Неуспешни политичари се обидуваат да создадат раздор во партијата, но ова ВМРО-ДПМНЕ од 2017 година издржа многу посилни удари, вели во интервју на А1он пратеничката Дафина Стојаноска на прашањето дали судирот Мицкоски – Груевски ќе му направи штета на ВМРО-ДПМНЕ. За написите дека имало средби помеѓу експремиерот и поранешен лидер на СДСМ, Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кажа дека се шпекулации, но ниту ги потврди, ниту ги демантираше.
„Со тоа се шпекулира во јавноста чисто за да се потврди тезата „сите се исти“. Јас за тоа не можам да потврдам ниту да демантирам, се шпекулира средби помеѓу Заев и Мицкоски, но мислам дека тоа е сосема ирелевантно затоа што Заев е еден промашен, пропаднат политичар кој на времето заедно со Ципрас од југот велеа дека се нова генерација политичари, утната работа. Гледаме како завршија“, кажа Стојаноска.
Таа вели дека не би отишла во партија доколку ја формира Никола Груевски, бидејќи како идеологија се определила за ВМРО-ДПМНЕ, а не за друга партија. Убедена е дека во овој парламентарен состав нема пратеници кои би биле новата „Независна пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата“, бидејќи како пратеничка група се единствени во ставот дека уставни измени нема да има.
„Јас како опција, како идеологија сум се определила за ВМРО-ДПМНЕ. Ги следам градациите на партијата. Сега сме во момент кога лидер е Христијан Мицкоски, јас во овој состав сум негов избраник, инаку имам кажано и тоа е факт, тоа стои запишано дека и јас и Христијан Мицкоски сме биле на времето да бидеме членови на Извршниот комитет на претпоследниот состав на Никола Груевски, тоа ниту е тајна, ниту тоа може да се порекне, факт е дека во тоа време, кога Груевски бил лидер јас сум ја прифатила таа доверба, сметам дека сум ја оправдала, сега продолжувам со Мицкоски, а кога утре евентуално би дошла и негова смена, доколку некој смета дека можам да бидам додадена вредност исклучиво на ВМРО-ДПМНЕ, јас ќе останам и ќе дадам се што можам“, вели Стојаноска.
Опозицијата во моментов разгледува 22 имиња за претседателски кандидат, но според неа, пратеничката Гордана Силјановска – Давкова ги исполнува сите критериуми да биде претседателка на Република Македонија.
Стојаноска вели дека предлозите за судии во Уставен суд биле ставени поради тоа што се истакнати правници, иако на двајца од тројцата предложени, синовите се членови на ВМРО-ДПМНЕ, а и самите тие учествувале во партиски работи: Едната донатор на опозициската партија, а другиот учесник на протести организирани од опозицијата
„Република Македонија е мала држава. Не можете да најдете некој кој не е симпатизер, член или донатор. Но од друга страна треба да гледаме, бидејќи според Устав, кандидатот има една општа дефиниција истакнат правник. Сега ако гледаме термин истакнат правник конкретно за овие тројца кои последно ги предложивме за последниот оглас, тие мислам дека секој би се согласил дека се истакнати правници“, вели пратеничката.
Погледнете го целото интервју со пратеничката Дафина Стојаноска на А1он.