Македонскиот музичар, композитор и диригент Емин Џијан заедно со детроитскиот диџеј Дерик Меј утре ќе настапи во концертната сала Акрополис во Ница, Франција.
Настапот е во рамки на фестивалот за современа музика „Ова не е класика” со Симфонискиот оркестар на Кан, а го организира продуцентската куќа „Излет мјузик“ чиј сопственик е Огнен Узуновски.
Како и на досегашните концерти во Охрид, Париз, Гент и Детроит, изведена ќе биде електронска музија која ја потпишува Меј, а за која аранжмани има направено Емин. Со Емин и Меј ќе настапат и Маријана Николовска на челеста, како и Ема Потевска како солист на пијано. Во техничкиот дел останува истата екипа: Бојан Угриновски, тон мајстор и Игор Иванов Изи, светло мајстор и визуелни ефекти.
– Овие искуства се драгоцени и ретки. Добро е чувството кога се изведува музика, која ти си ја напишал, со врвен оркестар, на светски фестивал, пред многу луѓе. Сето ова ми изгледа како некој брз курс од кој морам брзо да научам многу за следниот проект да биде уште подобар. Инспирацијата е најголемата придобивка од сите овие настапи, бидејќи знаеш дека она што си го направил не било за џабе и сакаш да правиш ново кое ќе биде поуспешно на повеќе нивоа. Мојата задача е да ги координирам сите сегменти од настапот. Покрај техничкиот дел на концертот треба да го подготвам оркестарот за концертот, вели Емин.
Според него, иако музиката е во основа минималистичка и репетитивна, има делници кои бараат солистички ангажман. – Досега сум имал среќа секогаш да имам пред мене извонредни музичари, кои си ја сакаат работата и немало проблеми со изведбата, а кога ќе почне концертот ја давам целата моја енергија и фокус на музичарите. Тие се главните протагонисти на шоуто. Јас уживам и играм, додава Џијан.
На концертот во Ница покрај Дерик Меј ќе настапи и Џеф Милс. Организаторите го најавуваат настапот како историски момент, не само за Македонија, туку и за светската музичка сцена.
На првата фестивалска вечер ќе настапи светски познатиот пијанист Борис Березовски со Филхармонискиот Оркестар на Ница.