Почнува пријавувањето на заинтересираните гитаристи за учество на Летната школа што ќе се одржи од 4 до 6 август во рамки на „Струмица опен фестивалот“ на која специјален гостин предавач ќе биде Влатко Стефановски, заедно со професорите Влатко Пиличев и Дејан Лазаревски.
-Во рамки на тродневната школа ќе имаме индивидуална и групна настава во зависност од ниво на познавање на гитарата од страна на кандидатите. На 6 август предавање ќе има нашиот виртуоз Влатко Стефановски, а вечерта во 21 часот ќе се одржи и завршниот концерт кој од досегашното искуство е едно од поатрактивните алтернативни содржини во рамки на „Струмица опен фестивалот“, вели м-р Васко Пиличев- професор по гитара.
Учеството на летната школа по гитара е бесплатно, а организаторите најавуваат и бесплатно сместување за учесниците од други градови кај ученици од Струмица.
Заинтересираните кандидати може да се пријават на телефонскиот број 070-615-566 или на мејл [email protected].
„Струмица опен фестивал“ годинава ќе се одржи од 3 до 13 август, а на петте сцени треба да настапат 80 артисти распоредени на 20 различни настани.