги прекинат патничките и карго летовите во странство од 6 март и од странство кон Русија од 8 март.

15>38 – (ВИДЕО) Кличко: Болниците и родилишта во Киев работат, лекарите се нашите херои

Градоначлникот на Киев, Виталиј Кличко посети една од болниците во главниот украински град.

15:37 – Велика Британија ги повикува своите државјани да размислат за заминување од Русија

„Доколку вашето присуство во Русија не е од суштинско значење, силно ве советуваме да размислите да заминете по преостанатите комерцијални рути“, соопшти денеска Министерството за надворешни работи на Велика Британија.

15:34 – Путин: Воведувањето зона на забранети летови над Украина би имало „колосални и катастрофални последици“за целиот свет

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека секоја земја што ќе се обиде да воведе зона на забранети летови над Украина, за Москва ќе биде земја што одлучила да влезе во конфликтот.

14:53 – Во Белград полицијата ги раздвои протестите против војната во Украина и оној против НАТО

Во центарот на Белград, на Кнез Михајлова, се одржува протест на женската мировна организација со феминистичко-антимилитаристичка ориентација „Жените во црно“ против војната во Украина, а протест одржуваат и припадниците на НКОЈ со анти-НАТО пораки, кои полицијата ги раздвои

14:31 – Русија тврди дека „украинските нацоналисти“ ја прекинале евакуацијата на Мариупол

Руското Министерство за одбрана ја обвини украинската страна за неуспешната евакуацијата на цивилите од Мариупол.

14:23 – Украинска правда: Убиен член на украинскиот преговарачки тим, издавал тајни на Русите

Како што наведува Правда, Кирејев е убиен додека укрианските сили се обидувале да го уапсат поради сомнеж за предавство.

14:06 – Грвала: Путин е пропагатор и воен злосторник

Министерката за надворешни работи на Косово Доника Грвала вели дека тврдењето на рускиот претседател Владимир Путин дека во Украина војуваат платеници од Косово е лага и има за цел да го одвлече вниманието од геноцидот што Русија го врши во Украина.

14:04 – „Репортери без граници“ поднесоа претставка пред Меѓународниот кривичен суд по рускиот напад врз ТВ кулата во Киев

„На 4 март, РСФ поднесе жалба до обвинителот на Меѓународниот кривичен суд (МКС) за воени злосторства извршени од руските сили во Украина. Од почетокот на агресијата против Украина на 24 февруари, руската армија намерно бомбардираше неколку телевизиски антени низ целата земја“, напиша организацијата во соопштение.

13:46 – Лавров: Зеленски сака судир меѓу НАТО и Русија

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, сака да предизвика конфликт меѓу Русија и НАТО, оцени денеска шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.

13:25 – Бројот на украински бегалци до крајот на викендов може да се зголеми до 1,5 милиона

Ситуацијата во Украина и натаму е страшна и бројот на бегалци кои бегаат од руската инвазија до крајот на викендот потенцијално може да се зголеми на 1,5 милиона од сегашните 1,3 милиони, изјави денеска шефот на Агенцијата за бегалци на ОН, Филипо Гранди.

12:59 – Борел се залага Кина да посредува во војната во Украина

„Нема друга алтернатива. Ние Европејците не можеме да бидеме посредници, јасно е… Ниту САД тоа го можат. Па кој друг? Тоа мора да биде Кина, јас верувам во тоа“, рече Борел во интервју за шпанскиот весник „Ел Мундо“.

12:49 – Рама телефонски разговарал со украинскиот претседател Зеленски

Албанскиот премиер Еди Рама објави на социјалните мрежи дека денеска остварил телефонскиот разговор со претседателот на Украина Володимир Зеленски.

12:40 – Одложена е евакуацијата на цивилите од Мариупол, руските напади не престануваат

-Русите продолжуваат да не бомбардираат, користат артилерија. Ова е лудило, изјави заменик градоначалникот Сергеј Орлов.

12:14 – Песков: Светот е многу поголем за САД и Европа да можат да ја изолираат Русија

Кремљ денеска соопшти дека западните земји се однесуваат како бандити, но дека Русија е премногу голема за да биде изолирана бидејќи светот е многу поголем од САД и Европа, пренесоа британските медиуми.

11:40 – (ВИДЕО) Зеленски: Да се евакураат тие што мораат, оние што можат да се борат треба да останат

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во нова видео порака до Украинците утринава кажа дека жените и децата од Украина кои се евакуирани во Европа се третираат достоинствено, а на границата нема хуманитарна криза, пренесе Укринформ.

11:26 – (ВИДЕО) Украина објави снимка: Вака умираат окупаторите

Украинското министерство за одбрана објави снимка на која се гледа уривање на хеликоптер.

11:22 – Од Мариупол ќе бидат извлечени до 9.000 лица

Заменик градоначалникот на Мариупол, Серхи Орлов, за Би-Би-Си денеска изјави дека преговорите за привремен прекин на огнот со цел да се евакуираат цивилите од Мариупол траеле цела ноќ, а дека од утринава почнале да се спроведуваат.

10:56 – ВИДЕО: Голем протест на жителите на Херсон

Масовен мирен собир почна на Плоштадот на слободата, во центарот на градот Херсон, во близина на зградата на регионалната државна администрација заземена од руските воени сили, јави Укринформ.

10:32 – Резников: Над 66.200 Украинци се вратија од странство за да се борат против ордата

Украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников денеска изјави дека 66.224 Украинци се вратиле од странство за да се приклучат во борбата против руската инвазија, јавија британските медиуми.

09:50 – Евакуација на Мариупол: 200 илјади цивили имаат пет часа да го напуштат градот

Руското министерство за одбрана објави дека цивилите имаат од 12 до 17 часот да го напуштат градот.

09:40 – Британски новинар ранет во близина на Киев

Главниот дописник на британски „Скај њуз“ од украинската криза, Стјуарт Ремзи, бил застрелан во долниот дел на грбот додека во понеделникот било пукано врз автомобилот што ја превезувал неговата екипа во Киев.

09>05 – По Вилнус, и Рига во знак на протест ја преименува улицата во која се наоѓа руската Амбасада

Градската управа на Рига одлучи да го смени името на улицата на која се наоѓа руската Амбасада во знак на протест поради нападот врз Украина.

08:59 – Амбасадата на САД во Киев смета дека нападот врз нуклеарната централа во Запорожје е воено злостоство

Амбасадата на САД во објава на Твитер даде досега најостра осуда на нападот од која било друга американска оценка на руските акции во Украина.

08:56 – Харис ќе ги посети Полска и Романија поради руската инвазија врз Украина

Американската потпретседателка, Камала Харис, ќе отпатува во Полска и Романија во знак на поддршка за Украина, се наведува во соопштението на Белата куќа.

08:53 – Џонсон смета дека Путин сака да ја засили инвазијата врз Украина

Британскиот премиер Борис Џонсон смета дека Владимир Путин има намера да „двојно да ја засили“ својата инвазија врз Украина, бидејќи не гледа опција за излез од неа, туку има намера „да продолжи со уништувањето“.

08:51 – Русија и Украина во четвртокот се усогласија дека се неопходни хуманитарни коридори и прекин на огнот за нивно спроведување.

Рускиот претседател Владимир Путин во телефонски разговор со германскиот канцелар Олаф Шолц му кажал дека викендов ќе се одржи третата рунда од разговорите меѓу делегациите на Русија и Украина

08:46 – Русија ги прекинува нападите на Мариупол за цивилите да го напуштат градот

Русија и Украина во четвртокот се усогласија дека се неопходни хуманитарни коридори и прекин на огнот за нивно спроведување.

07:48 – ВИДЕО: Руски хеликоптери пукаат на Мариупол

Снимката ја објави британскиот Би-би-си и тврди дека има потврда за нејзината автентичност

07:30 – Блинкeн: Украина може да ја победи Русија

-Оваа издржливост на украинскиот народ е неверојатна. Ако Москва се обиде да ја собори украинската Влада и да воспостави марионетски режим, 45 милиони Украинци ќе го одбијат тоа на овој или оној начин. Текот на нападот досега не се одвиваше како што Путин планираше, рече Блинкен.

07:24 – Зеленски жесток кон НАТО: Дадовте зелено светло за продолжување на бомбардирањето на украинските градови

Алијансата денеска даде зелено светло за продолжување со бомбардирањето на украинските градови и села со тоа што одби да воведе зона на забранети летови, изјави Зеленски во видеото објавено вечерва на неговиот профил на Фејсбук.

05/03/2022

21:56 – Блинкен: Зона на забранети летови над Украина ќе доведе до целосна војна во Европа

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека воспоставувањето зона на забранети летови над Украина од страна на САД и нивните сојузници во НАТО може да доведе до „целосна војна во Европа“.

21:14 – Зеленски им се заблагодари на „народите на Европа“ за поддршката

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вечерва преку Зум им се обрати на демонстрантите собрани во голем број европски градови, кои излегоа на улиците за да ја поддржат Украина во борбата против руската инвазија.

20:42 – Блинкен: Ако руската агресија помине неказнето, ќе се отвори Пандорината кутија

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска изјави дека доколку прекршувањето на принципите на меѓународното право остане неказнето, ќе се отвори Пандорината кутија и тоа ќе се повтори во сите делови на светот.

20:01 – Русија го блокираше Фејсбук поради ограничувањата за руските медиуми

Рускиот државен регулатор во комуникацискиот сектор, Роскомнадзор, денеска соопшти дека ја блокирал социјалната мрежа Фејсбук на компанијата Мета, како одговор на ограничувањата за пристап до руските медиуми на оваа платформа.

19:17 – Подољак: Размена на затвореници е една од опциите во преговорите

Размената на затвореници меѓу Украина и Русија е една од опциите во преговорите меѓу двете страни, изјави Михаило Подољак, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

19:04 – Би-би-си ги повлекува своите новинари од Русија

Британскиот јавен сервис Би Би Си денеска објави дека ги повлекува сите свои новинари од Русија за да ја гарантира нивната „безбедност“ по усвојувањето на законот кој предвидува затворски казни во случај на ширење „лажни информации за армијата“ и блокирање на неговата веб-страница на руски јази во рамки на руската инвазија врз Украина.

18:27 – Најмалку седуммина загинати, од кои две деца при ракетен напад врз Киев

Украинската полиција соопшти дека во денешниот напад врз киевскиот регион загинале најмалку седум луѓе, од кои две деца.

Ракетниот напад се случи во рурално станбена област Маркхаливка, во регионот на Киев.

18:25 – Портпарол: Дел од проектил падна во дворот на украинскиот претседател

Дел од проектил паднал во дворот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави Сергиј Никифоров, портпарол на шефот на државата.

17:47 – Гугл прекинува со рекламите во Русија, Мајксрофот со услугите и производите

Во светло на исклучителната ситуација Гугл паузира со рекламите во Русија, соопшти денеска технолошката компанија. Во меѓувреме и Мајкрософт најави прекин на сите производи и услуги во Русија.

17:27 – Итна седница на Советот за безбедност на ОН по нападот врз нуклеарната централа во Украина 

Советот за безбедност на Обединети нации денеска ќе одржи итна седница по повод синоќешниот напад на нуклеарната централа во Украина од страна на руските сили.

16:14 – Телефонски разговор Шолц – Путин

Германскиот канцелар Олаф Шолц и рускиот претедател Владимир Путин денеска имаа еден час телефонски разговор.

Шолц изрази загриженост и ја повика Русија веднаш да ги прекине борбите и да овозможи хуманитарен пристап до спорните подрачја.

15:44 – ОН: Над 1,2 милиони луѓе ја имаат напуштено Украина од почетокот на војната

Над 1,2 милиони луѓе ја имаат напуштено Украина од 24 февруари, откако почна инвазијата на Русија врз Украина, објави ОН.

15:19 – Снимка од гранатираното училиште во Житомир

Утрово руските воздухопловни сили силно го бомбардираа Житомир. Објавено е видео за кое се наведува дека ја покажува штетата од гранатирањето на училиштето во Житомир.

15:17 – Украина објави нови податоци за руските загуби

Украинските вооружени сили објавија нови проценки за руските загуби.

Според овие проценки, Русија изгубила 9.166 војници, 251 тенк, 33 авиони, 37 хеликоптери, 404 возила, 105 ракетни системи.

15:14 – Шефот на рускиот парламент: Зеленски повеќе не е во Украина

Претседателот на рускиот парламент Вјачеслав Володин изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски е во Полска.

14:34 – Столтенберг: НАТО не бара војна со Русија

НАТО е дефанзивен пакт и наша цел е да ги чуваме нашите 30 земји-членки безбедни. Ние не сме дел од овој конфликт и имаме обврска овој конфликт да не ескалира надвор од границите на Укриана.

14:20 – Киев бара од Црвен крст да помогне во поставување хуманитарни коридори

Украинската Влада побара од Меѓународниот комитет на Црвениот крст да помогне во воспоставување хуманитарни коридорди за цивили, по втората рунда мировни преговори со Русија.

14:18 – Jysk ги затвори продавниците во Русија

Малопродажниот синџир Jysk објави дека поради моменталната ситуација одлучил привремено да ги затвори своите 13 продавници во Русија.

14:01 – Од Украина во Бугарија досега влегле 20.000 бегалци

Од почетокот на руско-украинската војна во Бугарија пристигнаа 20.000 бегалци од Украина, денеска соопшти бугарската гранична полиција.

14:00 – Ес-енд-пи Глобал повторно го намали кредитниот рејтинг на Русија

Ес-енд-пи Глобал (S&P Global) го намали кредитниот рејтинг на Русија уште подлабоко во неинвестициската категорија поради прекинот на плаќање на каматите на обврзниците и новите меѓународни санкции после руската инвазија врз Украина.

13:48 – ВИДЕО: Руската војска вчера објави дека конвојот влегува во Киевскиот регион, денеска нема нови информации

Руската армија вчера објави видео од воен конвој кој влегува во регионот на Киев, а тој поминал под радарот. Денеска нема нови информации за напредувањето на руските војници кон Киев.

13:38 – (ВИДЕО) Кличко: Во Киев во последната недела се родија 390 бебиња

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, преку видео им се обрати на своите граѓани.

13:33 – Кремљ: Чекаме одговор од Украина за продолжување на преговорите

Кремљ соопшти дека го чека одговорот на Украина за продолжување на мировните преговори по вчерашната втора рунда разговори.

13:23 – Кан: Судот во Хаг почна со истраги на воени злосторства во Украина

Истражителите на Меѓународниот кривичен суд (МКС) почнаа да ги истражуваат можните воени злосторства во Украина, изјави главниот обвинител на судот, Карим Кан.

13:17 – ОХЦР: Формирана истражна комисија за утврдување на кршењето на човекови права во Украина

Советот за човекови права на ОН денеска со големо мнозинство гласаше за резолуција со која се осудуваат наводните прекршувања на човековите права за време на руските воени дејствија во Украина и со која се формира истражна комисија, што ќе ги истражи крѓењата на човековите права , јавија британските медиуми.

13:17 – Валас: Путин си игра со оган

Со нападот на нуклеарната електрана во југоисточниот дел на Украина, рускиот претседател Владимир Путин си игра со оган, изјави денеска, британскиот министер за одбрана Бен Валас. Тој го повика Путин да престане со нападите на такви цели.

13:12 – Путин: Немаме лоши намери

Рускиот претседател Владимир Путин им порача на земјите кои се противат на руските воени акции во Украина „да не ја влошуваат ситуацијата со воведување дополнителни ограничувања на неговата земја“.

13:01 – ВИДЕО: Руската државна телевизија објави снимки од уништениот аеродром во близина на Киев

На снимката се гледаат и остатоците од уништениот Антонов Ан-225, најголемиот авион во светот. Репортерот повторно тврди дека бил уништен од украинските сили, додека украинските сили ги обвинија Русите за истото.

12:31 – Во војната во Украина досега загинаа 28 деца, 64 се ранети

За осум дена, колку што трае руската инвазија врз Украина, загинаа 28 деца, а 64 се ранети во руските напади.

12:21 – Москва обвини „украински саботери“ за нападот на нуклеарната централа

Руското Министерство за одбрана денеска ги обвини украинските саботери за нападот на нуклеарната централа Запорожје, нарекувајќи го чинот „монструозна провокација“.

12:06 – Вучиќ на украинскиот амбасадор му го изнел ставот за војната и понудил хуманитарна помош

Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска го прими амбасадорот на Украина во Белград, Олександар Александрович, кому му го пренел српскиот став за воениот конфликт во Украина и подготвеноста да пружи хуманитарна помош и прифаќање на бегалците

12:04 – Лукашенко: Белоруската армија не учествувала и нема да учествува во руската воена операција во Украина

Белоруската армија не учествувала и нема да учествува во руската воена операција во Украина, изјави денеска претседателот на Белорусија Александар Лукашенко.

12:01 – Холандскиот „Ермитаж“ ги прекина врските со рускиот матичен „Ермитаж“

Музејот на уметност „Ермитаж Амстердам“ во Холандија, објави дека ги прекинува врските со својот матичен музеј, рускиот „Ермитаж“ во Санкт Петербург, по руската инвазија врз Украина. Во соопштението од музејот се објаснува дека веќе не е можно да се држи дистанца од политиката на Русија и рускиот претседател Владимир Путин.

12:01 – МААЕ: Нема истекување на радиоактивен материјал од украинската нуклеарна централа Запорожје

Безбедносни системи на украинската нуклеарна централа Запорожје не се оштетени. Нема истекување на радиоактивен материјал, изјави шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија Рафаел Гроси.

11:50 – Згаснува РТ Америка по низа финансиски удари

Згаснува РТ Америка, соопшти Т&Р Продакшн, продукциската компанија што стои зад руската државна мрежа.

11:49 – Месков: Франција зароби три руски брода и една јахта

Рускиот амбасадор во Париз Алексеј Месков изјави дека три руски брода и една јахта веќе се под контрола на локалните власти во Франција. Според него, руските бродови биле задржани „практично без никакво објаснување“, пренесува БГНЕС.

11:45 – Зеленски до Русите: Ако не сте го заборавиле Чернобил, не можете да молчите

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски им се обрати на граѓаните на Русија по синоќешното гранатирање на нуклеарната централа Запорожје од страна на руската армија, и им порача дека треба да им кажат на своите власти дека сакаат да живеат во земја без радиоактивна контаминација.

11:27 – Би-Би-Си: Расте бројот на загинати од руските воздушни напади врз Чернихив

Четириесет и седум лица загинаа вчера во руските воздушни напади врз станбена населба во градот Чернихив, соопштија денеска регионалните власти, јави Би-Би-Си.

10:51 – Вонреден министерски на НАТО за одговор на руската агресија

Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО заедно со Финска, Шведска и ЕУ денеска се состануваат вонредно во Брисел да се координираат за следните чекори пред засилената руската агресија во Украина

10:48 – Орбан: Поддржавме санкции против Русија, но тоа има цена

Унгарија ги поддржа санкциите на Европската унија против Русија, но нејзината сопствена економија неизбежно ќе биде погодена од нив, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан за државното радио.

10:47 – Европските берзи втор ден по ред во пад

Акциите на европските берзи од утринава бележат пад, втор ден по ред, додека траат руските напади врз градовите низ Украина.

10:47 – „Тајмс“: Зеленски преживеал најмалку три обиди за атентат во последните денови

Британскиот весник „Тајмс“ информира дека украинскиот претседател Володимир Зеленски преживеал најмалку три обиди за атентат во последните денови.

10:46 – Столтенберг-Блинкен: НАТО не е дел од конфликтот, но ќе ги одбрани сојузниците

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и американскиот државен секретар Ентони Блинкен заедно порачаа дека Алијансата е целосно обединета и дека ќе стори сѐ за да ги одбрани своите земји членки

10:45 – Венецуела го зголемува бројот на летови за Русија

Венецуела ќе го зголеми бројот на летови на својата државна авиокомпанија до Москва откако многу земји го затвораат воздушниот простор за руските авиони по инвазијата на Украина, соопшти синоќа венецуелскиот министер за туризам.

10:44 – Прекинат преносот на гас преку „Јамал-Европа“

Пумпањето на гас преку гасоводот Јамал-Европа од Русија до Германија е прекинато од денеска во 9 часот по московско време, покажуваат податоците на германскиот оператор Гаскад (Gascade) и на аукциската платформа ГСА Платформ (GSA Platform).

10:40 – Московската берза останува затворена

Московската берза останува затворена и денеска, соопшти Руската централна банка. Берзата ќе биде затворена до 8 март. Затворањето, според соопштението, вклучува „тргување и порамнување на сите пазари на Московската берза“.

10:32 – Кина бара од сите страни да ја гарантираат безбедноста на нуклеарните постројки на Украина

Кинеското Министерство за надворешни работи денеска ги повика сите страни да ја гарантираат безбедноста на нуклеарните постројки на Украина, откако избувна пожар во комплексот на нуклеарната централа Запорожје по напад на руските сили.

09:46 – Гугл и Ер-би-ен-би се приклучуваат кон компаниите кои ограничуваат услуги во Русија

Американскиот технолошки гигант Гугл престана да продава онлајн реклами во Русија поради нападот на Москва врз Украина.

09:46 – Руската Државна Дума изгласа воведување кривична одговорност за „ширење лажни вести за операциите на руската војска“

Руската Државна дума денеска, едногласно, веднаш во второ и трето читање, го усвои предлог-законот за воведување кривична одговорност за ширење на лажни информации во врска со вооружените сили (ВС) на Руската Федерација, јави ТАСС.

09:46 – Бербок: Путин ја води својата земја во пропаст

Рускиот претседател Владимир Путин ја води својата земја во пропаст, изјави денеска германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, јави ДПА.

09:45 – Зеленски, Трудо и Фриленд разговараа за ситуацијата во Запорожје

Украинскиот претседател Володимир Зеленски разговараше за пожарот во нуклеарната централа Запорожје, предизвикан од руско гранатирање, со канадскиот премиер Џастин Трудо и со вицепремиерката Кристија Фриленд.

09:06 – ФАКТИ: Остри зборови, тешки дејствија – како компаниите ја одбија Русија

Корпоративните активности по руската инвазија врз Украина варираат и вклучуваат мерки што се бараат со закон, а некои доброволни, со коментари – од остри осуди до помуерени ветувања за ревизија на бизнисот во земјата.

09:03 – САД им доделуваат „статус на привремена заштита“ на Украинците

САД соопштија дека ќе им доделат „статус на привремена заштита“ на Украинците во земјата во следните 18 месеци.

08:51 – Украинските власти информираат дека нуклеарната централа Запорожје е окупирана од руски сили

Украинската нуклеарна централа Запорожје е окупирана од руски сили, соопштија денеска регионалните власти на Запорожје, пренесува Интефкас Украина.

08:50 – Подолјак: Само „затворено небо“ над Украина ќе ја запре ескалацијата

Советникот на шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Михаило Подолјак изјави дека е време Западот да ја преземе одговорноста за завршување на војната во Украина.

08:50 – Бон за руските напади во Украина: Многу е загрижувачко и сериозно

Европската унија мора да стои цврсто, додека руските напади во Украина се засилуваат. Може да се види дека нападите се интензивираат, што е многу загрижувачко и сериозно, изјави францускиот министер за европски прашања, Клемент Бон.

08:49 – Членовите на Арктичкиот совет нема да одат во Русија на состаноци

Осумчлениот Арктички совет соопшти дека неговите претставници нема да патуваат во Русија на состаноците на телото и оти „учеството на сите состаноци е привремено суспендирано“.

08:14 – Орлов: Гранатирањето на „Запорожје“ утринава престана, ситуацијата и натаму е тешка

Дмитро Орлов, градоначалникот на украинскиот град Енергодар, во близина на кој се наоѓа нуклеарната централа Запорожје, утринава изјави дека ситуацијата во нуклеарната централа се уште е тешка, иако гранатирањето престана.

08:14 – Шолц: Германија е подготвена да купува гас не само од Русија, туку и од други добавувачи

Германија прави максимални напори да добива гас не само од Русија, туку и од други добавувачи, изјави канцеларот Олаф Шолц за германскиот телевизиски канал ЗДФ.

08:13 – Нема жртви, но има ранети во нападот врз нуклеарната електрана Запорожје

По извршениот увид во петкатницата за обука на нуклеарната електрана Запорожје во Енергодар, констатирано е дека гореле просториите на третиот, четвртиот и петтиот кат. Жртви нема.

08:12 – Блинкен на средба со министрите за надворешни работи на НАТО поради руската инвазија

Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, денеска ќе има средба во Брисел со министрите за надворешни работи на НАТО, во врска со руската инвазија на Украина.

08:11 – Русија одбила да присуствува како набљудувач на воената вежба на НАТО во Норвешка

Русија одби да присуствува како набљудувач на претстојната вежба на НАТО во Норвешка, на која ќе учествуваат околу 30.000 војници на Алијансата од 27 земји.

08:06 – Шолц бара од Шредер да ги прекине деловните врски со Русија

Германскиот канцелар Олаф Шолц вчера побара од поранешниот канцелар Герхард Шредер да поднесе оставка од неговите позиции во руските државни компании, јави ДПА.

08:05 – Русија го ограничи пристапот до рускиот сервис на Би-Би-Си и Радио Слободна Европа

Руското тело за надзор на комуникациите го ограничи пристапот до рускиот сервис на Би-Би-Си, како и до Радио Слободна Европа и медиумот Медуза, јавија некои руски медиуми.

08:05 – Во Чешка од денеска стапува на сила вонредната состојба поради бегалците од Украина

Во Чешка од денеска стапува на сила вонредната состојба прогласена од владата поради големиот прилив на бегалци од Украина.

07:50 – Исплатата на заемот од Светска банка за Украина расте на 460 милиони евра

Итната исплата на готовина од Светска банка за Украина ќе порасне на 460 милиони евра со донаии од Шведска и Холандија и ќе биде поднесена на одобрување одборот денеска, јавија западни медиуми повикувајќи се на извори запознати со трансакцијата.

07:49 – ОН очекуваат дека од Украина ќе побегнат десет милиони луѓе

Од тој број, околу четири милиони луѓе би можеле да побегнат во соседните држави, но тоа е само проценка, изјави портпаролот на ОН Стефан Дужарик.

07:46 – Не е момент за состанок Бајден – Путин, тврди Белата куќа

Нема планови во моментот за средба меѓу американскиот претседател Џозеф Бајден и рускиот претседател Владимир Путин, изјави портпаролката на Белата куќа Џен Псаки. Според неа, „сега не е време за тоа“.

06:31 – Изгаснат пожарот во нуклеарката во Запорожје, Русија е нуклеарен терорист, вели Зеленски

Украинските служби за итни случаи соопштија дека утрово го изгаснале пожарот во најголемата нуклеарна централа во Европа. Киев тврди дека руските сили гранатирале и дека се одговорни за пожарот.

05:51 – Што досега се знае за пожарот во нуклеарната централа Запорожје

Централата е најголема од ваков вид во Украина и содржи шест од 15-те нуклеарни енергетски реактори во земјата, според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ)

05:20 – ВИДЕО: Зеленски ја обвини Русија за „нуклеарен терор“ по нападот врз централата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Москва дека прибегнува кон „нуклеарен терор“ и дека сака да ја „повтори“ катастрофата во Чернобил, откако нагласи дека руските сили нападнале нуклеарна централа.

05:05 – Украина: Пожар во најголемата нуклеарка во Европа по руско бомбардирање

Пожар избувна во најголемата европска нуклеарна електрана Запорожје по интензивни борби меѓу руските и украинските сили, соопшти украинската државна служба за вонредни состојби.

04:30 – Џонсон: Руското гранатирање на нуклеарката во Запорожје е „директна закана за цела Европа“

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека руското гранатирање на нуклеарна централа во југоисточниот украински град Запорожје може „директно да ја загрози безбедноста на цела Европа“.

04:25 – Бајден ја повика Русија да престане да ја гранатира АЕЦ Запорожје во Украина

Американскиот претседател Бајден ја повика Русија да престане да ја гранатира АЕЦ Запорожје во Украина и да дозволи вонредни служби да пристапат до објектот.

04:04 – Безбедноста на нуклеарната централа „осигурана“, тврди официјален претставник

Шефот на регионалната државна управа на Запорожје вели дека безбедноста на нуклеарната електрана Запорожје е „осигурана“, јави Би-Би-Си.

03:55 – МААЕ: Нуклеарната централа Запорожје сè уште ги има „суштинските“ функции

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) објави дека разговарала со украинското раководство и ѝ било кажано дека „суштинската“ опрема во централата сè уште функционира.

03:45 – Украинска служба за итни случаи: Радијацијата е во границите на нормалата

Украинската државна служба за итни случаи известува дека условите за безбедност од радијација и пожар во нуклеарната централа Запорожје се „во граници на нормалата“.

03:40 – Портпарол на нуклеарката запорожје: Ракетирањето, засега, запре

Андреј Туз, портпарол на нуклеарната централа Запорожје, изјави за Би-Би-Си дека гранатирањето засега престанало, но ситуацијата е крајно неизвесна.

03:36 – МААЕ во контакт со Украина во врска со нуклеарката во Запорожје, Белата куќа ја следи ситуацијата

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека е во контакт со украинските власти поради извештаите за гранатирање на нуклеарната централа Запорожје, јави Би-Би-Си.

03:23 – Локална власт: На пожарникарите им е дозволен пристап до нуклеарната централа

Според шефот на регионалната воена администрација Олександр Старук на пожарникарите им е дозволен влез за да интервенираат на пожарот во нуклеарната црнтрала запорожје, во Украина.

02:40 – Погоден реактор кој не е во функција, соопштија од електраната во Запорожје

Портпаролот на нуклеарната електрана Андриј Туз, за ​​украинската телевизија изјави дека гранати паднале директно врз електраната во Запорожје и запалиле еден од шесте реактори на централата.

02:23 – Украински власти: Изби пожар во најголемата нуклеарна централа во Европа

Нуклеарната централа Запорожје во Украина е во пламен, изјави Дмитро Орлов, градоначалник на блискиот град Енергодар, пренесува Си-Ен-Ен.

01:00 – Мисијата на ОБСЕ во Украина ги евакуира своите набљудувачи

Специјалната мисија за набљудување на ОБСЕ во Украина соопшти дека продолжува да ги евакуира своите набљудувачи од источниот кон западниот дел на земјата.

03/02/2022

20:14 – Донација од британската кралица Елизабета за бегалците од Украина

Британската кралица Елизабета Втора даде донација за поддршка на луѓето кои бегаат од конфликтот во Украина, соопшти коалицијата на британски хуманитарни организации која упати апел за собирање средства.

20:09 – Псаки: Не може да и се одземе на Русија постојано членство во Советот на безбедност на ОН

Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки денеска изјави дека САД не гледаат можност на Русија да и го одземат статусот на постојана членка на Советот за безбедност на Обединети нации.

19:19  – Нов биланс: Најмалку 33 лица загинаа при ракетирање на станбена населба во Чернигов

Најмалку триесет и три лица загинаа денеска во руски напад врз две училишта и станбени згради во северниот украински град Чернигов, соопшти украинската служба за спасување.

19:10 – Постигнат договор меѓу Киев и Москва, ќе има и трета рунда преговори

Киев и Москва договориле продолжување на преговорите, а се планира третата рунда на преговорите да се одржи што е можно побрзо.

Украина и Русија договориле обезбедување на хуманитарен коридор за евакуација на граѓани, испорака на храна и лекови, рекол советник на шефот на кабинетот на Зеленски, Михаил Подољак.

17:56 – Макрон по разговорот со Путин: Најлошото во Украина допрва доаѓа

Францускиот претседател Емануел Макрон смета дека „најлошото допрва доаѓа“ во Украина по денешниот разговор со рускиот претседател Владимир Путин, кој ја изрази „својата голема одлучност“ да продолжи со офанзивата со цел „да ја преземе контролата“ во целата земја, соопшти Елисејската палата.

17:55 – Продолжуваат борбите околу најголемата нуклеарна електрана во Украина

Борбите за најголемата нуклеарна електрана во Украина, лоцирана во град Енерходар, се уште траат.

Градоначалникот на Енерходар Дмитро Орлов, каде се наоѓа најголемата нуклеарната централа, изјави дека руските сили се на работ од градот и дека украинските сили се борат да го одбранат.

17:37 – Зеленски: Ако падне Украина, следни ќе бидат балтичките земји

Украинскиот претседател Володомир Зеленски денеска го повика Западот да ја зголеми воената помош за Украина.

16:29 – Почна втората рунда преговори меѓу Украина и Русија

Прекин на огнот, примирје и воспоставување на хуманитарни коридори за евакуација на цивилите, се трите главни прашања на агендата на втората рунда украинско-руски преговори, што започна денеска на полско-белоруската граница.

16:04 – Кишида: Јапонија ги засилува санкциите кон Русија

Јапонија ќе го замрзне имотот на руските олигарси блиски до претседателот Владимир Путин, додека Токио ги заострува санкциите поради руската инвазија на Украина, објави денеска јапонскиот премиер Фумио Кишида.

15:27 – Путин: Целите на воената операција ќе бидат реализирани

Рускиот претседател Владимир Путин во денешниот телефонски разговор со претседателот на Франција, Мануел Макрон, изјави дека „целите на воената операција во секој случај ќе бидат реализирани“.

14:55 – Башелет: Целото човештво е во опасност од руската нуклеарна закана

Високата комесарка на Обединети нации за човекови права Мишел Башелет истакна дека руската инвазија врз Украина ќе има „огромно влијание“ врз правата на милиони луѓе.

14:37 – На помош доаѓаат 16.000 странски доброволци, велат од украинската армија

Украинската армија објави дека дури 16.000 странски доброволци пристигнуваат да им помогнат во борбата против руската инвазија.

14:26 – Трет телефонски разговор Макрон – Путин

Претседателот на Франција, Мануел Макрон денеска три часа телефонски разговараше со рускиот претседател Владимир Путин, соопшти Елисејска палата.

14:08 – Кулеба: Според некои информации, Русите ги насочиле ракетните системи кон нивна територија, за да ја обвинат Украина

Украинскиот министер Дмиртро Кулеба на Твитер објави дека, според некои информации, Русите ги насочиле ракетните системи кон сопствена територија, во руското погранично село Поповка.

14:04 – Украинската делегација со хеликоптер пристига на преговори

Украинската делегација патува со хеликоптер за да се сретне со руските колеги на втората рунда разговори, изјави за Ројтерс советник на украинскиот претседател.

13:57 – УНЕСКО длабоко загрижена за случувањата во Украина

УНЕСКО е длабоко загрижена за случувањата во Украина и работи на проценка на штетата во сите области од својата надлежност, особено во областа на образованието, културата, наследството и информациите и спроведување на итни мерки за помош

13:56 – ЕУ го чека „ефектот“ од санкциите врз Русија и планира нови

Европската унија чека да го види ефектот од веќе наметнатите санкции врз Русија пред да донесе нови, но паралелно веќе работи на нови чекори кои би можеле да вклучуваат и руски крипто имот, изјавија денеска официјални претставници од Брисел.

13:54 – Кулеба до НАТО: Ако не го затворите воздушниот простор сега, крвта на Украинците ќе биде на вашите раце

Партнерите да го затворат воздушниот простор над Украина, инаку, крвта на Украинците, убиени од Русија, ќе биде на нивните раце, нагласи украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба.

13:54 – ЕК: Процесот на проширување на ЕУ со Украина треба да се одлучи на највисоко ниво

Европската комисија денеска порача дека аспирациите за членство во ЕУ на Украина се легитимни, и дека сега е на лидерите да се справат со ова прашање.

13:36 – Проглас на историчари од регионот против фалсификување на историјата поврзана со Украина

Историчарите од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Македонија, Словенија и Србија, потписнички на Декларацијата #Одбрани ја историјата, го осудија фалсификувањето на историјата, нејзината злоупотреба и употребата на селективни историски аргументи за оправдување на воената политика и агресијата против суверената и меѓународно призната држава Украина

13:27 – Франција ја заплени суперјахтата на шефот на руската државна нафтена компанија

Франција ја заплени суперјахтата за која тврди дека е поврзана со рускиот олигарх Игор Сечин. Информацијата ја потврди францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер.

13:19 – Украина бара затворање на воздушниот простор над нуклеарните централи

Украина ја замоли Меѓународната агенција за атомска енергија, да побара помош од НАТО, за да се затвори воздушниот простор над подрачјата каде се наоѓаат нуклеарните централи.

12:45 – Борел: ЕУ повикува на итен прекин на огнот во Украина

Европската унија повикува на итен прекин на огнот во Украина, изјави денеска шефот на дипломатијата на ЕУ Жозеп Борел.

12:43 – Дел од српската опозиција го осуди гласањето на Србија за резолуцијата на ОН за Русија

Српското движење Двери го оцени како „непријателски чин“ тоа што Србија во Обединетите нации гласаше за резолуција против Русија.

12:38 – Санкциите би можеле да го нарушат снабдувањето со лекови во Русија

Западните производители на лекови и медицински помагала планираат да продолжат да извезуваат во Русија, но нивните планови би можеле да се искомплицираат со економските санкции по рускиот напад врз Украина, кои ги отежнуваат плаќањата.

12:37 – Чешка воведува вонредна состојба поради бегалците од Украина

Чешката влада прогласи вонредна состојба во траење од 30 дена поради зголемениот број на бегалци од Украина.

12:36 – Градоначалникот на Киев: Ситуацијата е тешка, но, под контрола

Ситуацијата во Киев е „тешка, но, под контрола“, изјави денеска, градоначалникот на главниот град на Украина, Витали Кличко.

12:32 – Преговорите меѓу Украина и Русија продолжуваат во 13 часот денеска

Белоруската државна агенција Белта предмалку јави дека преговорите меѓу делегациите на Украина и Русија за прекин на воените дејствија и барањето излез од исклучително комплицираната ситуација продолжуваат денеска, во 13 часот, на место во непосредна блиизна на градот Гомел, на украиснко-белоруската граница.

11:56 – Украинско МНР: Шрапнел уби 14-годишно момче во Украина

Арсен (14) го загуби животот од повреди од шрапнел, соопшти украинското Министерство за надворешни работи.

11:56 – Лајен најави дополнителни мерки против Русија доколку ситуацијата се влоши

Европската унија ќе преземе дополнителни чекори против Русија доколку ситуацијата во Украина се влоши, најави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

11:56 – Кина: Извештаите за кинеско-руска координација пред рускиот напад на Украина се „лажни вести“

Кинеското министерство за надворешни работи денеска соопшти дека извештаите за кинеско-руска координација пред рускиот напад на Украина се „лажни вести“.

11:48 – Зеленски: Русиja ќе ја плати сметката за сите штети во Украина

Украинскиот претседател Владимир Зеленски им вети на Украинците дека ќе се плати штетата врз инфраструктурата во зенговата земја предизвикана од инвазијата на руските сили и дека цената за тоа ќе ја плати Москва.

11:46 – Карл Билд: Шведски ловци пресретнале руски бомбардери над Балтичкото Море

Два ловци СУ27 и два ловци-бомбардери СУ24 на руските воздухопловните сили накусо го нарушиле воздушниот простор на Шведска над Балтичкото Море.

11:37 – ВИДЕО: Ова е морничавото оружје што Русите го испратија во Украина – ТОС-1

Ова оружје функционира така што со првата детонација го отвора резервоарот за гориво и го распрснува горивото како облак што може да навлезе во секоја зграда, бункер или тунел што не е херметички затворен.

11:16 – Повеќе од 575.000 Украинци досега избегале во Полска

Според ОН, повеќе од еден милион луѓе ја напуштиле Украина откако почна руската инвазија, додека ЕУ проценува дека до четири милиони луѓе може да се обидат да ја напуштат земјата.

11:15 – Роскосмос одби да лансира интернет-сателити поради британските санкции

Руската државна вселенска агенција Роскосмос одби да лансира интернет-сателити „Уанвеб“ (OneWeb), барајќи гаранции дека нема да се користат за воени цели и барајќи од Велика Британија да го продаде својот удел во компанијата.

11:07 – Лавров: Трета светска војна би била нуклеарна

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека американскиот претседател Џо Бајден рекол дека единствената алтернатива на санкциите е трета светска војна, на што тој се надоврза и порача дека трета светска војна може да биде само „нуклеарна војна“.

10:59 – Харченко за „Вечерње Новости“: Конфликтот во Украина нема да се претвори во трета светска војна

Рускиот амбасадор во Србија Александар Боцан Харченко изјави дека односот на неговата земја кон Косово нема да се промени, без разлика што Москва го признала суверенитетот на Доњецк и Луганск и оти тоа нема да го бара од Србија.

10:46 – (ВИДЕО) Лавров: Нашата цел е да се ослободиме од нацистите во Украина

На прес-конференција Лавров ја спореди Америка со нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер.

10:41 – (ВИДЕО) Зеленски до руските војници: Во Украина немате што да правите, одете дома

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно и се обрати на нацијата преку видео порака објавена на неговиот официјален Фејсбук профил.

10:33 – ВИДЕО: Руски војници со бомби во рацете се заканија дека ќе го израмнат градот до земја

Тензични сцени во градот Конотоп во североисточна Украина, во регионот Суми недалеку од границата со Русија.

10:25 – „Тајм“ им оддава почит на Зеленски и Украина

Во новото издание, списанието Тајм оддаде почит на Украина и нејзиниот претседател Волдомир Зеленски. Насловната страна е украсена со боите на украинското знаме.

10:23 – Британскиот „Телеграф“: Повици до Меркел да разговара со Путин

Сè повеќе има повици до поранешната германска канцеларка Ангела Меркел да се врати од пензија и да разговара со рускиот претседател Владимир Путин за ставање крај на конфликтот во Украина, пишува британскиот дневен весник „Телеграф“.

10:19 – Убиени се 9.000 руски војници, тврди Украина

Украина објави нови податоци за загубите на Русите.

10:13 – Се затвора руското радио „Ехо на Москва“, критички настроено кон Владата

Популарното радио „Ехо на Москва“ (Ekho Moskvy), што е критички настроено кон Владата, ќе биде затворено. Информацијата ја објави денеска, главниот и одговорен уредник, Алексеј Венедиктов.

09:54 – Захарова: Ова е сеопшта хистерија

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска изјави дека реакцијата на светската заедница на потезите на Русија, вклучувајќи ја и изгласаната резолуиција на Генералното собрание на ОН, е хистерична

09:51 – Украински „Енергоатом“ за шест дена генерирал загуби од 54 милиони евра

а шест дена од почетокот на воените дејствија украинската Национална компанија за нуклеарно производство на електрична енергија „Енергоатом“ има генерирано загуби од околу 18 милијарди гривни или околу 54 милиони евра.

09:48 – Британија: Огромниот руски конвој напредува бавно кон Киев

Според проценката на британската воена разузнавачка служба, во последните три дена е постигнат само мал напредок во движењето на огромниот руски конвој кој се приближува до Киев.

09:47 – Ле Дриан: Најлошото можеби е пред нас во војната во Украина

Можно најлошото допрва ни претстои во војната што ја води Русија во Украина, изрази голема загриженост, францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан

09:42 – Командант на украинската војска: Соборивме руски воен авион

Главниот командант на украинската армија, генерал Валериј Залужни изјави дека украинските сили штотуку собориле руски авион СУ-30 над Ирпин кај Киев.

09:30 – Франција им препорачува на своите државјани да ја напуштат Русија

Француското Министерство за надворешни работи денеска им препорача на своите државјани, чие присуство во Русија не е суштинско, да ја напуштат земјата

09:26 – Јохансон: Треба да се подготвиме за пристигнувањето на милиони бегалци од Украина

ЕУ мора да се подготви за пристигнување на милиони бегалци од Украина, предупреди денеска еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон.

09:26 – Ле Дриан: Франција денеска на СБ на ОН ќе му предложи резолуција за прекин на огнот во Украина

Франција денеска ќе му предложи на Советот за безбедност на Обединетите нации усвојување на резолуција со која се бара прекин на огнот во Украина, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан.

09:25 – Орбан: Унгарија нема да стави вето на санкциите против Русија

Унгарија нема да стави вето на санкциите на Европската унија против Русија, а единството на 27-члениот блок е најважно со оглед на војната во Украина, која Унгарија недвосмислено ја осудува, изјави премиерот Виктор Орбан.

09:22 – Германија ќе и испорача на украинската армија противавионски ракети „Стрела“

Германија одобри испорака на 2.700 противавионски ракети за украинската армија, рачни лансери од типот „Стрела“ од советско производство и оружените сили на поранешна Демократска Република Германија.

09:21 – Руските експерти го напуштија вселенскиот центар во Француска Гвајана

09:21 – Членка на мисијата на ОБСЕ во Украина загинала во бомбардирањето на Харков

Украинската членка на мисијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), марина Фенина, загинала за време на руското бомбардирање на Харков, соопшти синоќа организацијата.

09:10 – ВИДЕО: Ракетиран брод, загина член на екипажот

Украинските медиуми јавуваат дека еден член на екипажот загинал во ракетен напад на бродот „Банглар Самридху“, кој пловел под знамето на Бангладеш во близина на црноморското пристаниште Олвија во Украина.

09:05 – Во метрото во Киев сместени околу 15.000 луѓе

Виктор Брахински за украинските медиуми изјави дека метрото има капацитет да прими до 100.000 луѓе.

09:04 – ВИДЕО: Русите погодиле голем магацин за дизел

Украинската служба за итни ситуации соопшти дека руските сили утрово околу 8:10 часот со граната погодиле складиште за гориво.

09:00 – Сепаратистите од Доњецк се закануваат со нов напад на Мариупол

„Проруските сили би можеле да извршат целни напади врз јужниот украински град Мариупол, освен ако украинските сили таму не се предадат“, изјави денеска командантот на сепаратистите од Доњецк, Едуард Басурин, пренесе Интерфакс.

08:36 – Нови сателитски снимки од руското уништување на Украина

Нови сателитски снимки објавени од Maxar Technology го покажуваат пустошот предизвикан од руските напади северно од Киев.

08:31 – Украина очекува активна помош од меѓународните организации за хуманитарни коридори

Украина очекува активна помош од меѓународните организации, вклучувајќи го и ОБСЕ, во создавањето на хуманитарни коридори.

08:30 – САД: Русија ги блокира независните медиуми и социјалните мрежи

Соединетите Американски Држави ја обвинија Русија дека започнала „целосна војна против слободата на медиумите и вистината“

08:16 – Американското разузнавање нема индикации за евентуално вклучување на белоруската армија во конфликтот во Украина

Министерството за одбрана на САД не гледа индикации дека армијата на Белорусија се вклучува или се подготвува за ангажман во воените дејствија во Украина.

08:07 – Анонимус: Од руската служба за безбедност протекоа информации за атентат на Зеленски

Oд руската Федерална служба за безбедност „протекоа“ информации за атентат на украинскиот претседател Володимир Зеленски, објави хакерскиот колектив Анонимус.

08:00 – Блинкен: Америка е подготвена за преговори, ако Русија ја повлече војската

САД се подготвени за дијалог за Украина доколку Русија ја повлече својата војска, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

07:55 – Милион луѓе избегале од Украина за една недела, „Ова е егзодус“, вели висок комесар на ОН

Милион луѓе избегаа од Украина во соседни земји од почетокот на рускиот напад пред една недела, изјави денеска високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди.

07:54 – Путин и Бенет разговараа за ситуацијата во Украина

Рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговарал со премиерот на Израел Нафтали Бенет и го појаснил официјалниот став на Москва за ситуацијата во Украина, соопшти прес-службата на Кремљ, наведувајќи дека разговорот бил на барање на израелски премиер.

07:47 – Денеска втора рунда преговори меѓу Москва и Киев

Денеска се очекува да се одржи втора рунда преговори меѓу Москва и Киев, фокусирана на прекин на огнот, една недела по руската инвазија врз Украина.

07:44 – (ВИДЕО) Зеленски: Ги победивме Русите без оружје, се повеќе од нив бегаат назад во Русија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и се обрати на нацијата преку Фејсбук.

07:38 – МКС започнува истрага за ситуацијата во Украина

Меѓународниот кривичен суд во Хаг (МКС) соопшти дека покренува истрага за ситуацијата во Украина, пренесува „Гардијан“.

07:37 – Светска банка ги суспендира сите проекти во Русија и Белорусија

Светска банка ги суспендира сите свои тековни проекти во Русија и Белорусија како одговор на инвазијата врз Украина, објавија западните медиуми.

07:30 – Украински Генералштаб: Поседуваме руски воен план

Генералштабот на украинската армија тврди дека дошол во сопственост на руски воен план на 810-та поморска бригада на Црноморската воена флота, според кој, наводно, идејата била да се покори Украина за 15 дена, објави украинска „Правда“.

07:29 – Градоначалникот на Херсон призна дека градот паднал, откри детали од разговорите со Русите

Руски војници се во Херсон и насилно влегле во зградата на градскиот совет, изјави градоначалникот на тој град.

07:21 – „Мерцедес-Бенц“ го прекина извозот во Русија

Германскиот производител на автомобили Мерцедес-Бенц го прекина извозот на автомобили во Русија и го запре нивното производство во земјата.

 

02/03/2022

21:08 – Голема експлозија го потресе Киев, може да биде погодено централното греење

Голема експлозија одекнала вечерва во Киев, набргу откако се огласија предупредувачките сирени во главниот град на Украина.

20:50 – Емануел Макрон за војната во Украина „Наредните денови веројатно ќе бидат уште потешки“

„Деновите што доаѓаат веројатно ќе бидат уште потешки“, го започна своето обраќање до француската нација, претседателот Емануел Макрон, кој ја пофали „честа и храброста“ на украинскиот претседател Володимир Зеленски. „Во ова невидена искушение ние стоиме со Украина“, јави дописникот на МИА.

18:54 – Руско Министерство за одбрана: Руските вооружени сили уништија повеќе од 1.500 воени цели во Украина

Руските вооружени сили уништија повеќе од 1.500 воени цели од почетокот на специјалната воена операција во Украина, вклучувајќи 13 борбени авиони и 47 беспилотни летала, соопшти денеска руското Министерство за одбрана.

„За време на досегашните воени операции, уништени се 1.533 воени цели “, изјави на денешната прес-конференција, портпаролот на Министерството за одбрана Игор Конашенков.

18:44 – Русија и Украина утре ќе преговараат за прекин на огнот

„Украинската делегација веќе го напушти Киев. Очекуваме тие да бидат тука утре наутро за разговори за прекин на огнот “, рече Владимир Медински.

18:37 – Генералното собрание на ОН „бара“ Русија итно да се повлече од Украина

Генералното собрание на ОН со големо мнозинство денеска усвои резолуција со која „бара“ Русија „итно“ да се повлече од Украина, како силен укор за инвазијата на Москва од страна на глобалното тело задолжено за мир и безбедност.

17:51 – Косовско МНР: Тројца Косовари ја напуштија Украина, четиричлено семејство на пат за Унгарија

Косовското Министерство за надворешни работи објави денеска дека тројца косовски државјани ја напуштиле Украина, која е под воена агресија од Русија, додека четиричлено семејство од Косово е на пат да излезе од таа земја и да премине во Унгарија, јави дописникот на МИА од Приштина.

16:45 – УНХЦР: Приближно 875.000 луѓе ја напуштија Украина

Бројот на украинските бегалци се искачи на речиси 875.000, соопштија денеска Обединети нации, во седмиот ден од руската инвазија врз Украина.

На интернет-страницата на Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР) досега вкупно 874.026 луѓе ја напуштиле Украина.

16:25 – Белоруски медиуми: Руската делегација патува кон местото на одржување преговори со украинската страна

Белоруската новинска агенција Белта јави дека руската делегација патува на местото каде што ќе се водат преговорите со украинската страна.

Точната локација на разговорите се уште не е откриена.

15:41 – Eмануел Макрон вечерва ќе им се обрати на Французите за војната во Украина

Емануел Макрон вечерва во 20 часот ќе и се обрати на нацијата со говор, посветен на војната во Украина, јави дописникот на МИА.

– Драги сонародници, ќе ви се обратам вечерва во 20 часот за војната во Украина, објави Макрон на својот профил на Твитер.

15:09 – Украинското Министерство за одбрана бара од руските мајки да си ги земат заробените руски војници

Украинските власти денеска ги повикаа загрижените мајки на руските војници заробени на бојното поле да дојдат и да ги земат своите синови.

14:47 – ВИДЕО: Крстосувачки проектил ја погоди зградата на локалниот градски совет во Харков

Руски крстосувачки проектил ја погоди зградата на локалниот градски совет во Харков. Оваа вест ја потврди заменик-гувернерот на регионот, Роман Семенука

14:42 – Двајца украински фудбалери загинаа во руската инвазија

Двајца украински фудбалери загинаа во руско-украинската војна, објави во вторникот Светската унија на играчите (ФИФПРО).

14:40 – Втората рунда преговори меѓу Русија и Украина ќе се одржи вечерва, потврди Киев

Втората рунда преговори меѓу Русија и Украина ќе се одржи вечерва, потврди денеска советникот на шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Алексеј Арестович.

14:12 – Во ЕУ стапи во сила забраната за емитување на РТ и на Спутник

Во земјите-членки на Европска Унија од денеска стапува во сила забраната за емитување на руските државни медиуми „Раша тудеј“и „Спутник“.

14:11 – ВИДЕО: Маж вее украински знамиња пред руските тенкови во Херсон

Откако Русите објавија дека го зазеле Херсон, најголемиот град досега, на Твитер се појави видео на кое маж вее украински знамиња пред руските тенкови.

13:57 – Седум руски банки исклучени од СВИФТ

Како дел од зајакнувањето на санкциите на Европска Унија против Русија по инвазијата на Украина, седум руски банки се исклучени од меѓународната мрежа за размена на пораки за банкарски трансакции СВИФТ (SWIFT), објавено е денеска во службен весник на ЕУ.

13:56 – Џонсон: Русија е веќе виновна за „воено злосторство“ во Украина

Британскиот премиер Борис Џонсон денеска го нарече рускиот претседател Владимир Путин воен злосторник и побара едногласност на ОН да ја осудат руската инвазија врз Украина.

13:48 – Рогозин: Хакирање на сателитите за Роскосмос ќе значи оправдување за војна

Директорот на руската вселенска агенција Роскосмос, Дмитриј Рогозин денеска изјави хакирањето на кој било од нејзините сателити како оправдување за војна.

13:31 – Руски амбасадор во Белград тврди дека Русија не ја притиска Србија за санкциите

Рускиот амбасадор во Белград Александар Боцан-Харченко изјави дека секоја поддршка за Русија е важна, дури и од Србија, но дека за разлика од Западот, тие не вршеле притисок врз српските власти кога е донесена одлука за санкции против Русија поради инвазијата на Украина

13:29 – Папата Фанциск со повик до верниците преку молитва да се сетат на Украинците во скривниците

Папата Франциск денеска за време на општа аудиенција ги повика луѓето од целиот свет да се сетат на Украинците во засолништата, истовремено заблагодарувајќи се на Полска што примила толкав број бегалци.

13:24 – Украинските бегалци добиваат право на престој и работа во ЕУ во следните три години

Европската комисија денеска предложи активирање на Директивата за привремена заштита на украинските бегалци, со која се овозможува издавање дозволи за престој, право на работа, социјална и здравствена заштита и образование.

13:16 – Вучиќ: Ситуацијата се влошува, преземаме мерки за да обезбедиме нормален живот

Ситуацијата во Европа и светот станува се потешка поради конфликтот во Украина и затоа српското раководство ги презема сите неопходни мерки за да обезбеди нормален живот на граѓаните на нашата земја, изјави во видео обраќањето српскиот претседател Александар Вучиќ

12:52 – ЕУ одобри нови санкции против Белорусија

Европската унија денеска воведе нови санкции против Белорусија поради нејзината улога во руската инвазија врз Украина, соопшти француското претседателство со Советот на ЕУ.

12:51 – Кличко: Голем број тенкови доаѓаат од Белорусија, Киев се подготвува за одбрана

Ситуацијата останува тензична. Во моментов голем број тенкови се приближуваат кон главниот град на Украина од правец на Белорусија, изјави градоначалникот на Киев Виталиј Кличко за телевизијата Украина 24.

12:51 –(ВИДЕО) МААЕ: Најголемата нуклеарна централа во Украина е под контрола на руските сили

Најголемата нуклеарна централа во Украина е под контрола на руските сили, соопшти денеска, Рафаел Гроси, шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ)

12:41 – Захарова: Протерувањето на руските дипломати од ОН е ескалација на односите предизвикани од Вашингтон

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека Русија жали поради протерувањето на 12 руски дипломати од ОН.

12:17 – Анкета: Осумдесет проценти од Украинците се подготвени со оружје да ја бранат татковината

Најновата анкета на украинската агенција Рејтинг покажува дека 80 проценти од Украинците се подготвени со оружје да ја бранат Украина

12:11 – Германскиот канцелар Шолц повика на продолжување на мировните преговори меѓу Русија и Украина

Германскиот канцелар, Олаф Шолц, ги повика Русија и Украина да продолжат со мировните преговори за прекин на конфликтот.

12:10 – Израел прифати група украински еврејски сираци на романската граница

Повеќе од 100 еврејски сираци спасени од украинскиот град Житомир биле прифатени од израелските власти на границата со Романија, соопшти израелската дипломатска служба.

11:55 – СЕ: Русија мора веднаш да престане да убива луѓе во Украина

Советот на Европа преку соопштение побара Русија веднаш да престане со убиствата и страдањата на луѓето во Украина, наведувајќи оти рускиот воен напад сее смрт и уништување во срцето на Европа.

11:43 – Песков: Ние сме подготвени вечерва да ги продолжиме преговорите

Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков денеска јави дека руската делегација е подготвена за продолжување на преговорите со украинската страна, но одби да прецизира на која локација ќе се одржи средбата, пренесува Тасс.

11:41 – Градоначалникот на Херсон бара помош за да се воспостави „зелен коридор“ за евакуација од градот

Градоначалникот на Херсон Игор Коликаев на Фејсбук побара помош од сите медиуми со цел да се воспостави „зелен коридор“ во градот преку кој би се евакуирале ранетите, да се изнесат загинатите и да се достават лекови и храна до градот.

11:35 – Навални: Сите да излезат на улица и да се борат за мир

Рускиот опозиционер, кој е во затвор, Алексеј Навални на Твитер објави свое видување за војната во Украина и ситуацијата во Русија.

11:33 – Дачиќ: Србија нема да ја усогласи својата политика со ЕУ за санкциите против Русија

Ивица Дачиќ изјави дека по повод руската инвазија на Украина се очекува Србија „да застане на нечија страна“, вклучително и да ја усогласи надворешната политика со ЕУ, оценувајќи дека тоа не е во интерес на Србија

11:33 – Словенија се подготвува за евентуален бран бегалци од Украина

Во Словенија освен поединечни случаи речиси и да нема бегалци од Украина, но хуманитарните установи, организации и владините служби за подготвуваат за евентуален бран луѓе од украинските региони зафатени со судирите.

11:23 – Медиуми: Заемањето на Херсон би било исклучително важно за Русија

Доколку се потврди заземањето на украинскиот град Херсон, а засега таа информација доаѓа само од руското Министерство за одбрана, тоа би било од големо стратешко значење за Русија, пренесува Хина.

11:22 – ЕУ смета на Србија за гласањето во Обединетите нации за агресијата на Русија

Шефот на делегацијата на Европската унија во Србија Емануел Жофре и шефовите на мисиите на земјите-членки на ЕУ во Белград во заеднички авторски текст во денешен Курир порачаа дека сметаат на Србија на гласањето „за резолуцијата на Обединетите нации (ОН) за руската агресија врз Украина“

11:14 – ЕУ работи на четврт круг санкции против Русија

Европската унија развива четврти пакет санкции против Русија поради нејзината воена операција во Украина, изјави денеска австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг.

10:57 – Црна Гора се приклучува на санкциите на ЕУ против Русија

Црногорското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека земјата се приклучила на санкциите што Европската унија ги воведе против Русија по нејзиниот напад врз Украина.

10:51 – „Виз Ер“ нуди бесплатен превоз за 100.000 украински бегалци

Нискобуџетната европска авиокомпанија „Виз Ер“ (Wizz Air) најави дека ќе обезбеди 100.000 бесплатни места во своите авиони за превоз на украински бегалци.

10:49 – Московската берза трет ден не работи, дозволени само ограничени финансиски операции

Трет ден по ред Московската берза останува затворена за тргување, соопшти денеска Руската централна банка. Истовремено е најавено дека сепак во текот на денот ќе бидат дозволени ограничени финансиски операции.

10:46 – Украина демантира дека Русите го освоиле Херсон

Украинското Министерство за одбрана ги демантираше информациите дека јужниот град Херсон паднал во рацете на Русите, јави дописникот на Си-Ен-Ен од Киев.

10:32 – Окупацијата на Украина ќе биде „многу тешка“ за Русија, вели британскиот секретар за одбрана

Британскиот секретар за одбрана Бен Валас оцени дека Русија се соочува со „голем предизвик“ да влезе во поголемите градови на Украина

10:14 – Се евакуира грчкиот конзулат во Мариупол

Персоналот од конзулатот на Грција во Мариупол, заедно со грчките новинарски екипи денеска ќе бидат евакуирани од украинскиот град, а предвидено е да остане еден дипломат, за конзулатот да продолжи да работи

10:13 – Украинската инвазија може да ги дестабилизира светските резерви на храна, предупредува ОН

Светските резерви на храна би можеле да бидат загрозени како домино ефект од руската инвазија на Украина, посочуваат хуманитарните организации

10:10 – Украинскиот министер за одбрана телефонски разговарал со американскиот колега

Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников разговарал со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, информира украинскиот функционер на Фејсбук.

10:08 – Руските сили извршиле напад со прецизно оружје врз објектите на украинските разузнавачки служби

Руските оружени сили со прецизно оружје ги погодиле објектите на Украинската служба за безбедност и 72-от Центар за информациско-психолошки операции во Киев, соопшти денеска портпаролот на руското Министерство за одбрана, генерал-мајорот Игор Конашенков.

09:56 – Јужна Кореја блокира седум руски банки

Јужна Кореја ќе забрани финансиски трансакции со седум големи руски банки и нивните подружници и со тоа ќе се приклучи на санкциите што Западот ги воведе против Русија.

09:55 – Кастрати: Лудилото на Путин не оди дотаму да употреби нуклеарно оружје

Поранешниот командант на Безбедносните сили на Косово (ФСК), Кадри Кастрати изјави дека не верува оти рускиот претседател Владимир Путин може да нареди напад со нуклеарно оружје против Украина или било која држава во светот

09:54 – Зеленски на седмиот ден од војната во Украина: Русија сака да не избрише

– Тие не знаат ништо за Киев, за нашата историја. Но, сите имаат наредба да ја избришат нашата историја, да ја избришат нашата земја, да не избришат сите нас, рече Зеленски.

09:53 – Русија тврди дека зазела град во јужна Украина

Руското Министерство за одбрана соопшти дека руски војници го зазеле градот Херсон во јужна Украина.

09:23 – „Твитер“ нема да пренесува содржини на руските државни медиуми на просторот на ЕУ

Социјалната мрежа „Твитер“ соопшти дека ќе ги почитува санкциите што Европската унија ги воведе против руските државни медиуми „РТ“ и „Спутњик“ веднаш штом одредбата стане правосилна.

09:13 – ВИДЕО: Украинец од зграда снимал руски тенк, овој пукал во негова насока

На видеото објавено на социјалните мрежи се гледа како човек снима руски тенк додека минува низ градските улици. Само неколку секунди подоцна тенкот пука кон зградата од каде е снимено видеото.

09:05 – Зеленски: Преговори откако ќе запре бомбардирањето на цивили

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека Русија мора да престане да ги бомбардира украинските градови пред да започнат преговорите за целосен прекин на огнот, откако првата рунда разговори меѓу двете страни не успеа.

08:49 – ВИДЕО: Најмалку 21 жртва, 112 ранети во гранатирање на Харков

Најмалку 21 лице загина, а 112 се ранети во гранатирања на источниот украински град Харков во последните 24 часа, соопшти регионалниот гувернер Олег Синегубов.

08:46 – Трудо: Канада ќе испорача противтенковско оружје за Украина

Противтенковско оружје и напредна муниција ќе и испорача Канада на Украина како поддршка во борбата против руската агресија.

08:45 – Рускиот милијардер Михаил Фридман ќе ги обжали санкциите на ЕУ

Руската економија се соочува со една од најтешките кризи од распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година откако Запад воведе санкции против целиот руски финансиски и корпоративен систем.

08:44 – Мајничи Шимбун: Околу 70 Јапонци доброволно се пријавиле да се борат за Украина

Околу 70 Јапонци одговориле на украинскиот повик за странски доброволци да се борат против руската инвазија, јавуваат денеска западни медиуми.

08:43 – Поранешниот шеф на руската дипломатија Андреј Козирев ги повика руските дипломати на бојкот на политиката на Путин

„Ги повикувам сите руски дипломати да поднесат оставки во знак на протест поради војната во Украина“, напиша Козирев на Твитер.

08:42 – Западни медиуми: Се повеќе земји од ЕУ воведуваат забрана за закотвување на руски бродови во нивните пристаништа

Сè повеќе земји-членки на ЕУ размислуваат за забрана за закотвување на руски бродови во нивните пристаништа, засилувајќи ги санкциите по забраната за воздушниот сообраќај со Русија

08:31 – Американ Експрес го прекинува работењето со руски банки

Американ Експерс се приклучи на растечката листа на големи финансиски институции кои ги прекинуваат врските со Русија поради нејзината инвазија врз Украина.

08:27 – Иранскиот врховен лидер ги критикуваше САД поради украинската криза

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, изјави дека војната во Украина мора да престане и за кризата ги обвини САД кои ги нарече „мафијашки режим“.

08:21 – Турција не планира да воведе санкции против Русија

Анкара не планира да воведе санкции против Москва, со цел комуникацискиот канал со Русија да остане отворен, изјави советникот на турскиот претседател, Ибрахим Калин.

08:17 – Украина: Русија истрелала 113 крстосувачки ракети врз Украина од почетокот на инвазијата

Од почетокот на руската инвазија, Русија кон Украина истрела 113 крстосувачки ракети, вклучувајќи и Искандер, соопшти украинскиот владин Центар за стратешка комуникација и информации на Твитер.

08:15 – Трас: Велика Британија и воведува санкции на Белорусија поради Украина

Велика Британија воведува санкции кон Белорусија поради улогата на оваа земја во рускиот напад врз Украина, соопшти синоќа британската Влада.

08:13 – Советот на Европа гласаше за исклучување на некои руски банки од СВИФТ

Советот на Европската унија вчера изгласа санкции за исклучување на некои руски банки од системот СВИФТ, се наведува на официјалниот Твитер профил на француското претседателство со Советот на ЕУ.

08:04 – Билчик и Фајон: Србија да се усогласи со политиката на ЕУ и да воведе санкции кон Русија

Европратениците Владимир Билчик и Тања Фајон изјавија дека очекуваат Србија целосно да се усогласи со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската унија (ЕУ), која вклучува воведување санкции против режимот на рускиот претседател Владимир Путин

07:59 – Русија забрани изнесување на готовина над 10.000 долари од државата

Руските граѓани веќе не можат да ја напуштат земјата со над 10.000 долари во странска валута во рака, откако претседателот Владимир Путин издаде таков декрет.

07:55 – (ВИДЕО) Бајден: Путин и руските олигарси ќе одговараат за своите злодела

Претседателот на САД Џо Бајден својот говор за состојбата на нацијата синоќа го започна со остра осуда на рускиот претседател Владимр Путин за неговата воена агресија во Украина и се закани дека ќе го заплени „нечесно“ стекнатото богатство на руските олигарси.

07:44 – ВИДЕО: Украинската војска соопшти дека руските сили извршиле воздушен десант на Харков

Украинската војска потврди дека руските падобранци слетале во Харков во обид да го заземат опколениот град, јави Би-Би-Си.

07:36 – Би-Би-Си: Јужниот украински град Керсон, наводно, веќе е во рацете на Русија

Во најновите борби во Украина, јужниот град Керсон – со население од околу 250 илјади луѓе, според медиумски извештаи паднал во рацете на руските војници, јавува Би-Би-Си, посочувајќи дека се уште нема официјална потврда.

07:30 – (ВИДЕО) Украина: Ракетиран градот Житомир, загинаа четири лица

Објавени се видео снимки од ракетирањето на станбени населби синоќа во Киев и Житомир, град во северозападна Украина.

01/03/2022

22:06 – Анкара: Преговорите Русија-Украина веројатно нема да продолжат утре

Малку е веројатно дека украинската и руската делегација ќе се сретнат на утрешните планирани разговори, бидејќи барањата на Москва за прекин на инвазијата се „нереални“, соопшти кабинетот на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

21:54 – Блумберг: ЕУ исклучува седум руски банки од СВИФТ

Амбасадорите на ЕУ се согласија да ги исклучат банките ВТБ, Русија и Откритие, како и Novikombank, Promsvyazbank, Sovcombank и VEB.Russia од системот СВИФТ, објави денеска новинската агенција Блумберг, повикувајќи се на договорената листа.

20:47 – Полска ќе прими 2.000 украински сирачиња

Католичката хуманитарна организација Каритас Полска соопшти дека ќе прими 2.000 деца од украинските сиропиталишта. Првата група од 300 деца се очекува да пристигне утре.

– На нашите источни соседи им се заканува хуманитарна катастрофа која брзо се приближува. Одлучивме да одговориме на кризата во Украина и да обезбедиме засолниште за најранливите во нашата земја, изјави денеска директорот на полскиот Каритас, Марцин Изицки.

20:28 – Зеленски остро до Бајден: Кажи нешто корисно

Во интервјуто, Зеленски рече дека се додека продолжуваат нападите на Москва врз украинските градови, може да се постигне мал напредок во разговорите меѓу двете нации.

19:28 – Русија подготвува „провокација“ за да го оправда распоредувањето на белоруски сили долж границата со Украина

Русија подготува намерна „провокација“ за да го оправда распоредувањето белоруски сили долж границата со Украина на потегот Пинск-Иванава-Дрогочин, соопшти Генералштабот на вооружените сили на Украина, повикувајќи се на податоци од Главната разузнавачка агенција.

19:22 – Европскиот Парламент препорачува да и се додели кандидатски статус на Украина

Европратениците во огромно мнозинство ја поддржаа резолуцијата со која се бара да и се додели кандидатски статус за членство во ЕУ на Украина, јави дописничката на МИА од Брисел.

Резолуцијата е донесена со само 13 гласа против и 26 воздржани, додека 637 гласаа за на денешната вонредна пленарна седница на Европскиот Парламент.

19:20 – Шпанија ќе прими бегалци од Украина и ќе испрати војници во Летонија

Владата на Шпанија соопшти дека ќе им дозволи влез на Украинците кои ја напуштаат земјата поради руската инвазија и ќе испрати уште 150 војници во Летонија.

Владината портпаролка Изабел Родригез истакна дека украинските бегалци ќе бидат „целосно граѓани“ од моментот кога ќе пристигнат во Шпанија, „во смисла на пристап до вработување“.

18:49 – Телефонски разговор Бајден – Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски нагласи во телефонски разговор со американскиот претседател Џо Бајден дека е важно да се запре „агресорот“ Русија што е можно поскоро.

18:47 – ЕП усвои резолуција со осуда за руската инвазија врз Украина

Европскиот Парламент остро ја осуди незаконската, неиспровоцирана руска воена агресија врз Украина, учеството на Белорусија во таа агресија и изрази длабоко жалење што Србија не се приклучи на европските санкции против Москва.

„Европскиот парламент силно ја осудува незаконската, неиспровоцирана и неоправдана воена агресија на Руската Федерација против Украина, како и учеството на Белорусија во таа агресија“, се вели во резолуцијата изгласана на специјалната пленарна седница во Брисел за Украина.

18:45 – Зеленски: Да запре руското бомбардирање на цивили, а потоа да се седне на преговарачка маса

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Русија мора да престане да ги бомбардира украинските градови пред да започнат преговорите за целосен прекин на огнот, откако првата рунда разговори меѓу двете страни оваа недела не даде резултати.

18:44 – Путин ги повтори условите за прекин на „воената операција“ во Украина

Рускиот претседател Владимир Путин повтори дека Владата во Киев мора да ги признае самопрогласените „народни републики“ Луганск и Доњецк како услов за завршување на „воената операција“ во Украина, соопшти Кремљ.

Киев, исто така, мора да го признае суверенитетот на Русија над Крим и да се обврзе дополнително да се откаже од нуклеарното оружје во иднина, соопшти Кремљ.

18:12 – Пет луѓе загинаа, а пет се ранети во нападот на главниот ТВ предавател во Киев

Пет луѓе загинаа, а пет се ранети во денешниот напад на руските сили врз телевизиска кула во Киев, соопшти државната служба за вонредни состојби на Украина.

18:09 – НАТО в петок ќе одржи итен состанок за Украина

Министрите за надворешни работи на НАТО ќе одржат итни разговори в петок во Брисел за руската инвазија на Украина, се вели во соопштението на Алијансата.

17:29 – Финансиските лидери на Г7 се за “координирани санкции“ кон Русија

Финансиските лидери на Групата седум најразвиени економии на светот денеска оценија дека координираната примена на санкциите против Русија е „од витално значење за обезбедување на нивната ефикасност“, изјави јапонскиот министер за финансии Суничи Сузуки.

17:07 – Погоден телевизискиот предавател во Киев

Советникот на украинскиот министер за внатрешни работи Антон Герашченко потврди дека е нападнат ТВ предавателот во Киев, со што е оневозможена неговата работа.

16:49 – Шојгу: Русија продолжува со нападот врз Украина

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу денеска изјави дека продолжува нападот врз Украина.

Групацијата на вооружените сили на Руската Федерација продолжува да спроведува специјална воена операција додека не се постигнат зацртаните цели, наведе Шојгу.

16:26 – Гранатиран рудник во Доњецк, 33 рудари останаа под земја

Гранатиран е најголемиот рудник за јаглен во Доњецк. Под земја останале 33 рудари.

16:14 – Во Украина редици луѓе чекаат да се приклучат на војската 

Во украинскиот град Лавов редици луѓе чекаат да се приклучат на војската.

Тарас Ишчик, портпарол на Силите за цивилна одбрана на Украина, посочува дека должност на сите на возраст меѓу 18 и 60 години е да аплицираат во центрите за регрутирање.

16:04 – УНХЦР: Ситуацијата во Украина може да предизвика најголема бегалска криза во Европа

Ситуацијата во Украина може да предизвика најголема бегалска криза во Европа во 21 век со повеќе од 600.000 бегалци за кои се верува дека досега избегале од Украина во соседните земји, соопшти денеска УНХЦР.

15:43 – Од Франција за Украина уште 100 милиони евра вредна хуманиатрна помош

Франција обезбеди дополнителни 100 милиони евра финансиска и хуманитарна помош за Украина, се вели во соопштение на француското Министерство за надворешни работи.

15:42 – Преговорите меѓу Украина и Русија продолжуваат утре

Втората рунда преговорите меѓу Украина и Русија ќе се одржи утре, на 2 март, објави украинскиот медиум „Зеркало недели“.

Делегациите на Русија и Украина вчера во белорускиот пограничен град Гомел ја одржаа првата рунда преговори која траеше пет часа.

15:38 – Кулеба бара Кина да влијае на Русија за запирање на војната

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји разговараше со својот украински колега Дмитро Кулеба во вторникот и повика на решавање на кризата преку преговори, соопштија кинеските државни медиуми, додека Пекинг чекори по тешка дипломатска линија за инвазијата на нејзиниот близок сојузник Москва.

15:17 – Нацрт резолуцијата на МААЕ силно ја осудува руската инвазија на Украина

Нацрт резолуцијата што се подготвува за утрешниот вонреден состанок на Меѓународната агенција за атомска енергија – МААЕ силно ја осудува руската инвазија на Украина и веќе ја има поддршката од мнозинството, изјави дипломат.

Одборот на МААЕ „најостро ја осудува агресијата на Руската Федерација против Украина“, се вели во нацрт-текстот, кој се уште се преговара со цел да добие што е повеќе гласови, велат дипломатите.

14:57 – Приближно 470.000 странски државјани „се заглавени“ во Украина

Меѓународната организација за миграција (ИОМ) денеска соопшти дека околу 470.000 странски државјани, вклучувајќи студенти и работници мигранти, „се заглавени“ во Украина.

14:53 – ОН бара 1,7 милијарди долари помош за Украина

Обединети нации бараат итна хуманитарна помош за украинскиот народ и за лицата кои бегаат од борбите по руската инвазија врз Украина.

14:48 – Руската армија ги повика жителите на Киев кои живеат до инфраструктура на разузнавачки агенции да се евакуираат

Руската армија ги повика жителите на Киев кои живеат близу до инфраструктура во сопственост на разузнавачки агенции веднаш да се евакуираат.

14:23 – Мишел: Русија врши геополитички тероризам

Претседателот на Европскиот Совет ги предупреди европските граѓани дека Русија ќе одговори со противмерки на санкциите донесени од страна на ЕУ.

14:18 – ВИДЕО: Потресни сцени од железничката станица во Киев, жителите панично се обидуваат за избегаат

Новинарот на Гардијан Шон Вокер објави снимка со потресни сцени од главната железничка станица во Киев.

13:41 – Семејството со новороденче од неколку дена на пат да ја напушти Украина, во Харков веќе нема Македонци

Министерот за наворешени работи Бујар Осамни информираше дека семејството Спирковиски кое беше заглавено во Хараков со новороденче старо неколку дена е на пат да ја напушти Украина.

13:32 – Најмалку 136 цивили убиени во Украина, од кои 13 деца

Најмалку 136 цивили се убиени, од кои 13 деца, а 400 се ранети, од почетокот на руската инвазија врз Украина минатата недела, соопшти денеска агенцијата на Обединетите нации.

13:31 – Во Грција досега пристигнале 1.500 украински државјани

Доцна синоќа во Атина пристигнаа два автобуси со украински државјани.

13:23 – Српскиот амбасадор во Киев упатил нота до Украина за ослободување на српските камиони

Српскиот амбасадор во Украина Аца Јовановиќ изјави дека амбасадата испратила нота до Министерството за надворешни работи на Украина со барање да им се дозволи на камионите со српски возачи да ги преминат граничните премини, да ја напуштат таа земја и да се упатат кон Србија

13:14 – (ВИДЕО) Зеленски до Европскиот парламент: Докажете дека сте со нас и животот ќе ја победи смртта

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, се обрати пред европратеници на вонредна пленарна седница на Европскиот Парламент и побара од Европската Унија да ја докаже својата заложба за европска Украина.

12:49 – Вучиќ за гласањето во ОН: Србија нема да се приклучи на санкциите кон Русија

Српскиот претседател, Александар Вучиќ денеска изјави дека Србија ќе се приклучи на сите одлуки на Генералното собрание на ОН за нарушување на територијалниот интегритет на Украина во конфликтот со Русија, но дека ќе ги отфрли сите оние кои се однесуваат на санкциите против Русија.

12:46 – Киев им понуди амнестија и пари на руските војници кои ќе се предадат

„Одлучете. Излезете без оружје, со бело знаме“, објави сношти на Фејсбук министерот за одбрана Олексеј Резников.

12:34 – Лавров: Русија инсистира американското нуклеарно оружје во европските земји да се врати на САД

За Русија е неприфатливо да има американско нуклеарно оружје на територијата на некои европски земји. Крајно време е тоа да биде вратено во САД, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

12:28 – Песков: Санкции од Западот нема да го променат рускиот став за Украина

Тој ги отфрли обвинувањата дека на удар на руските сили во Украина се цивилни цели, како и дека користат касетни и вакум бомби.

12:27 – Руските сепаратисти ги повикаа жителите на Мариупол да го напуштат градот

Руските сепаратисти информираа дека сакаат да постават два „хуманитарни коридори“ за граѓаните да го напуштат Мариупол во југоисточна Украина.

12:19 – Повеќе од 660.000 луѓе ја напуштија Украина од почетокот на инвазијата

Според ОН, најмногу бегалци има во Полска, а потоа следат Унгарија, Молдавија, Романија и Словачка.

12:18 – Откази за вработените во швајцарската компанија што го проектираше „Северен тек 2“

Швајцарскиот министер за економија, Ги Пармелин, денеска соопшти дека се отпуштени сите вработени во компанијата што го осмисли контроверзниот гасовод „Северен тек 2“.

11:58 – Јанша: Рускиот претседател не очекуваше толку силен украински отпор и реакција на меѓународната заеденица

Словенечкиот премиер Јанез Јанша изјави дека вистински преговори меѓу Москва и Киев ќе има само откако прекинат непријателствата и после прекин на огнот, што според ситуацијата на терен е „светлосни години далеку“.

11:55 – Европскиот парламент ќе побара уште построги санкции против Русија

Европскиот парламент ќе повика на ограничувања ширум ЕУ на увозот на руска нафта и гас во Унијата, во барање за уште построги санкции насочени кон „стратешко слабеење“ на руската економија и способност да води војна.

11:53 – Поради руските напади Мариупол остана без електрична енергија

Клучниот југоисточен украински град Мариупол на Азовското Море остана без електрична енергија по нападите на руските сили кои напредуваат, изјави денеска шефот на регионот Павло Кириленко.

11:47 – ВИДЕО: Снимка од уништен руски воен конвој во Харков

Снимката е направена вчера, а нејзината автентичност ја потврди Sky News.

11:24 – Претседателот на Украина денеска ќе се обрати пред Европскиот парламент

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој повикува на „итна“ интеграција на неговата земја во ЕУ по руската инвазија, ќе се обрати пред Европскиот парламент денеска во 12:30 часот видеоконференција, соопшти Роберта Мецола, претседателката на ЕП.

11:08 – Втор ден пад на акциите на европските берзи

На европските берзи утринава цените на акциите паднаа, втор ден по ред, откако инвеститорите се загрижија поради вестите за новите руски воени сили во Украина.

11:07 – „ЈуТјуб“ ги блокира „Раша тудеј“ и „Спутник“ во Европа

Платформата ЈуТјуб (YouTube) соопшти дека ги блокира каналите поврзани со руските медиуми „Раша тудеј“ (РТ) и „Спутник“ ширум Европа. Блокадата е воведена поради руската инвазија врз Украина.

11:06 – Британски „Шел“ ги раскинува деловните договори со руски „Газпром“

Британскиот нафтен гигант „Шел“ соопшти дека ги продава сите сопственички акции што ги има покренато со руската компанија за гас „Газпром“, како и раскинување на деловните врски со Русија поради „неразумната“ инвазија врз Украина.

10:45 – (ВИДЕО) Зеленски за ракетирањето на Харков: Злото мора да се запре

– Руските сили денеска брутално го гранатираа Харков. Ова е воено злосторство. Мирно место, мирни граѓани. Без воени објекти. Ова е намерно уништување на луѓе, рече украинскиот претседател.

10:13 – Ќе предизвикаме колапс на руската економија најавува францускиот министер за економија

„Санкциите се неверојатно ефикасни. Ќе водиме тотална економска и финансиска војна против Русија“, изјави францускиот министер за економија, Бруно Ле Мер, за ФрансИнфо.

10:04 – Кулеба: Варварски напад на Харков

Министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба повика на дополнителни меѓународни санкции против Русија по, како што рече, „варварскиот“ напад на градот Харков.

10:00 – ВИДЕО: Во нападот врз Харков повредени шест лица, дополнително се утврдува бројката на жртви

Во ракетирањето на центарот на Харков повредени се шест лица, од кои едно е дете, а бројката на загинати се утврдува, соопшти Државната служба за вонредни состојби.

09:55 – Лукашенко стравува дека европскиот конфликт може да стане планетарен

Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко стравува дека сериозниот европски конфликт може да прерасне во планетарен. Тој ова го изјави денеска, на проширениот состанок на националниот Совет за безбедност.

09:46 – Македонско семејство со новороденче заглавено под бомбите во Харков

Македонија евакуираше 50 граѓани кои живееле во Украина. 20 граѓани заминале оттаму пред војната да започне, а 30 откако започна. Романија, Молдавија, Полска, балтичките држави се тие кои преку нивните претставници во Украина можат да им помогнат на останатите затечени македонци во војната. Во Министерството за надворешни работи, како заглавени во Украина се јавиле и двајца возачи на транспортни камиони.

09:32 – Поддржувачите на Навални ги повикуваат Русите на граѓанска непослушност

Движењето на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој отслужува затворска казна во Русија, ги повика Русите на кампања за граѓанска непослушност во знак на протест против руската инвазија на Украина, пренесува Хина.

09:29 – Украинската армија објави за големи загуби во луѓе и техника кај руските оружени сили

Од почетокот на воените операции во Украина руските загуби изнесуваат 5.710 војници, има 200 затвореници, а уништени се 29 воени авиони и седум хеликоптери, седум системи за противвоздушна одбрана, 24 повеќеракетни артилериски системи и повеќе стотици парчиња друга воена опрема, тврди Генералштабот на оружените сили на Украина.

09:07 – Набљудувачите на ОБСЕ го напуштаат Донецк

Сите членови на специјалната мониторинг мисија на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) го напуштат украинскиот град Донецк.

09:03 – Во антивоените протести во Русија уапсени 6.440 лица

Најмалку 413 лица се уапсени вчера во Русија за време на протестите против војната во Украина, објави веб-страницата за граѓански права ОВД-Инфо, со што вкупниот број на уапсени од почетокот на демонстрациите во четвртокот достигна 6.440.

08>58 – ГШ на украинска армија: Белоруска војска се движи кон Украина

Одделни единици од составот на борбено најподготвените формации на вооружените сили на Белорусија почнаа да се движат кон државната граница на Украина, се наведува во синоќа објавениот извештај на Генералштабот на украинската армија.

08:54 – Украина го предаде барањето за членство во ЕУ

Амбасадорот на Украина во Кралството Холандија, Всеволод Ченцов, утринава соопшти дека го доставил барањето на Украина за членство во ЕУ до Филип Леглис Бонс, постојан претставник на Франција во ЕУ, земјата која во овие шест месеци претседава со Советот на ЕУ.

08:52 – Сателтиски снимки од рускиот конвој долг 60 километри кој се движи кон Киев

„Драматични сателитски снимки објавени синоќа од Максар Технолоџис (Maxar Technologies) покажуваат огромна колона руски воени возила долга повеќе од 60 километри како се движи по патиштата северозападно од Киев“, јави Си-Ен-Ен.

08:38 – Закана од Москва: Сите кои испорачуваат оружје за Украина ќе сносат одговорност

Руското Министерство за надворешни работи вчера соопшти дека сите оние кои испорачале смртоносно оружје во Украина ќе одговараат доколку се употреби за време на руската воена операција во земјата.

08:25 – ВИДЕО: Руските трупи го гранатираа Охтирка, при што загинаа над 70 украински војници

Руските трупи го гранатираа малиот украински град Охтирка, во регионот Суми, од повеќекратните ракетни системи за лансирање Град, при што загинаа повеќе од 70 украински војници. Ова го соопшти шефот на регионалната воена управа на Суми, Дмитро Живицки, во објава на Фејсбук, пренесува Укринформ.

08:16 – ВИДЕО: Силен воздушен удар на главниот плоштад во Харкив, објавена снимка

Напдот според тоа што може да се види на видеото од надзорна камера се случил во 7 часот и две миннути по средноеврпско време. Не е познато дали има жртви и повредени.

08:09 – Над половина милион бегалци се во соседните земји на Украина и бројот се зголемува

Во соседните земји на Украина во моментов се наоѓаат 520.000 украински бегалци и тој број драстично се зголемува од час во час, изјави Филипо Гранди, високиот комесар на ОН за бегалци (УНХЦР), вчера пред Советот за безбедност на ОН.

08:04 – Преглед на настани за руско-украинската војна во изминатите 24 часа

– Сателитски снимки направени денеска покажаа дека руските копнени сили продолжија да се приближуваат до главниот град на Украина со воен конвој долг 27 километри, соопшти приватна американска компанија.

08:01 – Зеленски повикува Русија да биде запрена, гранатирањето продолжува

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика Русија да се запре додека во текот на ноќта продолжи гранатирањето на украинските градови, по вчерашниот прв круг мировни преговори меѓу Русија и Украина.

28/02/2022

23:44 – Зеленски го повика Западот да размисли за зона на забранети летови за руските авиони

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денеска дека е време Западот да размисли за воведување зона на забранети летови за руски ракети, авиони и хеликоптери како одговор на руското гранатирање на украинскиот град Харков.

Во видео-обраќање Зеленски не прецизираше како и од кого ќе биде воведена зоната за забранети летови. Тој истакна дека Русија извршила 56 ракетни напади и истрелала 113 крстосувачки ракети во изминатите пет дена од почетокот на инвазијата врз Украина на 24 февруари.

23:12 – ЕУ го вклучи и Дмитриј Песков во санкциите против Русија

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков е еден од 26-те истакнати личности на кои Европската унија им воведе санкции поради руската инвазија врз Украина, се наведува во одлуката објавена во службениот весник на Унијата.

22:45 – Бајден: Граѓаните не треба да се плашат од нуклеарна војна

Американските граѓани не треба да се плашат од нуклеарна војна, изјави вечерва американскиот претседател Џозеф Бајден, еден ден откако рускиот претседател Владимир Путин нареди руските сили за одвраќање, кои вклучуваат и нуклеарно оружје, да бидат ставени во состојба на висока готовност.

22:15 – Осум држави поддржаа итно пристапување на Украина во ЕУ

Украина заслужува веднаш да влезе во Европската унија, се наведува во отвореното писмо од претседателите на осум земји-членки на ЕУ – Бугарија, Чешка, Естонија, Летонија, Литванија, Полска, Словачка и Словенија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно вечерва објави дека потпишал официјално барање неговата земја да се приклучи на Европската унија.

21:17 – Италија прогласи вонредна состојба за да се справи со украинските бегалци

Италијанската Влада прогласи вонредна состојба до крајот на годината за да се справи со очекуваниот прилив на бегалци од Украина, одлучи денеска Советот на министри во Рим.

Со таквиот потег Владата може да преземе итни мерки во одредени случаи без претходни консултации во Парламентот.

21:01 – САД протеруваат 12 руски дипломати од мисијата во ОН

САД прогласија 12 руски дипломати во мисијата на Русија при ОН за персони нон грата.

За ова соопшти амбасадорот на Русија во ОН, Василиј Небензја.

Дипломатите треба да ги напуштат САД до 7 март.

20:42 – Небензја: Москва не планира да ја окупира Украина

Москва не планира да ја окупира Украина, а руските сили не претставуваат никаква закана за украинските цивили, ниту за цивилната инфраструктура, изјави постојаниот претставник на Русија во ОН, Василиј Небензја на итната, специјална седница на Генералното собрание на ОН за ситуацијата во Украина.

20:16 – Ердоган: Турција не може да ги занемари своите врски со Русија или Украина

Говорејќи по владиниот состанок, Ердоган го критикуваше, како што рече, неодлучниот однос на САД и западните сили кон нападот на Украина, велејќи дека таквиот пристап е знак за пад на меѓународниот поредок.

20:01 – Финска ќе испрати оружје во Украина

Финска ќе испрати 1.500 проектили, 2.500 јуришни пушки, 150.000 парчиња муниција и 70.000 воени оброци, соопшти денеска финската Влада.

– Ситуацијата во Украина е исклучително тешка поради рускиот воен напад и има итна потреба од одбранбен материјал, се наведува во соопштението.

17:55 – Кличко: Од утре во Киев стапува на сила забрана за продажба на алкохол

Ситуацијата во главниот град на Украина – Киев останува тешка и тензична, а полицискиот час ќе започне во 20 часот. Од утре, 1 март, во Киев стапува на сила и забрана за продажба на алкохолни пијалоци, објави денеска градоначалникот на Киев Виталиј Кличко.

19:24 – Подољак: Преговорите се тешки, руската страна се уште е крајно пристрасна

Преговорите се тешки. Сепак, веќе без никакви задолжителни ултиматуми. За жал, руската страна се уште е крајно пристрасна во однос на деструктивните процеси што ги започна, објави денеска на Твитер советникот на украинскиот претседател и член на украинската делегација во преговоите со Русија Микаило Подољак.

19:05 – Велика Британија ги советува своите граѓани да не патуваат во Русија

Велика Британија денеска ги повика своите граѓани да не патуваат во Русија поради недостиг на достапни опции за летови и зголемената економска нестабилност.

19:00 – Путин потпиша указ за примена на посебни економски мерки како одговор на воведените санкции

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ за примена на специјални економски мерки против САД и земјите што им се приклучија, како одговор на санкциите воведени против Русија поради агресијата врз Украина.

Уредбата предвидува учесниците во надворешноекономската дејност да продадат 80 отсто од девизните средства добиени од странство од 1 јануари годинава.

18:24 – Псаки: Во моментов нема причина да се промени нивото на нуклеарна тревога

САД не гледаат „причина за промена“ на нивото на нуклеарна тревога во овој момент, објави Белата куќа откако рускиот претседател Владимир Путин го стави нуклеарното одвраќање на Русија во состојба на висока готовност по инвазијата на Москва врз Украина.

18:13 – Марин: Финска донесе „историска“ одлука да и испорача оружје на Украина

Финска донесе „историска“ одлука да и испорача оружје на Украина по руската инвазија на нејзиниот прозападен сосед, објави премиерката Сана Марин.

18:00 – Бајден ќе одржи онлајн разговор со сојузниците и партнерите за руско-украинскиот конфликт

Американскиот претседател Џо Бајден денеска ќе биде домаќин на онлајн разговори со сојузниците и партнерите во врска со руско-украинскиот конфликт.

17:43 – Русија им забрани на жителите да префрлаат пари во странство

Рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот им забрани на жителите да префрлаат пари во странство, како дел од мерките за поддршка на рубљата, чија вредност драстично падна како резултат на санкциите на Западот поради руската инвазија врз Украина.

17:40 – Делегациите на Русија и Украина се враќаат во своите главни градови на консултации

Делегациите на Русија и Украина се враќаат во своите главни градови на консултации, откако денеска беше одржан прв круг од преговорите за прекин на конфликтот.

17:21 – Зеленски ја потпиша апликацијата за членство во Европската Унија

 

17:08 – Гутереш: Едноставно е незамислива идејата за нуклеарен конфликт

Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш, на денешната вонредната седница на Генералното собрание посветена на Украина, нагласи дека идејата за нуклеарен конфликт е „едноставно незамислива“.

17:05 – Путин со три услови за прекинување на војната

Преговорите, чиј исход го очекува целиот свет, траат повеќе од три часа.

Решението за Украина е можно само ако се земе предвид интересот на Русија, му рекол Путин на Макрон.

Путин му ги претставил на Макрон условите за решавање на ситуацијата во Украина.

16:49 – Со минута молчење почна специјалната вонредна седница на Генералното собрание на ОН посветена на Украина

Генералното собрание на Обединети нации со едноминутно молчење за Украина ја отвори специјална вонредна седница на која ќе се дебатира за тоа дали да се осуди руската инвазија врз нејзиниот сосед.

16:45 – Владата на Македонија ќе донира воени средства за Украина

Владата на Република Македонија се придружува на сеопфатната поддршка на сојузниците во НАТО и партнерите во ЕУ, и донесе одлука за донација на воени средства и опрема за официјалните вооружени сили на Украина.

16:31 – Подољак: Почнува третата рунда од денешните преговори меѓу Украина и Русија

Преговорите меѓу делегациите на Украина и Русија се во тек. За неколку минути треба да почне и третата рунда разговори, објави денеска на Твитер советникот на украинскиот претседател Микаило Подољак.

16:28 – Макрон телефонски разговараше со Путин и со Зеленски

Претседателот на Франција, Мануел Макрон имаше одвоени телефонски разговори со претседателот на Русија и на Украина, Владимир Путин и Володимир Зеленски.

16:15 – Роман Абрамович во Белорусија помага во преговорите меѓу Русија и Украина

Руско-израелскиот милијардер Роман Абрамович престојува во Белорусија на барање на Киев, со цел да помогне во преговорите меѓу Русија и Украина за ставање крај на конфликтот. Абрамович, сопственикот на лондонскиот фудбалски клуб Челзи, бил побаран од Украинците да помогне и тој отпатувал за Белорусија за да учествува во дискусиите, објави израелскиот весник „Џерузалим пост“.

15:58 – Бербок: Украина е добредојдена во „европската куќа“

Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок денеска изјави дека членството во Европска Унија не може да се направи за неколку месеци, но оти Украина е дел од „европската куќа“.

15:53 – Преговорите меѓу Украина и Русија се во тек

Како што пренесува руски Интерфакс, советникот на украинскиот министер за внатрешни работи Антон Гершченко рекол дека реговорите меѓу Русија и Украина се готови.

Но, веста наскоро беше демантирана, преговорите се уште траат.

15:28 – Украина повика на „итен прекин на огнот“ додека се отвораат разговорите со Русија

Русија и Украина се на нивните први разговори од избувнувањето на конфликтот минатата недела, при што Киев побара „итен прекин на огнот“, во момент кога бројот на бегалците кои бегаат од земјата достигна над 500.000.

Додека делегациите пристигнуваа на разговори за границата меѓу Белорусија и Украина на петтиот ден од инвазијата на Москва, украинското претседателство побара прекин на огнот „и повлекување на војниците“ — што Москва речиси сигурно ќе го отфрли.

15:23 – Лидерите на ЕУ може да разговараат за можноста за членство на Украина на неформалниот самит во март

Лидерите на Европската унија може да разговараат за можноста за членство на Украина на неформалниот самит во март, изјави денеска висок функционер на ЕУ, додавајќи дека ова прашање е важно за Украина во разговорите со Русија за ставање крај на конфликтот.

14:58 – Преглед на настани од руско-украинската криза во текот на денешниот ден

Кус преглед на најбитните настани од денешниот ден од војната во Украина.

14:50 – Поради санкции од ЕУ за Русија, Лавров не оди во Обединетите нации

Рускиот министер за надворешни работи го откажа патувањето во Обединетите нации во Женева поради „антируските санкции“ наметнати од земјите на ЕУ, соопшти денеска руската мисија во Женева.

14:42 – (ВИДЕО) Пленковиќ: Хрватска ќе испрати оружје во Украина

Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ денеска најави испраќање заштитна опрема и оружје за Украина, како и подигање на состојбата на подготвеност за прием на бегалци.

14>35 – САД ги блокираа бизнисите на Американците со руските банки

Санкциите се насочени и кон рускиот Фонд за национално богатство и Министерството за финансии на Руската Федерација, се вели во официјалното соопштение.

14>34 – Во Украина пристигнува воена и хуманитарна помош

Многу земји почнаа да испраќаат воена или хуманитарна помош во Украина по инвазијата на Русија од 24 февруари. СAД, Канада и 19 европски земји досега одговорија на украинските апели за воена опрема.

14:29 – Јанша со поддршка за членството на Украина во ЕУ

Премиерот на Словенија, Јанез Јанша денеска изрази целосна поддршка за забрзана процедура за членство на Украина во Европска Унија за Украина.

14:26 – САД: Амабасадата во Минск прекинува со работа, доброволно може да се напушти и Амбасадата во Москва

„Ги презедовме тие чекори поради безбедносни и безбедносни прашања кои произлегуваат од неиспровоцираниот и неоправдан напад на руските воени сили во Украина“, наведе Блинкен.

13>48 – Аирбнб: Бесплатно сместување за 100.000 украински бегалци

Компанијата за изнајмување сместувачки капацитети, Аирбнб, објави денеска дека нејзината непрофитна организација, Аирбнб.орг, ќе им понуди бесплатно привремено сместување на, најмногу, сто илјади украински бегалци.

13:42 – Борел: ЕУ нема да дозволи формирање марионетска влада во Украина

– Сите војни завршуваат, но треба да се види на кој начин. Тоа не смее да се случи и нема да дозволиме ова да заврши со задушување на слободите на Украинците и нивната легитимна Влада, која би била заменета со марионетска влада, како што се случуваше во времето кога Русија беше дел од Советскиот Сојуз, рече Борел.

13:38 – МНР апелира македонските дражвјани да ја напуштат Русија со комерцијалните летови

Со оглед на одлуката на ЕУ и други европски земји, вклучувајќи ја и Република Северна Македонија, за затварање на Европскиот воздушен простор за Руските авиопревозници, апелираме нашите граѓани кои престојуваат на територијата на Руската Федерација, да ги искористат сеуште расположливите комерцијални летови, копнени и морски линии за напуштање на таа земја. Ваквото предупредување следува поради можноста да дојде до целосен прекин на авио линиите од и кон Русијa велат од Министерството за надворешни работи.

13:18 – ЕУ очекува Србија да се усогласи со санкциите против Русија

Србија ја осуди инвазијата на Украина од страна на руските сили, но не усвои санкции на линија на Европската Унија против Русија. Европските челници вчера и денес повторија дека очекуваат од Белград тоа да биде сторено.

12:44 – „Анонимус“ хакирале повеќе од 300 руски и белоруски интернет-страници

„Го уриваме финансискиот и владиниот руски кибер систем додека тие маршираат низ Украина“, додаваат „Анонимус“.

12:27 – Украинската војска го контролира главниот град, тврди официјален Киев
Главниот град на Украина е целосно под контрола на украинските војници, а сите информации за наводна целосна опколеност на градот од руски сили се лажни, изјави Михаило Подољак, советник на укрианскиот претседател.

12:25 – Стапија на сила европските санкции за руската Централна банка

Санкциите на Европската унија против руската Централна банка утринава стапија на сила откако беа објавени во официјалниот Службен весник на ЕУ а Швајцарија исто така соопшти дека „е многу веројатно“ дека наскоро ќе ги замрзне руските средства во своите банки.

12:24 – НАТО ја засилува воената поддршка за Украина

НАТО сојузниците ќе и достават на Украина ракети за противвоздушна одбрана и противтенковско оружје, објави денеска на Твитер генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, додавајќи дека имал уште еден телефонски разговор со украинскиот претседател.

12:21 – Ламбрехт: Сериозно треба да се сфати нуклеарната закана од Путин

Германската министерка за одбрана Кристин Ламбрехт денеска изјави дека сериозно треба да се сфати нуклеарната закана од рускиот претседател Владимир Путин.

12:09 – Песков: Путин е рамнодушен поради санкциите против него

Рускиот претседател Владимир Путин е рамнодушен кон санкциите против него, бидејќи тој нема имот во странство, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, јавија некои руски медиуми.

12:04 – ВИДЕО: Почнаа преговорите меѓу Украина и Русија

Преговорите меѓу делегациите на Русија и Украина за решавање на кризата меѓу двете земји денеска започна во регионот Гомел во Белорусија.

11:14 – Локалните власти со повик до граѓаните на Киев да останат во домовите

„Борби и натаму се водат практично во сите делови на градот“, се наведува во соопштението лиферувано преку апликацијата за размена на пораки „Телеграм“. Притоа се советуваат луѓето да излегуваат од домовите само за набавка на храна или лекарства.

11:07 – Грција го затвори воздушниот простор за сите руски авиони

Во согласност со одлуката на Европската Унија да го затвори воздушниот простор за Руската Федерација, Грција од денеска во следните три месеци забрани летови на сите авиони од Русија.

11:01 – (ВИДЕО) Зеленски им се обрати на руските војници: Оставете го оружјето и бегајте

Украинскиот претседател преку видео порака им се обрати на руските војници кои се во неговата земја. Ги повика да го остават оружјето и да дезертираат.

11:00 – Москва тврди дека ја контролира најголемата нуклеарна централа во Украина и Европа

Руските војници ја презеле контролата врз нуклеарната централа во Запорожје, јужна Украина, соопшти офиццијална Москва.

10:46 – ВИДЕО: Почнуваат украинско-руските преговори

Според кабинетот на украинскиот претседател, клучното прашање на разговорите би било итен прекин на огнот, како и повлекување на војниците од Украина.

10:32 – Русија најави „отворен и безбеден“ коридор за украинските цивили да го напуштат Киев

„Апелираме до жителите на Киев. Сите цивили во градот можат слободно да го напуштат главниот град на Украина по автопатот Киев-Василков, се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана.

10:20 – Русите тврдат дека презеле контрола над два града во Украина

Официјална Москва соопшти дека руски трупи ја презеле контролата врз градовите Бердјанск и Енерходар во југоисточна Украина.

10:10 – Летонија им дозволи на нејзините граѓани да бидат доброволци во војната во Украина

Летонскиот парламент едногласно изгласа да им дозволи на своите граѓани да се борат во Украина доколку сакаат, се наведува во денешното соопштение на Парламентот.

09:59 – ВИДЕО: Редици пред банкоматите во Москва

Откако западните држави и вовedоа жестоки економски и финансиски санкции на Русија, што вклучува исфрлање на дел од банките од SVIFT системот како и замрзнување на финасиите на руската централна банка, Русите направија колони пред банкоматите.

09:26 – Франција испрати 33 тони хуманитарна помош за Украина

Франција испрати 33 тони хуманитарна помош во Полска за да им помогне на Украинците, рече министерот за внатрешни работи Жералд Дарманан, а повеќе од 30 тони материјал, исто така, ќе заминат за Молдавија на почетокот на неделата, јави дописникот на МИА.

09:19 – Русите се на повеќе од 30 километри од Киев вели британски разузнавачки извештај

„Нивното напредување го успорија украинските сили кои го бранат аеродромот Хостомел, клучната цел на Русија од првиот ден. Логистичките неуспеси и упорниот украински отпор прдолжууваат да го отежнуваат руското наредување“ – се вели во соопштението.

09:09 – Далај Лама повикува на мир во Украина: Војната е застарена – ненасилството е единствениот начин

Тибетскиот лидер во егзил Далај Лама изрази тага поради руската инвазија на Украина и рече дека се моли мирот „брзо да се врати во Украина“.

09:06 – Сепаратистите од источна Украина ја прекинаа воената мобилизација

Потребниот број области се окупирани, изјави денеска на руската државна телевизија лидерот на самопрогласената народна република Денис Пушилин.

09:02 – Зеленски: Следните 24 часа се клучни за Украина

Следните 24 часа ќе бидат клучни за Украина во борбата против руската инвазија, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски во телефонски разговор со британскиот премиер Борис Џонсон, јави украинската државна агенција Укринформ.

08:52 – Руската Централна банка ги зголеми каматните стапки и воведе забрана за продажба на акции во странство

Банката на Русија, исто така, соопшти дека допрва треба да одлучи дали денеска ќе ја отвори Московската берза, освен пазарот на девизен курс и пари. Времето за отворање веќе неколку пати беше поместувано во последните неколку часа.

08:49 – Проектили погодиле складиште за чување радиоактивен отпад во Киев објави Меѓународната агенција за атомска енергија

Извршниот директор на МАЕЕ, Рафаел Гроси, доцна синоќа изјави дека украинските власти ја информирале неговата канцеларија за нападот.

08:29 – Резников: Војната стана европска и Европа конечно го сфати тоа

Половина Европа веќе собира, пакува, носи оружје и опрема. Кругот на земји кои обезбедуваат вистинска помош значително се зголеми. Размерот исто така се зголеми напиша Резников.

08:26 – Украина инсистира на целосно ембарго за руската нафта и гас

Инсистираме на целосно ембарго за руската нафта и гас. Нивно купување сега значи плаќање за убиство на украински мажи, жени и деца. Ги поздравувам првите решителни чекори на голем број европски држави во овој поглед и ги повикувам другите да продолжат одлучно и без одлагање, напиша украинскиот министер.

08:24 – Раст на цената на нафтата на светските берзи поради војната во Украина, цената околу 100 долари за барел

На лондонскиот пазар во четвртокот, веднаш по рускиот напад на Украина, цената на барел нафта скокна на над 105 долари за барел, првпат по повеќе од седум години, но во петокот падна под тоа психолошки важно ниво.

08:24 – Руската рубља падна за 26 проценти по санкциите на Западот

Падот на рубљата во однос на доларот во еден момент изнесуваше 40 посто.

08:22 – Болсонаро, исмејувајќи го Зеленски, најави неутралност на Бразил

Десничарскиот претседател на Бразил Жаир Болсонаро, на синоќешната прес-конференција го исмеа украинскиот претседател Володимир Зеленски, велејќи дека „украинскиот народ ги ставил своите надежи во рацете на комичар“.

08:19 – Денеска итна седница на Генералното собрание на ОН за руската инвазија врз Украина

Советот за безбедност на ОН за денеска свика „итна, вонредна седница“ на Генералното собрание на ОН со цел сите членки на светската организација да се изјаснат за руската инвазија врз Украина.

08:17 – Белорусија: Се е подготвено за почеток на преговорите меѓу Русија и Украина

Белоруското Министерство за надворешни работи соопшти дека се е подготвено во Белорусија за земјата да биде домаќин на мировните преговори меѓу Русија и Украина.

08:15 – ЕУ ги повика Гугл и ЈуТјуб да ја забранат руската воена пропаганда

Alphabet Inc. и YouTube треба да ги забранат корисниците кои поттикнуваат воена пропаганда како дел од мерките за запирање на дезинформациите по руската инвазија на Украина, им порача вчера на извршните директори на двете компании еврокомесарот за внатрешен пазар, Тиери Бретон.

07:39 – Фон дер Лајен: Ја сакаме Украина во ЕУ

Европската унија сака да ја види Украина и тоа ќе се случи со тек на време, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во интервју за Еуроњуз.

07:35 – Протести низ САД поради руската инвазија на Украина

Илјадници луѓе, Украинци и нивни поддржувачи, се собраа денеска во повеќе градови низ САД во поддршка за Украина и демонстрации против руската инвазија на земјата.

07:26 – Продолжува руската офанзива на Киев

Украинското министерство за внатрешни работи објави нов извештај за жртви и повредени. Според извештајот, во руската инвазија досега се убиени 352 цивили меѓу кои 14 деца. Министерството јави дека се повредени 1.684 лица, 116 од нив деца.

07:27 – Преглед на најважните вчерашни вести околу војната во Украина

Кус преглед на најбитните настани од вчерашниот четврти ден од војната во Украина, што почна со инвазијата на руските сили врз неколку локации, а веќе два дена е интензивирана околу главниот град Киев.

Хронологија на руско-украинскиот конфликт од 24 до 27 февруари.

Би можело да ве интересира

Голем руски напад на енергетскиот систем во Украина

ВИДЕО: Спречен обид за атентат на Зеленски

Русите испраќаат „страшно“ оружје: Нема спас од него

Предраг Петровиќ

Итна наредба: Зеленски го повикал целиот Генералштаб, можно е да се побара помош од НАТО

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) 98-годишната Украинка Лидија го фасцинираше светот: Ја преживеав Втората светска воја, ова е полошо

Русија распиша потерница по Зеленски

Катерина Ѓуровски