Битолскиот бенд „Фолтин“ денеска го претстави албумот „Антитело“ кој концертно ќе биде промовиран на 21 декември во Младинскиот културен центар – издавач на нивниот нов музички проект.
Новиот материјал на „Фолтин“, кој се појавува по пауза од речиси пет години, има шест песни од кои четири стандардни и две пократки форми со поинаков израз и вкупно времетраење од 17 минути. Снимени се во студиото „Тра ла ла“. Атанас Георгиев е автор на обвивката на која се отпечатени текстовите на песните.
– Како и обично, и на овој солистички албум работевме многу. Веднаш штом заврши „Машината“ почнавме, во 2008-ма, и со многу прекини, зашто често се преиспитуваме. Многу често не ни се допаѓа зашто имаме стандарди за некои наши совршенства. Затоа правиме и пократки форми, рече Бранко Николов, вокалот на „Фолтин“.
Во меѓувреме набавиле и нови инструменти, па песните во новиот албум имаат потврд звук но, како што рече, нема драстичен скок од акустика во електроника и оти во тој сегмент „Антитело“ и „Машината“ се многу блиску.
Насловот „Антитело“ е идеја за слободата и да се живее, изразува и размислува слободно. Целта била тоа да се пренесе низ текстовите на разбирлив, а не на измислен јазик.
– Сите луѓе што ја носат таа идеја, што се борат да ја добијат таа слобода во општествени рамки, според мене, ја носат функцијата на антитело – општеството ќе ги прифати во својот систем, но само заради имиџот во јавноста, заради лажна демократичност, а на крајот суптилно ќе ги уништи, рече Николов.
Новото издание на „Фолтин“ ќе биде во продажба од утре, а покрај во МКЦ Скопје, концертно ќе биде промовирано и во други градови низ Македонија.
Директорот на Младинскиот културен центар Златко Стевковски најави дека наскоро ќе ги промовираат и новите албуми на „Беи д’ фиш“ и на „Бернајс пропаганда“.