Едно од најпознатите списанија за гитарите и за луѓето чија пасија е тој музички инструмент, „Guitar World“ во своето последно, празнично издание, традиционално го прогласи најдобриот на електрична гитара во светот за годината што изминува, а овој пат тоа е Србинот Игор Паспаљ.
Изборот има пет категории, а од списанието велат дека нивното жири, составено од познати имиња од гитарскиот свет, имало тешка задача да го избере најдобриот меѓу петтемина финалисти.
„Паспаљ е виртуоз, чии влијанија ги вклучуваат Еди ван Хејлен, Џо Сатријани, Вини Мур и Стив Вaи, а Игор покажува исклучителна инструментална доминација, како и неспоредлива композициска способност,“ пишува списанието во образложението за изборот.
Паспаљ, кој е роден во Приједор, во Република Српска, почнал да свири гитара на 13-годишна возраст, потоа ја завршил музичката академија во Бања Лука, каде десетина години работел како професор. По ова, тој се преселил во Дубаи, каде и натаму работи како музичар, пишуваат локалните медиуми.