Место со директен лет Загреб – Скопје, Џибони сменил три аеродроми до Скопје. Поради густата магла вчера на скопскиот аеродром беа откажани сите летови, па Џибони и бендот морале да се снаоѓаат за превоз до Скопје. Џибони и дел од бендот полетале кон Виена а од таму до Приштина. Од Приштина им бил организиран превоз со комбе. Другиот дел од бендот пак се качиле на авион за Белград па од таму се снаоѓале до Скопје.
На загрепскиот аеродром обожавателките со солзи го испратиле Џибони. И тие имале билети за истиот лет, но откако бил откажан не успеале да најдат друг начин за да дојдат до Скопје.
„Две од обожавателките на Џибони, Сандра и Јасна, медицински сестри, немаат пропуштено ниту еден негов концерт. Го следат каде и да оди. Со месеци им беа резервирани авионските билети и многу им беше тешко синоќа кога летот беше откажан. Останаа со солзи во очите”, велат обожавателките на Џибони од Загреб кои денес успеаа да стигнат во Скопје.
Концертот на Џибони е вечерва од 20 часот во вип арена „Борис Трајковски“.
Маја Илиевска-Пачемска