Македонскиот виртуоз на гитарата Влатко Стефановски одржа концерт во театарот Гринберг во Вашингтон. Концертот, по повод американскиот Ден на благодарноста, беше организиран од Министерството за одбрана на Македонија.
„Целта е да ја искажеме благодарноста до Америка за поддршката што ни ја даваат од нашата независност и да порачаме дека Република Македонија е партнер на Соединетите Американски Држави”, изјави министерот за одбрана Зоран Јолевски за Македонската Телевизија.
Пред публиката во американскиот главен град, Стефановски се претстави со класичните Јовано, Јованке, Македонско девојче, Калајчиско оро, Џипси Меџик Скопје… Песната Кандилце, Стефановски ја посвети на жртвите на терористичките напади во Париз.
„Ова е моја осма посета на Америка. Во Вашингтон сум втор пат, во Њујорк сум бил повеќе пати, како и во Лос Ангелес и во Канада. Драго ми е што сум во Вашингтон. Препознав некои места шетајќи по оние музеи, галерии и туристички атракции низ Вашингтон. Се потсетив на моите настапи овде со Леб и сол пред 33 години и ми се разбудија некои чудни емоции. Задоволен сум од вечерашниот настап. Видов и некои познати луѓе, поранешните американски амбасадори”, изјави Стефановски.
Министерот Јолевски додаде дека целта на настанот е “да собереме претставници на Конгресот, на администрацијата, на културниот живот овде во Вашингтон, и да ја претставиме македонската култура. Притоа да ја пренесеме пораката дека сме благодарни за сето она што Америка го прави за Република Македонија и дека Република Македонија е партнер на Соединетите Американски Држави”. Ова е седми пат Македонија да одржува културна манифестација во САД по повод Денот на благодарноста.
Меѓу посетителите на концертот имаше сенатори, конгресмени, дипломати и претставници на американските невладини организации. Министерот за одбрана го претстави и доктор Срѓан Керим, македонскиот кандидат за функцијата генерален секретар на Обединетите нации. Стефановски и Керим упатија сочувство до француските граѓани поради загубата на млади животи во терористичките напади.