(ИНТЕРВЈУ) Коста Петров: Само на последниот повик „Стартапувај“ ангажирани се над 250 луѓе со просечна плата од 36.000 денари

Од:

Со став дека разноликоста е она што го прави секој професионалец подобар и подготвен за предизвици, Коста Петров, најпродаваниот домашен автор, директор и основач на агенцијата „Пи Ворлд“, поранешен портпарол на Министерството за здравство и актуелен потпретседател на СДСМ е новиот директор на Фондот за инвестиции.

Во интервју за „А1он“ најавува дека Фондот во следниот период ќе се фокусира на обезбедување дополнителни средства од приватен капитал и меѓународни финансиски институции кои ќе се  влеваат во различни инвестициски фондови за потоа да бидат инвестирани во приватни фирми преку влез во нивната сопственост.

Ќе работи на формирање Регионален фонд за иновации на Западен Балкан, на привлекување дигитални номади, ќе формира Стартап совет кој ќе работи на законски измени со цел позиционирање на нашата земја како стартап и регионален хаб, а најавува и нови повици за домашните компании. Петров гарантира дека веднаш ќе реагира доколку утврди пропуст како оние кога фирми на функционери добиваа грантови од Фонот.

Вашето назначување за директор на Фондот за иновации е едно од кадровските решенија кои беа изненадување за јавноста која ве памети како портпарол на Министерството за здравство, а од лани и потпретседател на СДСМ. Кои се причините поради кои го прифативте директорското место?

„После 15 години меѓународна кариера во маркетинг, компанија која ја почнав и издигнав самостојно од корен, над 50,000 продадени книги и историски успех на Евровизија каде ја предводев цената презентација на нашата земја,сериозно се сомневам дека јавноста ме памти како портпарол на Министерството за здравство, што е многу мал дел од мојата професионална позадина. Во секој случај, јас верувам дека разноликоста е она што го прави секој професионалец подобар и подготвен за идни предизвици. Токму затоа и се решив да влезам во политиката, како потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз. Силно верувам дека можам да донесам позитивни промени, особено од сегашната позиција. Фондот за иновации и технолошки развој е логичен след на мојата кариера. Јас потекнувам и припаѓам на бизнис заедницата, добро знам што е потребно за успех и каде лежат најголемите предизвици. И за време на мојот политички ангажман раководев со креативната агенција Пи Ворлд, која соработува со светски брендови и има свои претставништва во над 40 земји во светот. Сето мое искуство и сите познавања кои сум ги стекнал ги вложувам тука. Имам навистина амбициозни планови за ФИТР во следниот период. Стекнуваме нови партнерства, правиме темелни промени, заедно со старт ап заедницата и сите други релевантни чинители. Крајната цел е да дадеме што повеќе можности на иновативните умови да ги реализираат идеите, но и да поставиме механизми да можат успешно да ги пласираат и развиваат своите производи“.

Каков новитет Вие ќе внесете во менаџирањето со Фондот за иновации, кој е вашиот бизнис план?

„Правиме темелни промени. Крајната цел е да дадеме што повеќе можности на иновативните умови да ги реализираат идеите“, директорот Коста Петров. Фото: ФИТР

„Прво што сакам да направиме е уште повеќе да ги доближиме услугите и можностите до потенцијалните корисници. Развиваме концепт за силна поддршка и блиска соработка со апликантите, иноваторите. Преку систем на менторство и отворена комуникација сакаме да им помогнеме на сите кои се заинтересирани да изработат што поквалитетни апликации, но и да им дадеме ветер во грб за да изградат успешни компании. Една од поголемите иницијативи на кои ќе се фокусираме следниот период е основање на т.н. Fund of funds – развој на хибриден модел на финансирање за посериозен развој на еквити финансирање на нашиот пазар. На овој начин обезбедуваме дополнителни средства од приватен капитал и меѓународни финансиски институции да се влеваат во различни инвестициски фондови, а потоа да бидат инвеситрани во приватни фирми преку влез во нивната сопственост. Исто така работиме на нашата иницијатива за формирање Регионален фонд за иновации на ниво на Западен Балкан. Кога ќе настапите како поголем пазар, тогаш сте поатрактивни за меѓународните финансиски институции и приватни инвеститори. За првпат формираме Стартап совет преку кој заеднички со стартап заедницата, коморите и академската заедница, ќе работиме на законски измени со цел позиционирање на нашата земја како стартап и регионален хаб. Паралелно развиваме стратегија за дигитални номади. Привлекувањето на ваквите таленти ќе има позитивен ефект врз нашата локална економија и ќе овозможи поблиска соработка на македонските претприемачи со интернационални претприемачи. Преку размена на знаења се зголемуваат шансите за регионален и глобален успех на нашите компании“.

Речиси секој повик од Фондот досега беше следен од низа обвинувања дека грантовите се делат по партиски клуч. Имате ли стратегија да ја убедите јавноста дека грантистите не се партиски послушници?

„Процесот за доделување средства од ФИТР е строго регулиран, токму со цел да се спречат било какви манипулации. Оценувањето на проектите се прави со двостепен систем, од независни експерти, домашни и странски. Две реномирани меѓународни ревизорски куќи, ’Дилојт’ и ’Грант Тортон’ вршат мониторинг на тоа како се спроведуваат проектите и како се трошат средствата. И досега, а тоа ќе биде така и во иднина, средствата се доделуваат исклучиво според предвидените критериуми, транспарентно објавени со секој јавен повик. Така што се преземени сите механизми за да се спречи какво било влијание.

Сите случаи во кои имало некој сомнеж се темелно истражени од страна на Државната комисија за спречување на корупција која утврди дека кај ниту една од нив немало аномалии или било каква злоупотреба. Она што можам да го гарантирам е дека и во иднина веднаш ќе реагираме соодветно доколку се утврди појава на какви било пропусти.

За крај, транспарентноста е многу важна и довербата во јавноста ќе ја градам токму преку транспарентност во постапките и комуникацијата со граѓаните и секако медиумите. Моја цел е Фондот да биде доверлив партнер на секој иден млад претприемач, институција каде ќе знае дека неговата идеја ќе биде праведно вреднувана, а тој ќе биде помогнат и поддржан во развојот. Така ќе работи Фондот под мој менаџмент и силно верувам дека ќе изгрдиме партнерски однос со претприемачите и сите малди кои сакаат да започнат свој бизнис со наша поддршка“.

Опозицијата постојано обвинува и дека Фондот е претворен во место за вработување по партиска линија. Колку вработени има сега Фондот и планирате ли нови вработувања или намалување на бројот на вработени? Со колкав тим влеговте во Фондот?

„Наследив одличен тим од млади ентузијасти и професионалци кои навистина несебично се вложуваат во работата. Иако според систематизација се предвидени 16 работни места, во моментов имаме 8 вработени од кои поголемиот дел се тука од самото основање на институцијата. Засега не се предвидени нови вработувања ниту унапредувањеа. Со цел ефикасно искористување на ресурсите, одреден дел од услугите ги аутсорсираме. Така на пример во делот на мониторинг имаме ангажирано две реномирани ревизорски куќи кои го следат процесот на имплементација на проектите и како се трошат вложените средства, со што покрај квалитет осигуравме и целосно независен процес на евалуација.

Знаете, искуството ме научило дека е најважно околу себе да имате врвни професионалци во своите области, и мојот тим е составен токму од такви луѓе. Ако сакаме навистина да ги менуваме работите на подобро ваквите луѓе ни се неопходни насекаде“.

Како пандемијата се одрази на работењето на грантираните компании од ФИТР? Дали имате најави за доцнења на проектите и колкава толеранција има Фондот за исплатите?

„Пандемијата е навистина предизвик за сите нас. Многу граѓани и бизниси се погодени од оваа криза. Фондот како вистински партнер на компаниите им понуди повеќе можности и решенија за полесно справување со последиците. Уште на почетокот од пандемијата Фондот на корисниците им понуди опција за привремено стопирање на активностите со цел компаниите да може да се прилагодат кон новонастаната ситуација. Само 23 ја искористиле оваа можност, а поголемиот дел од нив веќе продолжија со имплементација на проектите. Фактот што толку мал број компании имале потреба од ваква мерка зборува дека во портфолиото на Фондот имаме навистина едно здраво јадро на економијата од домашни компании кои и во услови на криза продолжуваат со успешна работа. Верувам дека овие компании ќе бидат стимул за целата македонска економија побрзо да ги надмине последиците од пандемијата и побрзо од предвиденото да се врати на патот на раст“.

Инаку нема доцнење во исплатите, тие се прават на квартална основа по претходно одобрен извештај од меѓународни ревизори за искористеноста на средствата и реализација на планот активности“.

И Вие, како и Вашите претходници, најавувате задржување на младите во Македонија во услови кога иселувањето од земјава се поголем замав. Како ќе ги убедите својата идеја и иновација да ја реализираат тука, а да не ја продадат надвор од земјата?

„Работата на Фондот, поддршката која ја даваме е драстично порасната последните години. Конкретно, ФИТР има над 1500% раст на портфолиото за само три години. За овој период имаме поддржано 559 компании преку кофинансирани проекти, со над 76 милиони евра инвестиции. За споредба, во 2015 година буџетот изнесувал 9 милиони евра, од кои доделени биле само 9%, односно 1 милион. Она што е особено важно тука е фактот дека над 50% од портфолиото на ФИТР се стартап-компаниите, претежно основани од млади луѓе. Само на последниот повик ’Стартапувај’ од 84 избрани компании повеќе од половина, се основани за помалку од една година. Само на овие проекти се веќе ангажирани над 250 луѓе со просечна плата од 36.000 денари што е околу 30% над просекот. Овие бројки покажуваат дека успеавме да ги мотивираме младите своите идеи да ги претворат во успешни бизниси, со бенефит не само за нив туку и за целата македонска економија.

Пандемијата ни покажа дека дигитализацијата повеќе не е избор, туку неопходен влог во иднината, вели директорот Петров. Фото: ФИТР

Ова исто така зборува дека имаме многу потенцијал, многу паметни и мотивирани млади луѓе и ќе ја насочам целата моја енергија во следниот период да ги поддржиме. Најважно од сѐ – ќе работиме заедно со старт ап заедницата, за да одговориме на нивните реални потреби и да им помогнеме да успеат. Нашата цел е во наредните години Северна Македонија да ја стане регионален старт ап центар, каде секој млад човек ќе може да ги оствари своите бизнис идеи“.

Ќе се дигитализираат ли општините Куманово, Прилеп, Боговиње, Центар Жупа и Свети Николе за кои првичната најава беше дека до крајот на годинава, со помош на повик од Фондот, ќе им понудат на граѓаните дигитално плаќање на голем дел од услугите?

„Фондот во соработка со УНДП успешно го реализираше првиот јавен повик за дигитализација на општините, чија цел е полесен пристап и поквалитетни услуги на локално ниво преку развој на дигитални алатки и решенија.  Избраното решение на компанијата Ентер од Охрид – Е-платформа LUCA E-LSG PLATFORM, е веќе изготвено и следната недела ќе се имплементира во 5 пилот општини: Центар Жупа, Боговиње, Свети Николе, Прилеп и Куманово кои се селектирани преку УНДП.  Платформата ќе опфати четири алатки меѓу кои и воспоставување на електронски систем за наплата на давачките кон општината, воспоставување на систем за електронско плаќање на сметки кон јавните претпријатија, како и онлајн платформа за општински форум и систем на волонтери. Дополнително, платформата е така креирана, што нејзината инфраструктура ќе биде столб на идната потполна дигитализација на општинските услуги, бидејќи може лесно и ефикасно да се збогатува со нови сервиси за граѓаните и правни лица.

Пандемијата ни покажа дека дигитализацијата повеќе не е избор, туку неопходен влог во иднината – нешто што мораме да го спроведеме на сите нивоа, и на државно, а особено на локално ниво. Со други зборови со ова решение повеќе нема да има турканици пред банки за плаќање на давачки и сметки за општината, а дигитализација на услугите ќе значи и поквалитетна контрола и можност за директно учество на граѓаните во работата на општините каде што живеат. На овој начин јавниот сектор станува поотворен и потранспарентен во своето работење.

Инаку избраното решение исто така ќе биде целосно бесплатно достапно и за останатите општини, кои ќе изразат подготвеност за негово имплементирање“.

Колкав буџет ќе има Фондот за иновации следната година?

„Предвидениот буџет на Фондот за следната година е речиси 750 милиони денари од кои речиси сите средства ќе бидат вложени во домашните компании. Наша цел е преку таргетирани мерки и инструменти дополнително да го зголемиме вкупниот обем на инвестиции и да привлечеме што поголем број компании, особено стартап компании основани од млади лица, да станат дел од семејството на ФИТР“.

Кој е следниот планиран повик?

„Фокусот во следниот период ни е на нови инструменти и предизвици наменети за стартап компаниите, како и за поддршка на технолошки развој кој ќе придонесе кон забрзан економски развој и надминување на последиците од ковид-пандемијата.

Во фаза на финализирање е нов инструмент кој ќе им овозможи полесен пласман на производи на новоосновани стартап компании со цел да се зголеми нивната конкурентност и да станат дел од синџирот на набавки, а подготвуваме и нов предизвик за мобилност кој треба да придонесе кон трансформација на мобилноста во урбаните подрачја. Во фаза на одобрување е и изменетиот правилник за вториот циклус од Инструменот за технолошки развој за забрзан економски раст кој планираме да го објавиме најдоцна до почетокот на следната година. Она што е особено важно е дека, и сега и во иднина инструментите кои ги креираме се прават во консултација со оние на кои им се наменети. Само со ваков партнерски пристап и инструменти ’по мерка’ на компаниите можеме заедно да растеме и економски напредуваме како земја“.

Би можело да ве интересира

Јанушев: Обвинителството да отвори истрага за грантовите од ФИТР на Дрин Ахмети, од шест милиони по огласот, тој добил пет

ФИТР со реакција: Внукот на Ахмети барал повеќе пари за иновации ама му одобриле само 82.000 евра

А1он

Фондот за иновации потрошил еден милион евра за хонорарци и експерти кои не поминале интервју, открија ревизорите

Орце Костов

МАСИТ: Цоневски со волонтерски ангажман во Комисијата, не подлежи на поднесување анкетен лист

Катерина Ѓуровски

Саша Максимовски ги демантира тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Коста Петров учесник во несреќата во Тафталиџе, не е повреден ниту тој, ниту возачот на моторот

Кристијан Ландов