Мора да бидеме подготвени да отвориме крупни прашања, ако не влеземе во Европската унија до 2030 година, треба да бараме алтернатива, вели во интервју на А1он претседателот на ГРОМ и градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој вчера ја најави кандидатурата за претседател на Македонија. Во изборната трка влегува бидејќи се гледа како трета опција, со став дека претседателската функција е претворена во полтронска функција.
„Ја нудам мојата кандидатура како трета опција, како друго решение од вообичаените, затоа што претседателската функција ја претворивме во полтронска функција. Во меѓународната политика се претворивме како земја со која се поигруваат, наместо да бидеме горди. Има мали и големи земји точно, меѓутоа има мали и големи идеи. Не успеавме да се наметнеме како држава која има цврсти ставови, која нема да коленичи, која има достоинство и било кој од меѓународната заедница ќе знае до каде може. Ова со членството во ЕУ веќе претставува поигрување со нацијата, со државата и одговорно тврдам дека Македонија тоа не го заслужува.
Прво ќе биде моето искуството, второто ќе бидат моите цврсти ставови по одредени прашања, третото, најважно за граѓаните е дали сме спремни да отвориме крупни прашања во оваа држава. Најкрупно прашање е, што ако не влеземе во ЕУ. Дали и натаму ќе чмаеме вака. До 2030 ако не влеземе, мора да си најдеме чаре. Некое кутре скитник ќе седи пред вашата врата, па ако не му давате храна ќе си отиде. Ние не можеме бескрајно да чекаме и да слушаме измислици на било кој од ЕУ.
Нашата алтернатива е Македонија да се сврти кон самата себе. За тој период до 2030 година да подготвиме многу проекти кои ќе бидат над 50 милијарди евра и да се поканат сите инвеститори, за сите земји кои сакаат да инвестираат во Република Македонија. Не сум приврзаник за тоа, во октомври да кажат „не“, а ние пак да си седиме. На секое нивно одбивање, треба да имаме наш одговор. Ние можеме веднаш да склучиме договор со некоја земја за слободна трговија. Како мислат тие да се однесуваме по нивните правила, а да не сме членови на нивното семејство. Експресно отворија преговори со Украина. Се што сме учеле за ЕУ, не важи. Ја земаме Украина во Европа заедно со руските тенкови“, вели Јакимовски.
Како коалиционен партнер не ја гледа ниту градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која е претседателка на Нова Алтернатива. Вели дека имаат соработка како градоначалници, но немаат разговарано за предизборна коалиција.
Јакимовски посочи дека има исклучиво промакедонски ставови, но дека Македонија мора да се држи до САД како свој сојузник.
„Јас имам промакедонски ставови. Секогаш сум кажувал дека од таму доаѓа голема опасност и дека политиките кои се водат ќе доведат до воен конфликт и доведоа до тоа. Кој си е проруски нека си тера проруски, кој си е проамерикански нека си тера, јас сум промакедонски. Мене ме интересираат интересите на Република Македонија. Дали треба да се спротивставам на одредени притисоци или ставови на САД, Русија или ЕУ, тоа не ме интересира. За мене секогаш ќе бидат на прво место интересите на Република Македонија“, кажа Јакимовски.
По парламентарните избори, не ја исклучува можноста за коалиции, но вели дека не се гледа во влада со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Не верувам дека би коалицирал со Христијан Мицкоски доколку ја води Владата. Во парламентот имаш комодитет, можеш да бидеш дел од Владата, може и да не бидеш. Меѓутоа ако станам претседател, јас ќе бидам должен да соработувам. Не мора да се дружиме, не мора да се сакаме, но мора да соработуваме. Ние не можеме да се однесуваме како тие што се однесуваат сега во Карпош, а впрочем тоа го покажуваме, бидејќи во три општини моите советници се пресудни, ние не правиме опструкција на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ. Опозицијата се обидува да се вози на создавање на афери на владата, на не снаоѓањето со пасошите, повторно да дојдеме на истата ситуација, да создадеме гнев, да се гласа против некого, а да не се гласа за нешто. Јас не можам да препознаам кај ВМРО-ДПМНЕ сериозна програма, особено ако се има предвид дека господинот О Брајан два пати испрати критики на страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Јас влегов во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ кога лидер беше Никола Груевски, за мене тој беше добар премиер. Имаше одлични потези. Дојде нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ каде што искреноста не му е јака страна, па дури и подлажнувањето му е својствено. Машки сум се борел за сите оние ставови за кои сме се договарале, за тоа сум сносел последици“, посочи Јакимовски.
За иницијативата Борба за Влае, која се противи на градење зграда кај порта Влае смета дека се под влијание на Мицкоски, посочувајќи дека токму неговата сопруга била една од оние кои делеле флаери против него и против изградбата на вискокатницата.
„Улицата не треба да се затвори за зградата, таа и сега е непрописна. Улицата е чвор, кој е непрописен. Не постои сообраќаен инженер во светот кој ќе стави потпис на такво решение. Тоа сообраќајно решение е одамна. Со претходниот ГУП, таму беше предвиден трговски центар, со должина до велосипедската патека, преку зеленилото. Со друг план, таму е предвидено домување. Откако е тој човек (Мицкоски) дојден таму, не се сложува. Интервенираше да нема ресторан, ќе имало свадби, ќе му сметало, ќе се слушало музика. Да немало маркет, ќе се паркирале автомобили. Беше против детска градинка. И против градинка, и против улица и против црква, ама очигледно дека се за 20 катници на петстотини метри од нас, односно само што ја поминува границата на Карпош, веднаш на почетокот на Ѓорче Петров, над 30 објекти и плус хемиски фабрики. Сега, за Карпош пропагираат антиградежна хистерија, а за Ѓорче Петров имате проградежна политика, која не соодветствува со ниту еден принцип, освен да сфатиш дека со секој од тие луѓе кои се сопственици, сакате директен разговор, веројатно личен разговор и дека имате некој каприц за Карпош, односно за градоначалникот“, рече Јакимовски.
Смета дека Бугарите би можеле да бидат вметнати во македонскиот Устав, но само доколку нема други барања од страна на Бугарија и се откочи патот кон полноправно членство во ЕУ.
„Бугарите имаат редица барања од Република Македонија. Ние прекинавме да ги викаме фашисти, а тие беа заедно со фашистичка Германија. Ја нападнаа бивша Југославија, отцепија делови од нејзината земја. Не само што беа фашисти туку беа и нацисти, тие беа тие кои ги екстрадираа од тука, над 7.000 граѓани од еврејска националност и ниту еден преживеан нема. Ако ние се договориме дека единствен услов е да влезат и Бугарите во уставот, во ред, но овие прашања за историја, за заеднички корени, Македонците од кога била нација, не би го прифатил во ниту еден момент. Ако се договориме да се разговара за тоа, но да не биде пречка, тогаш во ред, а ако имаат барања, нема зошто да ја отвориме Пандорината кутија“, вели Јакимовски.
За зградата на седумнаесет ката која треба да се гради спроти Градската болница, за која министерството за култура дава негативно мислење, вели дека го чека мислењето, па да се произнесат како општина по тоа мислење.
Погледнете го целото интервју на А1он со градоначалникот на Карпош и претседателски кандидат, Стевчо Јакимовски.