Малезискиот крал Ал-Султан Абдулах прогласи денеска вонредна состојба во цела земја, со цел да се спречи натамошното ширење на коронавирусот.
Со таквата одлука на кралот всушност се зајакна несигурната позиција на малезискиот премиер Михџидин Јасин, бидејќи неговите политички противници нема да можат да форсираат одржување предвремени избори.
За време на своето телевизиско обраќање до нацијата, Јасин потврди дека Парламентот ќе биде суспендиран на одредено време, како и дека избори нема да се одржат додека трае вонредната состојба.
– Вонредната состојба која ја прогласи кралот не е воен удар и нема да има полициски час, истакна премиерот на Малезија.
Минатата недела првпат во оваа земја се регистрирани над 3.000 новозаразени случаи со коронавирус во еден ден. Вкупниот број на инфицирани во Малезија досега изнесува повеќе од 138.000, а од почетокот на пандемијата се потврдени 555 смртни случаи како последица на Ковид-19.