Од минута во минута: Финска и Шведска официјално поднесуваат барање за членство во НАТО

Од:

Кризата во Украина од минута во минута.

21:54 Подољак: За победа потребно е „вистинско нафтено ембарго“ за Русија и тенкови, авиони и артилерија

На Украина ѝ треба тешко оружје од Западот и „вистинско нафтено ембарго“ на Русија за да победи до крајот на годината, вели високиот советник на украинскиот претседател Михаило Подољак.

21:17 – Захарова: Русија ќе одговори на сите дрскости на западните земји

Русија ќе одговори на сите дрскости или незаконски чекори на западните земји, изјави портпаролката на руското Министерството за надоврешни работи Марија Захарова.

18:11 – И Шведска потврди, ќе поднесе апликација за членство во НАТО

Премиерката Магдалена Андерсон најави дека „сега е сосема сигурна дека за неколку дена ќе започне официјална апликација“.

16:18 – Турција постави три условa за влез на Финска и на Шведска во НАТО

Турскиот министер за надворешни работи рече дека Шведска и Финска мора да престанат да ги поддржуваат терористичките групи во нивните земји, да обезбедат јасни безбедносни гаранции и да ја укинат забраната за извоз на Турција, доколку сакаат Турција да го поддржи нивното членство во НАТО.

15:15 – САД испраќаат уште оружје и друга помош во Украина

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави дека се сретнал со американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Берлин и дека „повеќе оружје и друга помош се на пат за Украина“.

12:39 – Финска пресече, аплицира за членство во НАТО

Финскиот претседател Саули Нинисто објави дека неговата земја формално аплицира за членство во НАТО.

11:58 – Украина тврди дека Русите фрлиле фосфорни бомби на Азовстал

Членот на Градското собрание во Мариупол, Петро Андриушченко на Телеграм објави видео од руски напад врз челичарницата Азовстал на кое наводно се гледа дека се употребени фосфорни бомби.

11:12 – НАТО: Победата на Украина на Еуросонг ја покажува поддршката што ја има земјата

Победата на Украина на Евровизија покажува „огромна поддршка од јавноста“ за земјата што е нападната од Русија, изјави денеска заменик-генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана.

10:40 – Германија: Сè е подготвено за брза ратификација на членството на Финска и на Шведска во НАТО

Шефицата на германската дипломатија Аналена Баербок изјави дека Берлин ги презел сите подготовки за брз процес на ратификација ако Финска и Шведска се одлучат да поднесат барање за членство во НАТО.

08:36 – Големиот конвој со бегалци од Мариупол стигна во Запорожје

Голема колона автомобили и комбиња со бегалци од Мариупол пристигна во Запорожје, откако со денови чекаше руска дозвола да го напушти јужниот пристанишен град, кој долго време е под руска контрола, освен Азовстал, последното упориште на украинските бранителите тој град.

08:36 – Британците проценуваат дека Русија загубила една третина од копнените сили

Британското разузнавање објави нов извештај. „Веројатно е дека Русија изгубила една третина од копнените сили што ги испрати да ја нападне Украина“, се вели во извештајот објавен од Министерството за одбрана на Велика Британија.

08:25 – Ракетен напад на Лавов, нема информации за жртви и повредени

Во ракетниот напад во раните утрински часови беше погодена воената инфраструктура во западниот украински регион Лавов, соопшти гувернерот на регионот.

08:05 – Блинкен доаѓа на неформалниот состанок на министрите на НАТО во Берлин

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во рамките на тридневното патување до Обединетите Арапски Емирати и Франција, ќе го посети и Берлин, каде од синоќа се одржува неформален состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО.

07:59 – Зеленски: Следната година Евровизија ќе биде во Украина

Украина победи на синоќешниот избор за песна на Евровизија, а украинскиот претседател Володимир Зеленски вети дека ќе даде се од себе неговата земја да биде домаќин на настанот следната година.

15/05/2022

23:21 – (ВИДЕО) Украинците на Евросонг: Помогнете ни, спасете го Мариупол, спасете го Азовстал

Бендот Kalush Orchestra кој годинава ја претставува Украина на Евросонг настапуваше во финалето и како и претходнo привлече огромно винимание.

20:34 – Баербок: Русија се обидува да предизвика глобална криза со глад

Шефицата на германската дипломатија Аналена Баербок денеска изјави дека Русија блокирајќи го извозот на житарки од Украина се обидува да предизвика глобална криза со глад.

17:48 – Украина почна контраофанзива кај Изум

Украина почна контраофанзива недалеку од градот Изум, каде што ја напаѓа клучната руска линија на напад на источна Украина, изјави гувернерот на областа Харков.

17:09 – Турција не ја затвора вратата на НАТО за Финска и за Шведска вели советникот на Ердоган за надворешна политика

Советникот на турскиот претседател за надворешна политика Ибрахим Калин изјави дека Анкара „не ја затвора вратата“ за приклучување на Финска и на Шведска во НАТО.

15:39 – Путин: Откажувањето на Финска од неутралноста би било грешка

Рускиот претседател Владимир Путин, во денешниот телефонски разговор со финскиот колега Саули Нинисто, истакна дека би било грешка ако Хелсинки се откаже од неутралниот статус и се придружи на НАТО, соопшти Кремљ.

14:23 – Финска можеме да ја збришеме од лицето на земјата за 10 секунди вели соработник на Путин

Заменик-претседателот на Комитетот за одбрана на руската државна дума Алексеј Журављов, близок соработник на Путин, предупреди дека Русија може да ја избрише Финска од лицето на земјата за десет секунди.

13:51 – Претседателот на Финска му најавил на Путин дека ќе бара прием во НАТО

Финскиот претседател Саули Ниинисто му се јавил на претседателот на Русија Владимир Путин за да разговараат за плановите на Финска да се приклучи на НАТО. Финска објави детали од разговорите.

13:29 – Русите се повлекоа од Харков потврди градоначалникот

Градоначалникот на Харков, Ихор Терехов, за Би-Би-Си изјави дека Русите се повлекле од областа на градот Харков во правец на руската граница.

11:56 – ВИДЕО: Нови руски напади на Азовстал

Руските сили денеска повторно ја гранатираат челичарницата Азовстал во Мариупол во која се наоѓаат последните украински браители објави Украина24 тв.

11:48 – Во Германија регистрирани 700.000 украински бегалци

Повеќе од 700.000 луѓе кои избегале од војната во Украина дошле во Германија, објави денеска германскиот весник „Велтам Зонтаг“, цитирајќи го Министерството за внатрешни работи.

10:06 – Финска е отсечена од руската електрична мрежа

Фингрид, финскиот национален мрежен оператор, потврди за Скај њуз дека веќе нема струја од Русија.

09:49 – НАТО состанок со Финска и Шведска, реакција на Русија

Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО овој викенд ќе се состанат во Берлин за да разговараат за долгорочна стратегија за Русија и можниот влез на Финска и Шведска.

08:54 – Туркиш ерлајнс ги откажа летовите за Украина и неколку градови во Русија и Белорусија

Турската национална авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ денеска објави дека ги откажува летовите за Украина и неколку градови во Русија и Белорусија.

08:01 – Русите имаат големи загуби, готова е битката за вториот најголем град објави Институтот за војна

Украина веројатно ја доби битката кај Харков, вториот по големина град во земјата, објави во својата најнова анализа Институтот за проучување на војната.

07:41 – Зеленски: Се обидуваме да ги извлечеме борците од Азовстал, преговорите се тешки

Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека разговорите со Русија за спасување на ранетите ветерани од фабриката Азовстал во Мариупол биле многу сложени и дека Киев користи „влијателни посредници“.

07:40 – Украина: Мртвите руски војници ги натоваривме во вагони, поготвени сме да и ги вратиме на Русија

Украинската војска војска објави дека ги натоварила телата на руските војници во вагони за ладење и е подготвена да ги испрати во Русија во согласност со меѓународното право, пренесува Ројтерс. Телата на руските војници се по борбите во Киев и регионот Чернихив.

22:00 – Украина потпиша договори за увоз на гориво

Украина потпиша договори за увоз на 300.000 тони дизел и 120.000 тони бензин, изјави вицепремиерката на Украина Јулија Свириденко.

20:27 – УНХЦР: Украинките кои избегаа во Полска треба да добијат пристап до абортус

Жените кои побегнале од војната во Украина во Полска мора да имаат пристап до репродуктивните права кои ги исполнуваат меѓународните стандарди, вклучително и абортуси, изјави денеска висока претставничка на УНХЦР, по извештаите за силувања и сексуално насилство во Украина.

17:47 – Остин побара од неговиот руски колега прекин на огнот во Украина

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин денеска го повика рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу веднаш да се придвижи кон спроведување на прекинот на огнот во Украина, во нивниот прв разговор од пред почетокот на војната, соопшти Пентагон.

15:04 – Шолц го повика Путин да се согласи на прекин на огнот во Украина

Канцеларот Олаф Шолц во телефонскиот разговор со Владимир Путин го повика рускиот претседател што побрзо да се согласи на прекин на огнот во Украина, изјави портпаролот на германската Влада.

15:03 – Република: Тајните преговори помеѓу руските и украинските генерали за ЕУ се зрак на надеж

Во круговите на Европска Унија сознанијата за тајните преговори помеѓу руските и украинските генерали на клучни позиции претставуваат „зрак на надеж“, за прекин на војната во Украина, објави италијанскиот весникот Република.

14:15 – Русија протера десет романски дипломати

Десет романски дипломати денеска се протерани од Русија, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

13:50 – Европските новински агенции ја суспендираа ТАСС од членство во ЕАНА

Членството на руската новинска агенција ТАСС во Европската асоцијација на новински агенции (ЕАНА) е суспендирано на неодредено време. Таква одлука беше донесена на денешното вонредно генерално собрание на асоцијацијата во Сараево.

13:47 – Летонија го суспендираше договорот со Русија за заштита на спомениците

Летонија денеска усвои закон со кој се суспендира договорот со Русија за заштита на спомениците, повикувајќи се на законот кој потенцијално дозволува уривање на спомениците на советските војници во Рига.

13:46 – Телефонски разговор Путин – Шолц

Кремљ денеска соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин во телефонскиот разговор со германскиот канцелар Олаф Шолц „ги презентирал логиката и основните задачи на руската операција во Украина“.

13:42 – Ле Дриан: Конфликтот во Украина ќе потрае, последиците се долгорочни

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан истакна дека лидерите сега треба да се справат со војната во Украина како со долготраен конфликт што ќе предизвика сериозни последици ширум светот.

12:27 – Најмалку двајца загинати, а седуммина повредени при руските напади во Украина

Руските сили извршија ракетен напад врз нафтена рафинерија во индустрискиот град Кременчук во централна Украина, уништувајќи го нејзиниот производствен капацитет и резервоарите за гориво, соопшти украинското Министерство за одбрана.

11:50 – Буданов: Украина ќе се бори за Змискиот Остров

Началникот на разузнавачката служба на украинската армија Кирило Буданов изјави дека Украина ќе се бори „колку што ќе биде потребно“ за Змискиот Остров во Црно Море.

11:37 – Медведев: Санкциите кон Русија ќе доведат до низа кризи и судири во светот

Заменик претседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Дмитриј Медведев во текст насловен „Петок 13. Што ќе биде понатаму или Светот по антируските санкции (воопшто не е прогноза)“ наведува дека следат низи кризи и судири и уривање на идејата за свет фокусиран на Америка.

10:54 – Борел најави дополнителни 500 милиони евра воена помош за Украина

Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел при пристигнувањето на средбата на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Г-7 најави дополнителни 500 милиони евра помош за Украина преку Европскиот мировен механизам за купување тешко оружје, тенкови и артилерија.

10:49 – Почнува првото судење за воено злосторство во Украина: Наредено ми беше да пукам, човекот падна, а ние продолживме понатаму

Судењето на 21-годишниот војник Вадим Шишимарин, осомничен за убиство на цивил во украинското село Чупакивка, денеска би требало да почне, со што првпат од почетокот на војната во Украина, припадник на руските сили ќе биде гонет за воено злосторство.

09:57 – Британското Министерство за одбрана: Русија вложува значителен напор во источниот пробив

Русија вложува „значителен напор“ околу градовите Изиум и Северодонецк, во обид да се пробие кон источните Словјанск и Краматорск региони на Украина, се наведува во извештајот на Министерството за одбрана на Велика Британија.

09:39 – (ВИДЕО) Зеленски: На цел свет му е јасно дека Русија претрпе пораз

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски во синоќешното обраќање изјави дека Русија претрпела стратешки пораз во Украина и оти тоа му е јасно на целиот свет.

09:08 – Руските сили се обидуваат да го заземат Азовстал

Советникот на градоначалникот на Мариупол, Петро Андрјушченко изјави дека руските сили утринава се обидуваат да навлезат на територијата на фабриката Азовстал во тој град.

08:38 – „Би-Би-Си“: Велика Британија му испраќа сигнали на Кремљ да не очекува постигнување придобивки преку насилни средства

Властите во Лондон се обидуваат како неуспех да ја прикажат руската воена агресија врз Украина, но ретко успеваат да појаснат што тоа практично значи, пишува „Би-Би-Си“.

08:16 – Верешчук: Турција ќе посредува во преговорите за Азовстал

Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук рече дека Турција се согласила да посредува во разговорите за евакуација на борците, главно тешко повредени, од фабриката Азовстал во Мариупол, а Киев би сакал да потпише документ за редоследот на оваа постапка.

08:13 – Зеленски подготвен да разговара со Путин

Украинскиот претседател Володимир Зеленски е подготвен да разговара со рускиот колега, Владимир Путин. Мора да се најде договор без ултиматум како услов, изјави синоќа Зеленски за италијанската државна телевизија РАИ.

08:08 – Украинско Министерство за одбрана: Руските војници се обидуваат да го блокираат напредувањето на киевските сили долж границата

Руските војници се обидуваат да го запрат напредувањето на киевските сили долж украинско-руската граница во североисточниот регион Харков, соопшти денеска украинското Министерство за одбрана.

13/05/2022

21:40 – Ен-би-си: Социјалните мрежи ќе чуваат евентуални докази за воени злосторства во Украина

Четворица американски демократи испратија официјални барања до извршните директори на Јутјуб, ТикТок, Твитер и компанијата -мајка на Фејсбук, Мета, барајќи од нив „да ја зачуваат и архивираат содржината“ што може да се користи како доказ за руските воени злосторства во Украина, јави Ен-Би-Си њуз.

20:48 – ОН почнува истрага за можни руски воени злосторства во Украина

Советот за човекови права при Обединетите нации усвои резолуција со која се наредува започнување истрага за можни воени злосторства извршени од руски војници во регионот на Киев и на други места.

19:46 – ОН бара начин за Русија и Украина да разговараат за хуманитарните прашања

Обединетите нации бараат начини да ги доведат Русија и Украина на преговарачка маса за да разговараат за хуманитарни прашања, вклучително и безбедно минување на цивилите и движењето на хуманитарни конвои, изјави Џојс Мсуја, која е помошник генерален секретар на ОН задолжена за хуманитарни прашања.

19:39 – Швајцарија „одмрзна“ 3,4 милијарди франци руски имот

Швајцарската влада објави дека замрзнатиот руски имот во таа земја изнесува 6,3 милијарди швајцарски франци и додава дека земјата „одмрзнала“ вкупно 3,4 милијарди франци привремено блокиран руски имот.

19:35 – ОН: Војната во Украина натера шест милиони луѓе да ја напуштат земјата, а осум милиони да бидат внатрешно раселени

Бројот на луѓе кои ја напуштија Украина поради руската агресија врз таа земја надмина шест милиони, во најтешката бегалска криза во Европа од крајот на Втората светска војна, соопшти денеска агенцијата за бегалци при ОН.

16:02 – ОН разгледуваат дали да почнат истрага за можни воени злосторства во Украина

Советот на ОН за човекови права денеска ќе одлучи дали ќе почне истрага за наводните злоупотреби извршени од руските војници во регионот на Киев, за кои Украина вели дека претставуваат воени злосторства.

13:58 – Врховната Рада одобри заплена на руски имот во Украина

Украинската Врховна Рада го одобри указот на претседателот Володимир Зеленски за заплена на руски имот во Украина, соопшти денеска пратеникот Јарослав Железњак

13:58 – Путин: Западните санкции предизвикуваат глобална криза

Претседателот на Русија, Владимир Путин денеска изјави дека западните санкции кон Москва и нанесуваат штета на економиите на земјите кои ги воведуваат и предизвикуваат глобална криза.

12:40 – Башеле: Илјада тела пронајдени на подрачјето на Киев

Високата комесарка за човекови права на Обединетите Нации, Мишел Башеле денеска изјави дека илјада тела се пронајдени на подрачјето на Киев изминатите недели и оти истрагата за случувањата во Украина може да укаже на извршени воени злосторства.

12:35 – Хабек: Германија е подготвена за руските санкции

Германија е подготвена за руските санкции во енергетскиот сектор што вчера ги објави Кремљ, изјави германскиот министер за економија, Роберт Хабек пред Долниот дом на германскиот Парламент (Бундестаг).

12:30 – „Сименс“ конечно одлучи да го напушти рускиот пазар

Германската мултинационална компанија „Сименс“ најави дека ќе го напушти рускиот пазар, придружувајќи им се на стотиците компании што се повлекоа од Русија поради војната против Украина.

12:28 – Песков: Влезот на Финска во НАТО е дефинитивно закана за Русија

Кремљ денеска објави дека чекорот на Финска кон членство во НАТО е „дефинитивно закана за Русија“ и дека проширувањето на северноатлантскиот воен блок нема да го направи светот постабилен.

11:49 – Медведев предупреди на можна нуклеарна војна меѓу Русија и НАТО

Снабдувањето на Украина со оружје ја зголемува веројатноста за конфликт меѓу Русија и НАТО, кој може да прерасне во нуклеарна војна, предупреди денеска рускиот заменик-претседател на Советот за безбедност, Дмитриј Медведев.

11:30 – Во Полска вработени повеќе од сто илјади бегалци од Украина

Од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари во Полска работат повеќе од сто илјади украински бегалци, кои по процесот на прифаќање и интеграција имаат право на вработување, бесплатна медицинска нега, образование и социјална помош.

11:13 – Министри од Г7 во Германија ќе разговараат за последици од војната во Украина

Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок денеска ќе се консултира со своите колеги од групата индустриски најразвиени земји Г7 за глобалните последици од руската војна против Украина, јави ДПА.

10:56 – Орбан му понудил на Путин мировните преговори да се одржат во Будимпешта

Унгарските власти понудија во Будимпешта да се одржат мировни преговори со учество на Русија со цел решавање на ситуацијата.

10:53 – Британски разузнавачи тврдат дека руските трупи го напуштаат регионот Харков

Повлекувањето на руските сили од регионот Харков „е премолчено признавање на неспособноста на Русија да ги окупира клучните украински градови“, соопшти британското Министерство за одбрана.

10:48 – Драги: На Украина и треба нов Маршалов план

Италијанскиот премиер Марио Драги смета дека на Украина и е потребен „Маршалов план“ сличен на оној што ги зближи САД и Европа по Втората светска војна.

09:27 – Кулеба: Украина сака да има резервирано место во ЕУ

Украина сака да има место во Европската унија, иако за полноправно членство може да биде потребно време, изјави министерот за надворешни работи Дмитриј Кулеба во Берлин.

09:02 – ВИДЕО: Полската амбасада во Москва полиена со црвена боја

Лица чиј идентитет сè уште не е познат, вчера ја полија со црвена боја амбасадата на Полска во Москва.

08:56 – Украинска армија: Не можеме да ги ослободиме бранителите на Азовстал, ќе има многу мртви

Украинското воено раководство ја отфрли можноста да ги спаси своите бранители од фабриката за челик Азовстал во опколениот Мариупол со офанзива против руските војници бидејќи тоа ќе чини многу животи.

08:16 – Зеленски се заблагодари за помошта од САД: Ќе добиеме сè што ни е потребно

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го пофали Претставничкиот дом на САД поради одобрениот пакет помош за Украина од 40 милијарди долари.

08:15 – Хјуман рајтс воч: И Русија и Украина користат касетна муниција

Хјуман рајтс воч во најновиот извештај наведува дека руските сили постојано користеле касетна муниција во нападите во кои загинале цивили и се оштетени домови, болници и училишта.

08:13 – Драги: САД и Русија да седнат на преговарачка маса за да најдат решение за Украина

Италијанскиот премиер Марио Драги синоќа во Вашингтон ги повика САД и Русија да седнат на „мировна преговарачка маса“ за да најдат решение за излез на Украина од руската агресија.

07:49 – Украина: Русија продолжува да ја бомбардира челичарницата во Мариупол

Украинските вооружени сили во последното известување за ситуацијата на фронтот соопштуваат дека руските сили се во дефанзива во североисточниот регон на Харков.

07:48 – Зеленски разговарал со Шолц за „одбранбена помош“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа соопшти дека разговарал со германскиот канцелар Олаф Шолц за одбранбена помош, соработката во енергетскиот сектор и зајакнување на санкциите против Русија.

12/05/2022

21:33 – Украина предлага размена на повредените војници во Азовстал

Заменик премиерката на Украина, Ирина Верешчук изјави дека Киев предложил повредените украински војници од челичарницата Азовстал во Мариупол да бидат разменети за руските воени заробеници.

16:42 – Шолц: Украина ќе ги чувствува последиците од војната „сто години“

Украина може да очекува дека ќе ги чувствува последиците од руската војна „100 години“ поради неексплодирани смртоносни средства во градовите, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц.

15:26 – Украинските војници почнаа обука во Германија

Украинските војници денеска почнаа обука во Германија за управување оклопна хаубица 2000.

14:46 – Речиси една третина од работните места во Украина се укинати по инвазијата

Триесет проценти од работните места во Украина – вкупно 4,8 милиони – се изгубени по руската инвазија, објавија ОН, а изгледите се уште полоши ако војната продолжи.

14:20 – Германија: Снабдувањето со гас од Русија засега е стабилно

Испораките на руски гас за Германија во моментов се уште се безбедни, соопшти Министерството за економија, откако пресуши приливот на руски гас во Европа преку важна транзитна станица во Украина.

14:19 – Борел: ЕУ ќе продолжи да испорачува оружје на Украина и да ја ослабне руската економија

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел рече дека не ги разбира противниците на испораката на оружје и праша дали би сакале да ги видат „Украинците да клечат пред Русите“.

13:25 – Проруските власти во Херсон планираат да побараат од Путин да го анектира регионот

Украинскиот регион Херсон, кој е под окупација на руските сили, планира да побара од рускиот претседател Владимир Путин да го припои кон Русија, објави руската новинска агенција ТАСС, цитирајќи тамошен официјален претставник на проруската администрација.

12:36 – Медведев: Американскиот пакет помош за Украина има за цел продолжување на прокси-војната против Русија

Американскиот пакет помош за Украина вреден 40 милијарди долари одобрен од Конгресот има за цел продолжување на посредната војна против Москва, како и нанесување загуби на Русија и ограничување на нејзиниот развој и политичко влијание во светот, оцени заменик претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев.

12:17 – Украина обвинува дека руските сили оставиле смртоносни замки во ослбодените места во регионот на Харков

Украина денеска објави дека нејзините сили ослободиле неколку градови во близина на Харков, вториот по големина град во Украина.

12:05 – Унгарија ќе поддржи нафтено ембарго против Русија доколку се изземат нафтоводите

Нафтено ембарго против Русија би можеле да го поддржиме само доколку нафтоводите целосно се исклучат од санкциите, односно доколку ембаргото се однесува на снабдување со нафта по море, изјави унгарскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Петер Сијарто во видео-обраќање на Фејсбук.

11:25 – Гаспром потврди дека се испорачува помалку гас преку Украина

Рускиот енергетски гигант Гаспром потврди дека помалку гас се испорачува преку Украина кон Европа, откако Киев соопшти за намалување на количината поради војната.

10:14 – Европските нарачки за руски гас преку украинскиот пункт Сохрановка паднале на нула

Денешните нарачките за руски гас со транзит низ Украина преку влезниот пункт Сохрановка паднаа на нула, откако претходно украинскиот оператор за дотур на гас најави затворање на тој транзитен коридор.

10:13 – ВИДЕО: Украинците објавија дека собориле дрон ист како тој што падна во Загреб

Украинците објавија дека собориле советски извидувачки дрон Ту-141, а тоа го потврдија и со видео на социјалните мрежи.

09:38 – Нов Зеланд со нов пакет санкции против Русија

Министерката за надворешни работи на Нов Зеланд, Нанаја Махута, најави нови санкции против одреден број руски граѓани и компании поради случувањата во Украина.

09:34 – Захарова: Продолжуваат контактите меѓу Русија и Украина

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова денеска изјави дека продолжуваат контактите меѓу Русија и Украина во сферата на преговорите.

09:11 – Путин е поопасен од Хитлер и од Сталин вели полскиот премиер

„Владимир Путин е поопасен од Адолф Хитлер или Јосиф Сталин“, предупреди полскиот премиер, повикувајќи на искоренување на „монструозната идеологија“ на рускиот лидер.

09:02 – Ранетите борци на Азов заробени во челичарницата молат за помош

Борците на Азов објавија фотографии од челичарницата Азовстал, на кои се гледаат тешките услови во кои моментално живеат, заробени и ранети под земја во Мариупол, пишува Гардиран. Азовскиот полк вчера беа објавени низа фотографии на кои се бара помош од меѓународната заедница.

08:38 – Русија би можела да доминира во дел на Црното Море објави британското разузнавање

Русија би можела да доминира во северозападниот дел на Црното Море, доколку ја зајакне својата позиција на Змискиот Остров, соопшти денеска британското Министерство за одбрана.

08:34 – Финска и Шведска одлучуваат за влезот во НАТО, следните неколку дена се клучни

Финска и Шведска се се поблиску до одлуката за најверојатна нивна кандидатура за членство во НАТО, а официјалната објава на таквата одлука се очекува наредните денови, потврди синоќа финската страна.

08:21 – Путин ја деградирал ФСБ, а командата во Украина ја предал на ГРУ

Рускиот претседател Владимир Путин ја деградирал ФСБ поради неуспесите во првата фаза од офанзивата во Украина, а командата да раководи со разузнавачките операции на терен и е доделена на руската шпионска служба ГРУ, објавува денеска лондонскиот весник „Телеграф“.

08:08 – (ВИДЕО) Борец од челичарницата Азовстал: Секој ден би можел да ни е последен

Украински војник од опколената фабрика за челик Азовстал во Мариупол зборуваше за ужасните услови во кои се наоѓаат војниците и цивилите. Тој рече дека преостанатите бранители „претрпеле големи загуби“ додека продолжуваат жестоките напади на Русија.

07:55 – Американски разузнавачи тврдат дека Путин се подготвува за долга војна во Украина

Владимир Путин се подготвува за долга војна во Украина, при што дури и евентуална победа на исток нема да стави крај на конфликтот, предупредија американски разузнавачи.

07>55 – Зеленски ја пофали „натчовечката сила“ на украинските војници

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја пофали „натчовечката сила“ на украинските војници во борбата против руската армија.

11/05/2022

21:27 – Шмигаљ: Украина ќе го конфискува рускиот имот

Украинската Влада денеска одобри указ со кој целиот руски имот на територијата на Украина се пренесува на државата односно на државното претпријатие Национален инвестициски фонд.

20:10 – Украина затвора една од двете клучни точки за транзит на гас кон Европа

Украинскиот систем за пренос на гас ГТСОУ денеска соопшти дека „поради виша сила“ од утре ќе го прекине преносот на руски гас преку влезната точка Сохранивка.

17:23 – СЗО: Во Украина починаа најмалку 3.000 луѓе поради недостиг на третмани за хронични болести

Првиот човек на Светската здравствена организација за Европа, Ханс Клуге денеска изјави дека во Украина починале најмалку 3.000 луѓе од почетокот на руската инвазија во февруари, бидејќи немале пристап до третмани за хронични болести.

17:01 – Си предупреди на судири што би произлегле од украинската криза

Конфликтот меѓу блоковите околу кризата во Украина може да стане поголема и подолготрајна закана за глобалниот мир од самата криза, нагласи кинескиот претседател Си Џинпинг во телефонски разговор со својот француски колега Емануел Макрон, јавија кинеските државни медиуми.

16:26 – Еврил Хејнс: Путин се подготвува за продолжен конфликт во Украина за време на кој се уште има намера да постигне цели надвор од Донбас

Рускиот претседател Владимир Путин нема да ја заврши војната во Украина со кампањата во Донбас и е решен да изгради копнен мост до Приднестровие, нагласи денеска директорката на Националното разузнавање на САД, Еврил Хејнс.

15:33 – Бербок од Украина: Германија ја намалува зависноста од руска нафта на нула-засекогаш

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска престојува во ненајавена посета на Украина, што е прво патување на член на германскате власти во таа земја од почетокот на руската инвазија на 24 февруари.

15:27 – Бегалците од Украина стануваат се поранливи на трговија со луѓе

Бегалците од Украина стануваат се поранливи на трговците со луѓе додека беснее војната, се вели во новиот извештај, во кој се бара регистрација на жртвите, особено на децата без придружба.

14:12 – Пронајден мртов уште еден руски олигарх

Уште еден руски олигарх е пронајден мртов. Станува збор за Александар Суботин, кој викендов почина под мистериозни околности. Олигархот починал во куќата на шаман, барем според руските медиуми.

13:43 – Без напредок за ЕУ санкциите врз руската нафта, Унгарија стравува за својата економија

Европската Комисија соопшти денес дека претседателката фон дер Лајен ги слушнала преокупациите на унгарската влада за предложените санкции врз руската нафта, и дека продолжува да работи на решение.

13:07 – Литванскиот парламент ја прогласи Русија за терористичка држава

Литванскиот парламент, Сејм, денеска ја прогласи Русија за терористичка држава.

12:45 – Верешчук: Над 1000 украински борци се уште се во челичарницата Азовстал

Од украинското раководство денеска соопштија дека повеќе од 1.000 украински војници, од кои многумина се ранети, се уште се наоѓаат останати во подрумите и скривниците на огромната фабрика за челик Азовстал во пристанишниот град Мариупол, што е под руска контрола.

12:16 – Русија: Украинците очајнички се обидуваат да го заземат Змискиот остров, тела лежат на брегот

„Руските сили спречија неколку обиди на украинските војници да го вратат Змискиот остров во Црното Море во последните два дена“, соопшти руското Министерство за одбрана.

12:10 – ОН: Бројот на цивилни жртви во Украина е значително поголем од официјалните податоци

Шефот на набљудувачката мисија на Обединетите нации за човекови права во Украина, Матилда Богнер, денеска потврди дека бројот на убиени цивили од почетокот на војната во Украина е со илјадници поголем од официјалната бројка од 3.381.

12:01 – Шефицата на германската дипломатија во ненајавена посета на Буча

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска пристигна во ненајавена посета на Буча, украинскиот град во кој се убиени стотици цивили од почетокот на руската инвазија во март.

11:58 – Зеленски: Потпишувањето на законот „Lend-Lease“ е историски чекор

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски му се заблагодари на претседателот на САД, Џозеф Бајден за потпишувањето на законот што ќе овозможи побрзо испраќање оружје, воена опрема, лекови и производи во Украина и тој чекор го нарече „историски“.

11:51 – Кулеба: Ако не добиеме кандидатски статус, Европа се обидува да не измами

Украина летово очекува да добие статус на кандидат за членство во Европската унија, а одбивањето ќе го смета за измама од Европа, изјави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во интервју за Фајненшл тајмс.

11:47 – Бон: Можно е неделава да се постигне договор за ембарго на руската нафта

Во текот на неделава можно е да се постигне договор за предложеното ембарго од страна на Европската Унија на руската нафта, што сега го блокира Унгарија, изјави денеска францускиот државен секретар за европски прашања Клеман Бон.

11:09 – Во регионот на Харков пронајдени тела на 44 цивили, соопштија украински регионални власти

Телата на 44 цивили се пронајдени во урнатините на петкатната зграда во Изјум, која беше уништена од руските сили во март, изјави денеска шефот на украинската регионална воена управа во Харков Олег Синегубов.

10:57 – Гаврилица: Молдавија бара руската војска да го напушти Придњестровје

Молдавија бара повлекување на руската војска од Придњестровје (Транснистрија) во Молдавија, бидејќи сака мирно решение на конфликтот, изјави молдавската премиерка Наталија Гаврилица.

10:52 – Андриушенко: Најмалку 100 цивили се уште се ноаѓаат во челичарницата Азовстал

Најмалку уште 100 цивили се останати во фабриката за челик, што е под силен руски оган во јужниот украински град Мариупол, изјави денеска помошникот градоначалник Петро Андриушенко.

10:24 – Борел: Европа не се бори против Русија, туку ја брани Украина

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел изјави дека ЕУ не се бори против Русија, туку ја брани Украина.

10:22 – Украинска армија вчера одбила 15 руски напади во Донбас

Украинската армија тврди дека вчера одбила 15 руски напади во регионите Доњецк и Луганск.

09:00 – Нов извештај на британското разузнавање: Путин не може да го направи тоа што го планираше во Украина

Британското Министерство за одбрана го објави својот најнов разузнавачки извештај за руската инвазија на Украина во кој се наведува дека „потценувањето на украинскиот отпор од страна на Русија и планирањето на ’најдоброто сценарио’ довело до очигледни оперативни неуспеси“, го спречиле рускиот претседател Путин вчера да соопшти за значајни воени успеси во Украина

09:00 – Грушко: Русија не планира проактивно да ги затвори амбасадите во Европа

Русија не планира проактивно да ги затвори своите амбасади во Европа како одговор на непријателските мерки на Запад и проширувањето на санкциите против Москва, изјави заменик министерот за надворешни работи Александар Грушко.

08:59 – Макрон: Веројатно ќе треба да поминат децении пред Украина да стане членка на ЕУ

Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека најверојатно ќе биде потребно да поминат неколку децении пред Украина да може да стане полноправна членка на Европската унија.

08:59 – Руски новинари го нападнаа Путин на про-Кремљ информативен портал

Новинарите Егор Полјаков и Александра Мирошников упатија неколку обвинувања во своите написи, вклучително и дека руските одбранбени функционери ги лажеле роднините на загинатите во потонувањето на Црноморската флота на руската морнарица и го обвинија Путин дека ја почнал една од „најкрвавите војни во 21 век“.

08:31 – Шмигал: Украина дневно губи по 170 милиони долари поради немање пристап до море

Украина губи 170 милиони долари секој ден, поради немање излез на море, изјави премиерот Денис Шмигал, пренесе Скај Њуз.

08:23 – Бајден загрижен бидејќи Путин нема излезно решение од војната

Американскиот претседател Џо Бајден изрази загриженост поради тоа што неговиот рускиот колега, Владимир Путин, нема стратегија за излез од украинската војна. Затоа, Бајден се обидува да смисли што да направи, јавија британски медиуми.

08:20 – ЕБРД: Економијата на Украина ќе се намали повеќе од очекуваното

Украинската економија ќе се намали за речиси една третина оваа година како резултат на руската инвазија, соопшти Европската банка за обнова и развој.

08:02 – Бела куќа: Говорот на Путин на Денот на победата е ревизија на историјата

Ревизија на историјата, вака го оцени Белата куќа, говорот на рускиот претседател Владимир Путин, за време на парадата на Денот на победата.

07:59 – Украина наведува дека Русите погодиле два хотела и трговски центар во Одеса со суперсонични ракети

Трговски центар и два хотели биле погодени вчера во руските напади во пристанишниот град Одеса.

07:51 – Макрон и Шолц со поддршка за Украина пред Бранденбуршката порта

Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот ка нцелар Олаф Шолц и дадоа „целосна поддршка“ на Украина кога синоќа заедно пристигнаа пред Бранденбуршката порта во Берлин

07:38 – Бајден за Украина го реактивираше законот за воена помош од Втората светска војна

Американскиот претседател Џо Бајден потпиша закон со кој се овозможува забрзување на испраќањето воена опрема во Украина, со што повторно се активира законот од Втората светска војна.

10/05/2022

20:25 – САД и испорачаа на Украина хаубици и муниција

САД и доставија на Украина повеќе од 85 хаубици, и од 110.000 до 184.000 парчиња муниција за нив, изјави неименуван висок претставник на Пентагон.

16:23 – Украина бара специјална седница на Советот за човекови права на ОН

Киев денеска побара од Советот на Обединети нации за човекови права да одржи специјална седница за Украина поради, како што наведоа, потребата Советот да го разгледа континуираното влошување на ситуацијата во земјата, вклучително и наводите за голем број на жртви во Мариупол.

15:52 – Си: Мора да се избегне интензивирање на судирот во Украина

Кинескиот претседател Си Џинпинг на денешната виртуелна средба со германскиот канцелар Олаф Шолц истакна дека мора да се вложат сите напори судирот во Украина да не се претвори во „ситуација со која не може да се управува“.

14:21 – Мишел во Одеса за денот на Европа

Претседател на Европскиот Совет, Шарл Мишел, денот на Европа го одбележа во градот Одеса во Украина, каде се сретна меѓу другото со украинскиот премиер, Шмихал.

13:44 – ВИДЕО: Рускиот амбасадор во Полска полеан со црвена боја на церемонија за Денот на победата

Амбасадорот на Русија во Полска, Сергеј Андреев, беше полеан со црвена боја на годишниот настан на Денот на победата во чест на крајот на Втората светска војна.

12:33 – Курти по нападот на руските сили врз училиште во Луганск: Косово е солидарно со Украина

Косовскиот премиер Албин Курти го осуди завчерашниот напад на руските сили врз училиште во селото Билогоривка во украинската област Луганск, во кој, според тамошни извори, загинаа над 60 цивили.

12:24 – Мета: Стоиме на страна на Украина со надеж за враќање на мирот во Европа

Албанскиот претседател Илир Мета, честитајќи го 9 мај-Денот на Европа, ја нагласува поддршката на неговата земја за Украина и искажува надеж за враќање на мирот во Европа.

12:06 – Објавени сателитски снимки од погоденото училиште во источна Украина

Сателитските снимки направени од Planet Labs PBC покажуваат дека училиште во Билохоривка во источна Украина, во кое загинаа најмалку 60 луѓе, е срамнето со земја.

11:24 – „Катимерини“: Грција би испратила оклопни возила во Украина, доколку добие замена на возилата

Грција би била подготвена да испрати оклопни возила од типот БМП-1 во Украина, доколку се обезбеди замена за истите возила, пишува грчкиот весник „Катимерини“

11:23 – Шмихал: Украина не може да извезе околу 90 милиони тони земјоделски производи

Украина не може да извезе околу 90 милиони тони земјоделски производи, бидејќи Русија блокира пристаништа, информираше украинскиот премиер Денис Шмихал.

09:56 – Путин: Руските војници во Украина ја бранат својата татковина

Рускиот претседател Владимир Путин го одржа својот традиционален говор за Денот на победата на Црвениот плоштад во Москва порачувајќи им на руските борци дека сега се борат за безбедноста на Русија.

09:35 – (ВИДЕО) Зеленски: Наскоро ние ќе имаме два Дена на победата, некој нема да има ниту еден

„Ние се бориме за слободата на нашите деца и затоа ќе победиме – вели претседателот на украина, Влодомир Зеленски во видеото по повод 9.мај, Денот на победата над нацизмот.

09:32 – Велика Британија ги прошири санкциите за Русија и за Белорусија

Велика Британија ги прошири санкциите против Русија и Белорусија, кои вклучуваат повисоки царини за увоз на благородни метали од Русија и забрана за извоз на одредени британски производи, пишува Гардијан. Целта е да се зголеми економскиот притисок врз Москва поради војната во Украина.

09:11 – ВИДЕО: Почна големата воена парада во Москва

Почна големата воена парада по повод Денот на победата во Москва. Пристигна и претседателот на Русија, Владимир Путин.

09:02 – Украинска армија предупредува на можни руски ракетни напади

Украинската армија денеска предупреди, непосредно пред почетокот на руската парада за Денот на победата во Москва, дека постои „голема веројатност од ракетни напади“ и оти руските војници во областите во Запорожје, кои се под контрола на Москва, почнале да одземаат лични документи на локалното население, без да наведат причина.

08:59 – Зеленски се сретна со шефицата на Бундестагот

Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа се сретна со претседателката на германскиот Бундестаг Бербел Бас, која го посети Киев, соопшти прес-службата на украинскиот лидер.

08:14 – Борел: Да се запленат руските резерви за обновување на Украина

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел рече дека земјите на ЕУ треба да размислат за запленување на замрзнатите девизни резерви на Русија за да ги насочат средствата за обнова на Украина.

08:07 – Путин ќе го одржи долгоочекуваниот говор

Русија денеска ја слави 77-годишнината од победата над Хитлерова Германија, а претседателот Владимир Путин ќе одржи долгоочекуваниот говор за настаните од војната против Украина.

07:53 – Зеленски: Русија ќе загуби затоа што злото секогаш губи

Во пресрет на Денот на победата, претседателот на Украина Володимир Зеленски рече дека Русија „заборавила на сè што им било важно на победниците во Втората светска војна“.

07:43 – Гутереш ужаснат од бомбашкиот напад на украинско училиште

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш е „ужаснат“ од бомбардирањето на училиште во источна Украина во кое настрадале 60 луѓе, според украинскиот претседател Володимир Зеленски, и побара цивилите да бидат поштедени, изјави неговиот портпарол.

07:42 – Би-Би-Си: Може ли Путин да објави сеопшта војна?

Русија вели дека се глупост шпекулациите дека ќе и објави сеопшта војна на Украина на Денот на победата над фашизмот.

07:42 – Зградите на ЕУ во боите на украинското знаме по повод Денот на Европа

„Ние сме со Украина и нејзиниот народ во нивната борба за слобода, мир и демократија: истите вредности врз кои беше изградена ЕУ пред 72 години“, напиша Европската служба за надворешни работи на Твитер.

Хронологија на руско-украинскиот конфликт од 25 април до 8 мај

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Објава на руски војник стана вирална: „Добредојдовте во пеколот“

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Русија објави дека Украина го нападнала Крим со проектилите кои тајно го доби од САД

Катерина Ѓуровски

Русите погодиле воз: Министерството соопшти дека имало западна воена опрема

Русите уапсија двајца нивни војници за грозоморни злосторства

Катерина Ѓуровски

Руски шпиони ја бараат рутата по која во Украина стигнува оружје

Катерина Ѓуровски

Американскиот Конгрес одобри помош за Украина