Sue (Or In A Season of Change) најновиот сингл на Дејвид Боуви ќе излезе во ноември истовремено со антологијата (1964-2014) на овој славен британски музичар.
Првата нова нумера на Боуви уште од песната The Next Day ќе може да се презема од 17 ноември, кога во продажба ќе се појави и неговиот долго очекуван ретроспективен сет на албуми Nothing Has Changed, пишува магазинот The Quietus.
На тој начин, Боуви ќе одбележи 50 години работа на музичката сцена. Роденденскиот бокс на сетот ќе опфати 50 години од музичката кариера, генезата, развојот и настанокот на еден рокенрол мит.
Бокс сетот содржи пет албуми на кои, покрај најголемите хитови, ќе се најдат и неколку раритети и необјавени песни како Let Me Sleep Beside You од албумот Toy, кој никогаш не бил комерцијализиран, You Turn To Drive и Shadow Man.
Предвиден за летото 2001, 23. албум на Боуви под името Toy никогаш не се најде во продажба, бидејќи дискографската куќа Вирџин одбила да го објави. Овој инцидент го натера пејачот да основа своја дискографска куќа ISO.