Единаесет концерти во 16 дена (од 30 март до 14 април) ќе понуди 39. манифестација Денови на македонската музика (ДММ), која традиционално ја организира Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ).
Триесет и три композиции на годинашните ДММ ќе имаат светска премиера, а 14 се дела од македонски композитори. Влезот за посетителите е слободен. Манифестацијата покрај концерти ќе опфати и предавања и работилници наменети и за пошироката јавност.
Селекторката на програмата Јана Андреевска на прес-конференција рече дека ќе бидат изведени македонски дела создадени во 2014 и 2015 година кога е зголемена продукцијата благодарение на конкурсот за откуп на класични дела од македонски автори.
– Концепцијата на фестивалот останува иста – македонска музика од различни жанрови. Фестивалот како никогаш досега не донел толку нова музика. Тоа е резултат од конкурсот на Министерството за култура за откуп, кој придонесе бројот на дела да се зголеми неколкукратно. Овие дела се наградени, па конкурсот дава увид и од тој аспект, рече Андреевска.
ДММ ќе бидат отворени во среда во Македонската опера и балет со концерт на ансамблот „Мартин & ПЕР-ЕКС“ на Мартин Вучиќ и уште шест изведувачи кои ќе настапат со композиции од Живоин Глишиќ според македонски народни теми. Насловен е „Звуците на Македонија“ и првпат е изведен во Охрид во 2008 година но, рече Андреевска, заслужува да го види и скопската публика.
За затворање на 39. ДММ, на 14 април, концерт ќе одржи Македонската филхармонија, посветен на 80 години од раѓањето на композиторот Александар Џамбазов. Ќе има шест вокални солисти и ќе бидат изведени популарни композиции и хитови од фестивали за забавна музика.
На фестивалот, главно, ќе настапат камерни ансамбли од Македонија, но и гости од странство – германскиот пијанист Штефен Шлаермахер (1 април), гудачкиот квартет „Мивос“ од САД (6 април), словенечкиот гитарист Нејц Кухар (11 април). Шлаермахер и Кухар во деновите на своите настапи претходно во ЕУ инфоцентарот ќе одржат предавања во рамки на проектот „Современи европски композитори“.
На фестивалската програма се и: Камерен концерт 2:3 (2 април), настап на ансамблот „Кон темпора“ (4 април), два концерта на 8 април – на млади композитори и на дувачкиот квинтет на ансамблот „Сонорис“, концерт на акузматична музика (на 10 април во Планетариумот на МКЦ како нов простор на фестивалот) на кој ќе гостува Мехмет Џан Озер кој ќе одржи и работилница за студенти. На 13 април концерт ќе одржат и хорот „Проарс“ и Женскиот младински хор при МКЦ, под диригентство на Сашо Татарчевски.
На затворањето на ДММ на 14 април ќе бидат доделени и трите награди кои традиционално ги доделува СОКОМ: „Трајко Прокопиев“ – за животно дело; „Панче Пешев“ – за најдобро премиерно дело во изминатата година и „Геогри Божиков“ – за најдоба изведба на македонско дело.