Во листата на изведувачи за главната бина на Д Фестивал се придружуваат хероите на македонската независна музичка сцена, инди-пост-панк активистите Бернајс Пропаганда (BERNAYS PROPAGANDA), една од најактивните групи од регионов, кога се во прашање нaстапите надвор од неговите граници, тукушто се врати од својата последна европска турнеја и пред само неколку дена (28 мај) се закити и со признанието за Најдобра турнеја, од страна на МАН – Македонските алтернативни награди.
Овие остварувања на Бернајс Пропаганда доаѓаат по објавувањето на нивниот нов албум „Политика“ кој одекна не само со распродадените три концерти во Скопје, туку и со одличните оценки на музичката критика ширум регионот и подалеку.
Секогаш револуционерни во својот музички израз, Бернајс Пропаганда со четири студиски изданија и повеќе стотици концерти, важат за еден од водечките алтернативни бендови од регионов. Групата веќе ги испиша некои од најинтересните страници во современата историја на „направи сам“ музичката сцена на Балканот и освои огромен број следбеници во регионов и странство кај кои ужива култен статус.
Д Фестивал годинава ќе се одржува од 15 до 17 јули во Дојран. Покрај Бернајс Пропаганда, својот настап веќе го потврдија „Toy Dolls“, „DUB Pistols“ и „Чиста околина“ на главната бина, The Project Orpheus, Millko, Самостални Референти, Палиндром, Këpurdhat, Anna O, Metanoia и PaprikaPaprika на „Москито Стејџ“, а наскоро ќе бидат објавени и другите изведувачи кои ќе го одбележат шестото издание на Д Фестивал.
А.Б.