Пред точно 70 години во Сиетел, роден е еден од најголемите гитаристи во историјата на рок музиката, човекот кој од музичките списанија беше нарекуван „Богот на гитарата“ бидејќи на овој инструмент беспрекорно свиреше дури и со заби.
На 27 ноември 1942 година во Сиетл е роден Џими Хендрикс, ѕвездата која списанието Rolling Stone во 2005 година ја стави на првото место на листата на 100 најдобри гитаристи на сите времиња.
На 12-годишна возраст, Хендрикс ја добил првата гитара, инструментот кој го обликувал цел негов живот. Во младоста свирел во клубови низ САД додека не го слушнал поранешниот басист на групата Animals, Час Чендлер, кој му понудил да му биде менаџер и да замине со него во Англија.Кон крајот на 1966 година во Англија, најпопуларни беа бендовите како The Who, The Beatles и The Cream, а во тој период настана и составот The Jimi Hendrix Experience со Ноел Рединг на бас, Мич Мичел на тапани и младото момче кое со гитарата изведувал цели перформанси.
Хитовите “Hey Joe”, “The Wind Cries Mary”, “Purple Haze” и други, направија ѕвезда од Хендрикс низ Англија, а неговата спектакуларна изведба на Монтерејскиот фестивал од славниот гитарист создаде светски позната личност, по што продаде милиони албуми во Америка, а неговите турнеи беа распродадени.Хендрикс го привлекуваше вниманието на публиката, освен со неговото одлично свирење, и со свирење со заби!
Познатиот гитарист е дел од американската “Рокенрол куќа на славните” и британската “Музичка куќа на славните” од 2005 година, а неговата ѕвезда во Холивуд е поставена во 1994 година. Почитувачите на музиката на Џими Хендрикс ќе имаат можност да го слушнат неговиот целосно нов албум, со досега необјавени 12 песни, кој ќе се најде во продажба на почетокот на 2013 година.
Постхумниот албум “People, Hell And Angels” е снимен помеѓу 1968 и 1969 година, а целиот опус првично требало да се најде на албумот “First Days Of The New Rising Sun” на кој славниот гитарист работел непосредно пред неговата смрт. Новиот албум содржи и делови во кои Хендрикс експериментирал на клавијатура, тапани и гитара.
Исто така, најавено е дека гитарата која Џими Хендрикс ја запали на сцената во 1967 година, оваа недела ќе се појави на аукција во Лондон, а експертите проценуваат дека може да биде продадена за 125.000 фунти.
Хендрикс почина во септември 1970 година, во 27-та година од животот.