Со супер моделот Хајди Клум како домаќин и водител, вечерва во Франкфурт ќе се одржат 19-те по ред европски музички награди MTV.
Ми претставува голема чест што ќе го водам доделувањето на наградите во родната земја. Драго ми е што ќе имам важна улога во еден од најважните музички настани во светот. Одлично ќе се забавуваме, најави Клум во официјалното соопштение за манифестацијата во која главни фаворити се Ријана и Тејлор Свифт.
Оваа година Ријана води со дури шест, а зад неа е Тејлор Свифт со пет номинации, Џастин Бибер и Кејти Пери имаат по четири, а меѓу потенцијалните добитници се Ники Минаж, Лејди Гага и Лана Дел Реј, но и новите ѕвезди Карли Реј Џепсен и „Фан“ со по три номинации. „Грин деј“, Готје, Питбул, Рита Ора, Фло Рајда, „Мјуз“, „Арктик манкиз“, Џек Вајт и „Уан дирекшан“ се натпреваруваат за по две награди.
Свои настапи на манифестацијата ќе имаат и најпопуларните изведувачи и меѓународни ѕвезди како Ноу даут, Алиша Кис, Псај и уште многу, а најавено е и појавувањето на риалити ѕвездата Ким Кардашијан, музичарите и актери номинирани за Греми, Ник, Кевин и Џо Џонас, како и на супермоделите Ен Ви и Изабели Фонтана.
Годинава со наградата за извонредно музичко влијание во светот „Глобална Икона“, постхумно ќе биде одликувана покојната поп дива Витни Хјустон на која во текот на вечерашната манифестација ќе и се оддаде почит за нејзиниот придонес во светската музика.