Британскиот Парламент повторно ќе гласа за Договорот за брегзит

Од:

Пратениците во британскиот Парламент утре повторно ќе гласаат за Договорот за брегзит, што лани во ноември го постигнаа Владата во Лондон и ЕУ.

Новото изјаснување за Договорот, што пратениците го отфрлија при гласањето во јануари, е закажано на помалку од три недели пред планираното истапување на Велика Британија од ЕУ.

При отфрлањеѕо на Договорот на претходното гласање, пратениците побараа од британската премиерка Тереза Меј одново да преговара со Брисел за содржината на текстот, особено за делот околу „ирската греаница“.

Спорната одредба за „ирската граница“ предвидува статусот на границата меѓу членката на ЕУ, Република Ирска и британската покраина Северна Ирска да остане ист каков што е сега и за време на преодниот период по брегзит, што би требало да трае до крајот на 2020 година, во кој треба да се најде конечно решение.

Тврдокорните приврзаници на брегзитот, пред се во редовите на Конзервативната партија на Меј, не се согласуваат со ваквата одредба во Договорот, бидејќи стравуваат дека со тоа Велика Британија би можела да остане „врзана за ЕУ, можеби и на неопределено време“.

По одбивањето на Договорот од страна на Парламентот во Вестминстер, лидерите на ЕУ ја отфрлија можноста за нови преговори за брегзит, но сепак се согласија на разговори за допрецизирање на некои одредби и давање правни гаранции, со цел да се убедат британските пратеници да го поддржат договорениот документ. Сепак, засега не е постигнат значителен напредок во овие разговори.

Доколку пратениците утре повторно го отфрлат текстот, тогаш постојат две можности или Велика Британија да ја напушти Унијата на предвидениот датум без Договор, што би можело да предизвика потреси во самата земја, но и во ЕУ или пак Меј да побара одлагање на Брегзитот со цел да добие дополнително време за усогласување на условите за „разводот“ меѓу двете страни.

Во обраќањето во петокот Меј предупреди дека повтороното отфрлање на договорот би предизвикало „криза“.

– Поддржете го (Договорот) и Обединетото Кралство ќе ја напушти ЕУ. Отфрлете го и никој не знае што ќе се случи… (тогаш) можеби нема да ја напуштиме ЕУ со месеци. Би можеле да заминеме и без заштитните мерки што ги предвидува Договорот, а можеби и никогаш нема да ја напуштиме (ЕУ), им порача Меј на пратениците.

Под притисок на членови на нејзината Влада, Меј се согласи во случај Парламентот утре да го отфрли Договорот, пратениците в среда да се изјаснат за можноста за Брегзит без договор, а в четврток за евентално одлагање на британското напуштање на Унијата.

Во пресрет на утрешното гласање, „Дејли Мејл“ објави дека Меј ја загубила поддршката од речиси сите министри во нејзиниот Кабинет.

Според весникот, само двајца министри се уште и даваат поддршка на Меј, додека останатите „загубиле доверба во нејзината способност да раководи“.

„Дејли Мејл“, повикувајќи се на извори во Владата, неведува дека министрите сакаат Меј да поднесе оставка најдоцна до јули, со цел следниот лидер на Конзервативната партија да ја спроведе следна етапа од преговорите за напуштање на Европската унија ако Парламентот одобри брегзит без договор со Брисел.

Би можело да ве интересира

Јункер: Во Ирска ќе има гранични контроли во случај на Брегзит без договор

Татјана Ташкова

Што може да значи Брегзит за британскиот фудбал?

Ана Ололовска

Османи: И власта и опозицијата заеднички да работат на почеток на преговорите

Ана Ололовска

ЕУ: Преговарачите се согласија да ги продолжат разговорите за Брегзит

ЕУ ќе и даде на Албанија 14,5 милиони евра за пописот во 2020 година

Могерини ќе се сретне со лидерите на Западен Балкан во Њујорк