Конечно, по подолги подготовки, новата верзија на спотот за песната „Шефе“ ја здогледа светлината на денот.
Римејкот на култниот хит на „Last Expedition“ од втората половина на 90-те, овој пат претставен како „Expedition + пријателите“, е македонско-американско-канадска копродукција.
Клавијатурите, миксот и продукцијата се на Давор Јордановски, гитарите на Кире Најдовски, тапанот го удираше Џо Лана Џуниор, а басот Бред Џонсон.
Спотот за вториот живот на „Шефот“ го монтираше Благоја Неделковски, според идејата на Енко.
– Се потрудивме новата верзија да биде градска, народска, светска и не знам уште што. Али мислиме дека успеавме у све, а патем речено да не ја оштетиме, велат од штабот на „Последната Експедиција“.
Во спотот учествуваа, меѓу другите Сецко, Енко, Диме, Влатко, Салпе, Драгче, Сашко, Ленин и Ноќни Волци, Ален, Ева, како и Фриц, Панки, големиот мајстор за коли Аце Флојд и колегите, Ристе Мерцедес, Кристијан Габроски…