Следната сметка за телевизија што ќе ја добијат корисниците од операторите ќе биде помала од вообичаената поради прекините во реемитувањето кои почнаа вчера. Од компанијата „А1„ велат дека намалувањето на сметките ќе биде пропорционално.
„ Како што најавивме, сите корисници кои ќе бидат афектирани од оваа одлука ќе бидат обесштетени со соодветно пропорционално намалување на месечната претплата во согласност со обврските од договорите“, велат од компанијата „А1“ за „А1он“.
Од компанијата остануваат на ставот дека е неуставна обврската со изјави под морална одговорност да гарантираат за авторските права на програмите што ги реемитуваат, а за наметната ја сметаат ретроактивната обврска за пререгистрација на сите странски содржини кои се веќе регистрирани. За да не ескалира медиумскиот и информативен мрак, од компанијата апелираат власта да ги прифати законските измени што ги предлагаат со кои, меѓу другото, е предвидено и замаглување на содржини за кои национална телевизија има откупено ексклузивни права за пренесување на територијата на Македонија.
„Остануваме отворени за соработка и апелираме да биде разгледано предложеното решение за измена на Законот и на подзаконските акти кои доколку се прифатат ќе добиеме прифатливо решение што ќе превенира ескалација на потенцијалниот медиумски и информативен мрак. Наредните прекини во знак на протест зависат од волјата за наоѓање прифатливо решение за сите страни“, велат од компанијата „А1“.
На прашањето како одговараат на сериозните забелешки од корисниците кои сметаат дека операторите битката со телевизиите не треба да ја водат преку нив туку да најдат друг начин да се пресметаат без да ги загрозат корисниците, од „А1“ одговараат дека биле принудени на тоа.
„ Протестот е реакција на безизлезноста и институционалниот отпор на кои наидуваме веќе подолго време и апел за што побрза реакција од страна на надлежните поради неуставно наметнатите обврски со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Бевме принудени да го активираме најавениот времен прекин во реемитувањето на сите телевизиски програми, освен јавниот сервис МРТ и да ја прикажеме реалноста што ќе следува од 8 август доколку не се најде соодветно решение за овој проблем. Им благодариме на корисниците за поддршката и трпението што го покажуваат“, велат од „А1“.
Министерството за информатичко општество и администрација соопшти дека со прекинот од синоќа операторите ги прекршиле членовите 115 и 182 од Законот за електронски комуникации и може да се соочат со казна од 20.000 евра и забрана за вршење дејност од три месеци до една година. Членот 115 од Законот оправдува прекини во реемитувањето на програмите заради реконтрукција, модернизација, одржување, технички пречки или недостаток на мрежата.
Од Министерството не одговорија на прашањата од „А1он“ дали ќе поведат иницијатива за казнување на операторите откако посочија кои членови од Законот се прекршени. Не одговорија ниту на прашањето дали постои можност за договор и менување на обврските за операторите.
И покрај ставот на Министерството дека е прекршен Законот за електронски комуникации, операторите сметаат дека сите нивни постапки се законски.
„ Остро се спротивставуваме на овие тврдења и при тоа нагласуваме дека во целост ги почитуваме сите законски прописи кои се однесуваат на нашето работење. Во насока на вистинито информирање на јавноста истакнуваме дека протестот кој го спроведоа македонските оператори во текот на вчерашниот ден е реакција на безизлезноста и институционален отпор и апел за што побрза реакција од страна на надлежните поради неуставните обврски наметнати со последните измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги донесени во нетранспарентна постапка како последна точка од работата на Собранието на денот на неговото распуштање – 16.02.2020 година, како и Уредбата со законска сила донесена на 29.05.2020 година со која ни се наметна ретроактивна обврска за пререгистрација на сите странски ТВ содржини кои веќе се регистрирани во АВМУ и тоа во рок од 60 дена. Овие законски одредби за нас претставуваат ситуација на Виша сила кои значат реална можност од 8.08.2020 година, комплетно исклучување на сите телевизиски канали со што ќе бидат оштетени корисниците на сите оператори, а тоа влијае на правото на избор на ТВ содржини на сите македонски граѓани. Сето тоа не примора да преземеме акција за да ја подигнеме јавната свест кон проблемите со кои се соочуваме во моментот“, велат од „А1он“.
Од компанијата тврдат дека прекинот е протест против постојните акти на државата кои го спречуваат нивното нормално работење, а протестот, според нив, претставува гарантирана уставна категорија и основен правен инструмент во секое демократско општество.
Обесштетување на корисниците поради прекините најави и „Македонски телеком“.
Операторите синоќа од 18.10 до 19.10 часот ги изгасија сите телевизии освен МРТВ да прикажат што би се случило по 08.08.2020 кога истекува рокот за пререгистрација на странските канали кога е можно целосно да ги исклучат платформите и да престанат се реемитување. Најавија дека периодот на исклучување ќе се зголемува, а исклучувања ќе има се до изнаоѓање решение.