Легендарниот американски кантавтор Боб Дилан упати јавен повик за избор на актери и статисти во видео спотот за песна од неговиот следен албумот „Shadows In The Night“, кој ќе содржи песни на Френк Синатра, објави „Анкат“.
Режисер на видеото ќе биде Неш Еџертон, кој претходно работеше со Дилан на видеата за песните „Must Be Santa“, „Beyond Here Lies Nothin“ и „Duquesne Whistle“. Снимањето на спотот би требало да почне наскоро во Лос Анџелес.
На конкурсот за кастинг за улогата на танчерка се бараат „жени на возраст од 40 години и повозрасни, со вишок киолграми“, а пожелно е „да размислуваат безвременски во стилот на Лана Тарнер или Ава Гарднер“.
За машките учесници во спотот се бараат мажи „од 45 и повеќе години, со огромен стас“, како и келнер на возраст од над 30 години.
Албумот „Shadows In The Night“ треба да излезе на 3 февруари, а на него ќе се најдат десет песни на Френк Синатра. Продуцент на албумот е самиот Дилан под псевдонимот Џек Фрост, а покрај другите класики на Синатра албумот ќе ги содржи и песните „Autumn Leaves“, „Some Enchanted Evening“, „The Night We Called It a Day“ и „I’m a Fool to Want You“.