Турнејата на австралиската хеви-метал група Еј-Си/Ди-Си, која беше насловена „Rock or Bust”, ќе добие и своја фотомонографија од 200 страници, наречена „The Rock or Bust Tour Book 2015″, објави списанието „Ултимејт Класик Рок“.
Книгата ќе содржи занимливости, „неверојатни факти, ликови и моменти за паметење“ од турнејата, која веројатно ќе биде и последна светска турнеја на групата.
Книгата ќе биде издадена во 2017 година, и поради фотографиите на фотографот Ралф Ларман, оваа монографија ќе претставува „неверојатен фотодокументарец на бендот и фановитте во акција“, стои во написот.
Инаку, турнејата уште пред самиот свој почеток наидуваше на проблеми. Прво, бендот остана без гитаристот Малком Јанг, кој имаше здравствени проблеми, но и без тапанарот Фил Руд кој имаше проблеми со законот. Подоцна и пејачот Брајан Џонсон беше принуден да се повлече поради губење на слухот, а на негово место на сцената застана фронтменот на „Ганс енд Роузес“, Аксл Роуз. Некаде при самиот крај на турнејата пак, басистот Клиф Вилијамс го најави своето пензионирање.
Но, и покрај сето тоа, турнејата освои позитивни критики и рецензии.