Англискиот графички дизајнер Сторм Торгерсон, чии решенија за насловните страници на албумите на „Пинк флојд“ и на „Лед цепелин“ го пренесоа духот на психоделијата во 1970-тите години, почина на 70 години.
Соработката со „Пинк флојд“, Торгерсон ја започна кога го дизајнираше омотот за плочата „A Saucerful of Secrets“ од 1968 година, а набрзо креациите на неговата компанија „Хипносис“ станаа најбарани меѓу рокерите – „Лед цепелин“, Питер Гејбријел, Пол Макартни, „Блек сабат“, „Антракс“ и „Кренберис“ беа меѓу најредовните клиенти.
Торгерсон ги базираше дизајните на фотографии, преку кои нанесуваше различни техники за да добие надреални слики, нешто што денес многу лесно може да се направи во фотошоп.
Но тој говореше дека повеќе го сака компјутерот во својата глава отколку оној на масата. Инспирација му беа Кандински, Пикасо, Магрит, Грис…