Во Белгија судат тројца малолетници, вознемирувале 14-годишно девојче кое се самоуби

Од:

Брисел, 18 февруари 2021 (МИА) – Во Белгија денеска почнува судски процес против тројца малолетници обвинети за вознемирување на 14-годишна девојка, која на 30 јануари 2020 година си го одзеде, откако со месеци беше жртва на вознемирувања и напади преку интернет.

Според изјавите на нејзината мајка, Маел не можела да го поднесе јавното објавување на интимно видео.

Зара, нејзината мајка, за медиумите изјави дека нејзината ќерка не покажувала никакви знаци дека е жртва на мобинг и напади сѐ до нејзиното самоубиство.

Кога го открила нејзиното безживотно тело во детската соба, до неа бил оставен нејзиниот мобилен телефон, шифрата за отклучување и видео во кое бара прошка од нејзините родители, и објаснува дека не можела повеќе да ја поднесе ситуацијата во која се наоѓала.

Два месеци интимното видео на младата Маел кружело на социјалните мрежи, повлекувајќи со себе стотици злобни коментари и пораки секојдневно.

– Не знаев ништо! После дури се одврзаа јазиците, нејзините другарки ми раскажаа за видеото. Тоа беше дел од животот на Маел, што го открив во тој миг. Не мислам дека е тоа запоставување од моја страна. Родителите треба да знаат дека нашите адолесценти имаат нивен таен дел, не знаеме сѐ! Си имаат љубовен, сексуален живот кој мораме да го почитуваме, изјави мајката на Маел, Зара.

Според белгиските статистики секое трето дете е жртва на вознемирување во училиште.

Зара истакна дека Маел не проговорила за нејзината голгота за да ги заштити родителите.

– Често е така, детето не сака да предизвика грижа кај родителите, и си вика дека само ќе се носи со тоа, но, не! Битката против вознемирувањето во училиште е многу тешка!, посочи Зара за белгискиот јавен сервис РТБФ.

Иако мајката забележала промени во однесувањето на нејзината ќерка, таа претпоставувала дека станува збор за „обична адолесцентска криза“.

Зара се надева дека тројцата обвинети за самоубиството на ќерка и ќе ја разберат сериозноста и последиците на тоа што го сториле.

– Треба да разберат дека не смеат да прават што сакаат, вели Зара, која и самата е наставничка и алармира дека професорите не се добро подготвени да се справат со оваа појава.

Денес, таа со други мајки во ист случај се борат за да се внесе проблематиката во образовниот систем и да се смени обуката за наставниците и образовниот кадар.

Би можело да ве интересира

Уште една инфлуенсерка го обвини раперот за сексуално злоставување

Градоначалникот на Њујорк обвинет за сексуален напад

Маж од Белград на сила принудувал девојка да скокнат заедно од зграда

Горан Наумовски

Белгија протера руски дипломати

Горан Наумовски

Уапсени четири лица во Брисел: Планирале напад на концертната сала

Таткото кој со сопругата ги уби децата и се самоубија бил текстописец за метал бендови

А1он