Интернационалниот Тоше Проески фан-клуб форум, повторно го одбележува 5-ти октомври, како ден на кој Тоше Проески пред пет години го имаше својот последен и најуспешен концерт на арената „Филип Втори“.
„Тоше тогаш посака, на овој датум секоја година, да биде заедно со своите фанови, да ужива, да ја слави музиката и да го трaсира патот на хуманоста. Можеби судбината го направи своето, но фановите не дозволуваат неговата желба да падне во заборав“, велат од фан-клуб форумот.
Настанот „Биди и ти дел од ѕвезденото небо на Тоше“ ќе почне во 19:30 часот, со емитување на видео спотови на Тоше, а од 20 па се до 22:30 часот ќе бидат емитувани концертни настапи на Тоше, на плоштадот „Македонија“. За време на настанот ќе биде прикажан видео запис кој до сега не е емитуван за јавноста. Крајот ќе биде проследен со голем огномет.
Традиционално ќе се одржи и крводарителска акција организирана од Интернационалниот Тоше Проески фан-клуб форум и Црвениот Крст на град Скопје, поддржана од Меѓународната фондација „Тоше Проески“.
Под мотото „Јас штотуку спасив живот, а Вие?“ , во просториите на фондацијата „Никола Кљусев“ (веднаш до Дом на АРМ), во петок од 10 до 18 часот сите оние кои сакаат ќе може да го продолжат патот на хуманоста.