Бербок од Украина: Германија ја намалува зависноста од руска нафта на нула-засекогаш

Од:

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска престојува во ненајавена посета на Украина, што е прво патување на член на германскате власти во таа земја од почетокот на руската инвазија на 24 февруари.

Нејзината ненадејна посета се случува во моменти кога Германија продолжува да се соочува со критики за нејзината претходна политика кон Русија, за која се смета дека го ставала економскиот интерес пред грижата за човековите права, наведува Дојче веле. Сепак, Берлин сега и дава значителна воена поддршка на Украина за да и помогне да се бори против руската инвазија.

Бербок ја започна својата посета на Буча, северозападно од Киев, со разговори со жителите на градот, соопшти германската новинска агенција ДПА. По руската опсада на Буча, украинските власти пронајдоа ликвидирани цивили на улиците и во масовните гробници, а на некои им беа врзани раце.

Таа беше придружувана од украинската јавна обвинителка Ирина Венедиктова, која го надгледуваше собирањето информации за наводите за силување, тортура и други воени злосторства за кои се осомничени руските сили.

Откако ги слушна извештаите за злосторствата, Бербок рече дека одговорните мора да бидат изведени пред лицето на правдата. Таа истакна дека „најлошите злосторства што може да се замислат“ биле извршени во Буча за време на руската окупација.

– Ние им должиме на жртвите не само со одржување комеморација овде, туку повикуваме на одговорност за сторителите, рече шефицата на германската дипломатија.

– Ова им го должиме на жртвите, изјави таа пред новинарите. – И тие жртви, кои толку силно ги чувствуваме овде, тие жртви можевме да бидеме ние, додаде таа.

„Ќе собираме докази како меѓународна заедница. На украинската главна обвинителка Ирина Венедиктова и ветив целосна поддршка од Германија во истрагата за воените злосторства: политичка, финансиска и кадровска“, напиша таа на Твитер.

Подоцна, при посетата на киевското предградие Ирпин, кое исто така претрпе големо уништување, Бербок го изрази своето длабоко восхитување за храброста што ја покажаа Украинците во нивната борба против руски сили.

– Вие сте многу храбра земја и сè што можеме да направиме е да застанеме на ваша страна, рече германската министерка.

– Да се биде министер за надворешни работи на една земја за време на мир е лесно. Но, сосема поинаква работа е да се биде градоначалник за време на војна. Ја имаш целата моја почит“, му рече таа на градоначалникот на Ирпин, Александар Маркушин.

Попладнево таа одржа средба со нејзиниот украински колега Дмитро Кулеба, при што најави скорешно повторно отворање на германската амбасада во Киев, која е затворена од средината на февруари.

Бербок, исто така, рече дека Украина може да стане полноправна членка на Европската унија, но дека не може да се стаса до таму „по покус пат“. Таа истакна дека е уверена дека земјата ќе добие „јасен кандидатски статус“, но дека не треба да има „празни ветувања“ за тоа што ќе се случи потоа.

Министерката, исто така, најави дека Германија во иднина целосно ќе биде без увоз на енергија од Русија, која таа ја опиша како „агресор“.

– Затоа ние ригорозно ја намалуваме нашата зависност од руската енергија на нула – засекогаш, потенцираше шефицата на дипломатијата.

Посетата на Бербок се совпаѓа со посетата на холандскиот министер за надворешни работи Вопке Хоекстра, кој ненајавено пристигна во Украина.

Портпаролот на Хоекстра рече дека министерот, исто така, „официјално“ ќе ја отвори холандската амбасада во Киев, каде дел од персоналот се врати на работа на крајот на април.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Бербок: Победата на Израел над Иран мора да се постигне со дипломатски средства

САД и Германија ги предупредија Израелците да не ја напаѓаат Рафа

Руски дрон ја прател Аналена Бербок

Горан Наумовски

Бурбок, за време на посетата на Одеса, мораше да се засолни по сирената за воздушен напад

Бербок: Украинскиот конфликт не смее да „замрзне“

Бербок: Земјите од Западен Балкан апсолутно и целосно припаѓаат на Европската Унија

Горан Наумовски