Фудбалската федерација на Македонија се соочува со казна од УЕФА за можно кршење на здравствените правила од страна на нашите репрезентативци на Европското првенство, иако нашата репрезентација веќе е елиминирана од првенството.
Специјално назначен инспектор за етички и дисциплински прашања на европската фудбалска асоцијација бил веќе назначен и тој ќе ја предводи истрагата за наводно „лошо однесување и потенцијално кршење на здравствените протоколи“ од страна на играчи од нашата селекција за време на задолжителното земање брисеви за тестирање за Ковид-19 во Амстердам во саботата (19 јуни), два дена пред мечот со Холандија, објавија повеќе западни медиуми.
Според најавите од УЕФА, евентуалните санкции ќе бидат против ФФМ и нема да бидат индивидуални, односно изречени кон играчите или членовите на стручниот штаб, пишува „Дејли њуз“.
Од Европската куќа на фудбалот засега не го спомнуваат вториот случај за кој пишуваа романските медиуми, во кој селекторот на македонската репрезентација Игор Ангеловски и капитенот Горан Пандев беа фотографирани како вечераат во ресторан во Букурешт – постапка која исто така е спротивнa на здравствените протоколи на УЕФА за Европското првенство.