Обвинителката Лиле Стефанова побара да му се продолжи притворот на бизнисменот Орце Камчев, осомничен во предметот „Плацови на Водно“. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за „А1он“ потврдува дека барањето е доставен до Кривичниот суд уште во петокот.
Тоа значи дека обвинителката Стефанова и натаму смета дека постои можноста Камчев да се даде во бегство, поради што веќе 29 дена издржува притвор во затворот во Шутка. Засега нема информација каква е одлуката на судијата на претходна постапка, дали Камчев ќе биде ослободен или ќе остане притворено лице.
Одбраната на Камчев, за денеска закажа и прес-конференција поврзана со притворот на бизнисменот. Претходно, адвокатите се жалеа и на условите во кои Камчев е сместен во затворот „Штука“. Ова го негираше директорот на затворот, Филип Андов. Народниот правобранител Насер Зибери констатираше дека Камчев сепак бил сместен во несоодветна просторија со несоодветни услови. Во меѓувреме проблемот е надминат, кажа Зибери за „А1он“, а Камчев бил преместен во друга просторија.
Притворот пред 29 дена го побара обвинителката Стефанова, а адвокатите поднесоа жалба, која Кривичниот совет при Кривичниот суд ја одби. Бизнисменот Орце Камчев, по одредувањето на притворот и спроведувањето во затворот „Скопје“, негираше дека сакал да бега. Тој рече “Ма какво бегање”, одговарајќи на прашањето од „А1он“ дали планирал бегство.