Малезија им предложи на своите партнери од АСЕАН (Асоцијација на земјите од Југоисточна Азија) да започнат заедничко патролирање во воздушното пространство над регионот за борба против зголемената терористичка закана.
– Треба да направиме се што е можно и да не дозволиме влез на џихадистичката група Исламска држава. Наскоро почнуваме со морско патролирање во морињата Сулу и Сулавеси, изјави малезискиот министер за одбрана Хишамудин бин Тун Хусеин.
Според него, целта е да се спречат нападите врз трговски бродови и влез на терористи од јужните реони на Филипините кон соседните земји. Хусеин истакна дека по морската мисија треба да следи и воздушна.
– Ако не ја контролираме ситуацијата, тогаш нема да настрада само регионот на АСЕАН, туку и некои соседни држави како што се Австралија, Кина и Нов Зеланд, додаде министерот.