Еден од најпознатите тетовски рок бендови на сите времиња „Елита 5“, денеска ќе одржи голем концерт со наслов „Торнадо во Скопје“ во 20 часот во Македонскиот народен театар, информираат од Културно-информативниот центар.
Познатата тетовска рок група годинава одбележува јубилеј – триесет години постоење на музичката сцена. Трите децении музичка кариера во која создадоа бројни хитови, рокерите од Тетово ќе ги одбележат со концерти во Тирана и во Приштина, а со поддршка и во организација на Културно-информативниот центар и општината Чаир, последниот од серијата концерти ќе го реализираат во Скопје.
Во изминатите години бендот создаде 120 песни од кои најпознати се „Ал Капоне“, „Не сум диктатор“, „Збори само збори“. Ова се само некои од хитовите што ќе ги изведат на концертот во Скопје, покрај песните од нивниот нов, осми по ред албум „Торнадо“, објавен годинава.
Членовите на бендот Медваип Мустафи (соло гитара), Бесим Ибрахими (тапан), Ариф Зибери (вокал), Агрон Идризи (бас гитара) и Неџат Мујови – Вирус (синтисајзер) ветуваат незаборавна ноќ за своите обожаватели во пресрет на новогодишните празници.