Специјалното издание на емисијата „Опра шоу“ кој го прикажува патот на водителката во Индија, наиде на негативни критики на тамошните жители. Индијците сметаат дека приказот на Опра за нивната татковина е полн со предрасуди и стереотипи.
Иако е снимен уште од јануари, а во Америка емитуван во април, специјалот на Опра за патувањето по Индија во таа земја е прикажан дури минатиот викенд.
Авантурите на познатата водителка не им се допаднаа на Индијците, затоа што, според нивното мислење, Индија е прикажана еднострано, игнорирајќи разновидноста на локалната култура.
„Емисијата е полна со стереотипи и клишеа. Очекував многу повеќе од некој како што е Опра Винфри“, изјави Асим Чабра, новинар на весникот „Мумбаи Мирор“.
Гледачите особено се лутат поради кадрите во кои Опра е вчудоневидена од фактот дека „Индијците и понатаму јадат со раце“.
„Кратковиден, несвесен, лаички“, го окарактеризира водителскиот опис на Индија новинарот Раџасри Сен.
Портпаролот на Опра од продукциската куќа „Харпо“ изјави дека ѕвездата немала намера да навреди никој.
„Со оваа емисија сакавме да ја истражиме преубавата култура и духот на земјата. Уживавме во времето кое го поминавме таму и во разговор со луѓето кои со нас ја поделија нивната судбина“.
Инаку, специјалот на Опра почна да прави непријатни случки уште за време на снимањето. Во јануари нејзините телохранители физички се пресметаа со неколку локални новинари кои се обидуваа да ја следат. Телохранителите се пуштени на слобода кога јавно се извинија.