Израелскиот премиер по средбата со Путин и разговорот со Зеленски, на пат кон Берлин

Од:

Израелскиот премиер Нафтали Бенет денеска имаше средба со рускиот лидер Владимир Путин во Москва, соопшти неговиот кабинет, пренесува Си-Ен-Ен.

Според израелски владин претставник, тој со Путин разговарал околу три часа. Ненајавената средба се одржа со благослов на американската администрација, се вели во соопштението на кабинетот на израелскиот премиер.

Израелскиот претставник рече дека дипломатскиот притисок на Бенет бил координиран и со Германија и Франција и додаде дека израелскиот лидер „е во тековен дијалог со Украина“.

„Ерусалим Пост“ објави дека по средбата со Путин, Бенет разговарал и со претседателот на Украина Володомир Зеленски, кого го информирал за дискусијата со рускиот лидер. Амбасадорот на Украина во Израел изјави за Си-Ен-Ен дека украинското раководство било однапред информирано за средбата на Бенет со Путин и дека дале своја поддршка.

По завршувањето на состанокот во Москва, Бенет сега е на пат за Берлин на средба со германскиот канцелар Олаф Шолц, рече израелскиот претставник.

Пред три дена, Бенет одржа одвоени телефонски разговори и со Путин и со Зеленски.

Зеленски апелираше до Израел да посредува во напорите да се постигне прекин на огнот.

Додека Израел ја осуди руската инвазија во коментарите на министерот за надворешни работи Јаир Лапид, самиот Бенет избегна директна критика на Русија или Путин.

Израел се обиде да одржува добри односи со Русија во последниве години за да може да продолжи со воздушните напади врз ирански цели во Сирија – што Израел го смета за критично за да се спречи трансферот на прецизно наведувана ракетна технологија на Хезболах, посочува Си-Ен-Ен.

Ерусалим Пост наведува дека освен за војната во Украина, Путин и Бенет денеска разговарале и за нуклеарните преговори со Иран, ситуацијата во Сирија и билатералните односи.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Германец осуден на смрт се појави на белоруската телевизија, во солзи го моли Шолц за помош

Предраг Петровиќ

Украина губи 2.000 војници дневно

Предраг Петровиќ

Приближно 32 отсто од Украинците се подготвени на територијални отстапки кон Русија за да се стави крај на војната

Руските сили ја презедоа контролата

Ако победи Трамп, финансискиот товар за помош на Украина ќе се промени на штета на ЕУ тврди Орбан

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Се шири снимка: „Украинец во цивилна облека истрела крстаречка ракета кон Русите од рамо“