Поранешниот клавијатурист и коосновач на британската рок група „Дип Парпл“ Џон Лорд почина денеска на 71-годишна возраст.
На неговата официјална интернет страница се наведува дека Лорд, кој е роден во англискиот град Лестер, ја загубил долгата битка со ракот на панкреас.
Тој напиша многу од легендарните песни на „Дип Парпл“, меѓу кои и „Smoke on the Water“, а подоцна, по повлекувањето од бендот, Лорд започна успешна соло кариера.
Лорд минатата година пред своите обожаватели изјави дека ќе се бори против ракот и дека ќе се одмори од концертите во живо „додека се лекува и закрепне“.
– Нормално дека ќе продолжам да пишувам музика. Во мојот свет таа е дел од терапијата и очекувам да се вратам во добра форма следната година, објави тој на својот веб сајт во август 2011 година.