„Авалон продукција“ на 5 јуни на арената „Филип Втори“ ќе организира шестчасовен музички настан „Skopje Calling 2016“ на кој главна музичка ѕвезда ќе биде светски популарниот диџеј Давид Гета.
Продукцијата го најави настанот како најголемо шоу во историјата на Република Македонија, по примерот на сите светски метрополи, и како единствена можност за публиката од Македонија и од регионот.
– Под франшизата Skopje Calling, со невидена светска продукција спектакуларно шоу ќе одржи една од најголемите глобални ѕвезди на денешницата, најголемиот хит-мејкер на 21 век, неприкосновениот Давид Гета, кој на светската музичка сцена важи за многу повеќе од диџеј и продуцент, статус што го заслужи уривајќи многу рекорди, информира „Авалон продукција“, посочувајќи ги неговите соработки со популарни музичари, како Мадона, Ријана, Бритни Спирс, Лејди Гага, Ферги, Кели Роуланд, Естел, Ники Минаж…
Пред Гета како специјален гостин ќе настапи германскиот музичар Робин Шулц, еден од најактуелните диџеи во последните неколку години и, посочува „Авалон“, сигурно највртениот артист во последниве неколку месеци на сите светски радиостаници.
Шулц во Скопје ќе изведе 90-минутен сет со најголемите денс-хитови со кои ги освои светските топ-листи, водечките фестивали и клубови низ светот, како: „Prayer in C“, „Sun Goes Down“, „Sugar“, „Headlights“, „Show Me Love“, „Yellow“…
– Тоа ќе биде досега невидено продукциско шоу во Македонија. Стадионот ќе биде во функција со полн капацитет. Шоуто ќе почне со настап на локални диџеи, како и новата француска диџеј ѕвезда Кунгс. Поради тоа што ова е прво промотивно издание на брендот Skopje Calling, „Авалон продукција“ се одлучи за неверојатно популарни цени за овој шестчасовен музички спектакл, соопшти „Авалон“.