Врховниот суд ги укина пресудите против поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, за кривичното дело „бесправно градење“ и предметот го врати на повторно судење, бидејќи пониските судови не утврдиле јасно за каков објект станува збор и дали за него воопшто било потребно одобрение за градба.
Јакимовски беше осуден на една година затвор за изградбата на два објекти на улицата „Радика“ бр. 9 во Карпош. Станува збор за административни објекти на локалната самоуправа, за кои Јакимовски тврдеше дека се монтажни, односно времени објекти.
Врховниот суд во одлуката констатира дека од образложенијата на првостепената и второстепената пресуда не произлегува прецизно каков тип објект бил изграден. Според судот, не е утврдено дали станува збор за траен објект за кој е потребна градежна дозвола или за монтажен, односно времен објект за кој важат поинакви правила.
„Не е точно утврден видот на деловниот објект, па врз основа на тоа да се даде одговор дали за поставениот монтажен објект било потребно одобрение за градба“, се наведува во одлуката.
Врховниот суд оценил и дека образложението на пониските судови е контрадикторно и не ја отсликува реалната состојба. При повторното судење, првостепениот суд ќе треба да ги утврди типот и правниот статус на објектот, неговите градежно-технички карактеристики, материјалите од кои е изграден и неговата намена.
Овие факти се од суштинско значење за да се утврди дали за објектот било потребно одобрение за градба или, доколку станува збор за времен објект, одобрение за негово поставување.
Судот се осврнал и на фактот дека Општина Карпош немала годишна програма за поставување времени објекти, но оценил дека и ова прашање требало да се разгледа во контекст на останатите одредби од Законот за градење.
„Пониските судови не го утврдиле типот на изградениот објект, неговата категоризација, односно дали објектот кој по своите карактеристики е монтажен објект наменет за локалната самоуправа подлежи на обезбедување одобрение за градба“, наведува Врховниот суд, оценувајќи дека на тој начин не биле со сигурност утврдени сите битни елементи на кривичното дело.
Врховните судии констатирале и дека Апелациониот суд, иако имал можност да ги отстрани утврдените недостатоци во првостепената пресуда, тоа не го сторил.
Јакимовски, кој според правосилната пресуда требаше да издржува една година затвор, во затворот „Скопје“ е околу два месеца. Во меѓувреме, во неколку наврати излегувал од затвор поради хоспитализација и оперативни зафати. Со укинувањето на пресудите, предметот сега се враќа на повторно постапување пред првостепениот суд.
