Благодарение на граѓани кои го однеле на ветеринар, преживеа кучето кое вчера беше застрелано во Битола.
Активистите за заштита на животните го пријавиле во МВР насилникот кој со пушка го застрела кучето и полицијата му го одзела оружјето.
Тој тврдел дека на видеото каде ја носи пушката сокриена во платно, всушност носел две векни леб.
Активистите од Битола се загрижени дека и покрај пријавата против насилникот, тој нема да одговара бидејќи се сомневаат дека во полицијата предал друга пушка која ја поседувал, наместо таа со која е пукано.
Од здруженијата за заштита на животните постојано има јавни повици да престане насилството врз уличните кучиња, кои во минатото често беа снимени од очевидци и потоа санкционирани.
Пред повеќе од една година, советникот на Општина Македонски Брод, Бране Јованоски, доби две пријави откако беше снимен како шутира куче.
Во Кривичниот законик за изживување врз животни е предвидена казна затвор до една година.