Македонија и оваа година имаше свој штанд на најстариот, најголемиот и најзначајниот саем на музика во светот – МИДЕМ, кој се одржа по 47-ми пат од 26-ти до 29 јануари во Кан, Франција. Учествуваа 4.000 претставници од 300 водечки музички компании од 40-ина држави.
Издавачката куќа „Трето уво“, носител на македонскиот штанд, соопшти дека штандот го посетиле неколку илјади гости кои понеле примероци од луксузниот музички промотивен материјал, специјално изработен за претставување на саемот. Иво Јанкоски од „Трето уво“ имал и повеќе средби со претставници на водечки музички куќи во светот.
– Посебно би ја издвоил средбата со официјалните лица на најпопуларната музичка платформа YouTube на која почнавме значајни преговори за монетизација на македонските видеоклипови постирани од страна на нашите музичари на овој најпосетуван канал на светот. Голем интерес за нашата музика годинава покажаа и далечните земји како Кина, Малезија, Тајван, изјави Јанкоски.
На подготвениот промотивен материјал во печатена и електронска форма беа претставени најзначајните компании, фестивали и институции од македонската музичка сцена, како и промотивен компакт-диск со дваесетина најпопуларни музички нумери од најразлични жанрови: поп, рок, етно, џез, рап…
Организаторот на саемот и додели специјално признание „Сребрена статуетка на МИДЕМ“ на издавачката куќа „Трето уво“ за повеќегодишната афирмација и промоција на македонската музика на саемот.
На 47. МИДЕМ се одржуваа и панел-дискусии, конференции и дебати посветени на развивање на системите за заштита на интелектуалната сопственост, авторските права и новите стратегии во пласман и продукција на музиката на светско ниво, на кои Македонија активно учествува.
– Своите искуства на ова поле ги презентираа француската музичка легенда Жан Мишел Жар, култната британска група Меднес и моментално најпопуларниот светски пијанист Ланг Ланг…. Официјалното отворање на МИДЕМ се совпадна и со доделувањето на француските музички награди „NRJ Awards” каде се појавија некои од најголемите светски музички ѕвезди како: Алиша Кис, корејската поп-атракција Псај познат по мегахитот Гангнам стајл, потоа Емели Санде, тинејџерската атракција Уан дирекшн, француската мегаѕвезда Џони Холидеј и многу други, информираше „Трето уво“.