Откако француското електронско дуо „Дафт панк“ објавија повлекување, тиражите и продажбата на нивната музика на интернет достигнаа рекордно ниво.
Според компанијата „Алфа дата“, бројот на прегледи на видеата на дуото од Париз е зголемен за 500 отсто во споредба со минатата недела – музичарите го објавија распадот на групата на 21 февруари. Продажбата на нивните песни пак, се зголемила, во просек – за 1.335 отсто, а продажбата на албумите – за 2.650 отсто.
Најпопуларен е вториот студиски албум на „Дафт панк“ – „Discovery”. Тој вклучува песни како „One More Time“, „Digital Love“ и други. Како што пренесува „Ролинг стоун“, неговата продажба се зголемила за 8.000 насто.
Најпопуларни нивни песни, според „Алфа дата“, се: „Get Lucky“, „One More Time“ и „Harder Better Faster Stronger“.
Дуото „Дафт панк“ постоеше 28 години. Том Бангалтер и Гај-Мануел де Хомем-Кристо објавија крај на нивната соработка објавувајќи проштално видео на Јутјуб. Во него, тие минуваат низ пустина и – „експлодираат“ во воздухот. Потоа, на екранот се појавува натпис: 1993-2021 година. За овие неколку денови, видеото има над 20 милиони прегледи и 1,2 милиони допаѓања и други реакции. Во коментарите, вознемирени обожаватели го споредуваа заминувањето на „Дафт панк“ од сцената со трајна разделба со најдобриот пријател.