По повод денешниот Светски ден на борба против туберкулозата, денеска, се одржува седмото издание на „ToBe Continued…“ музичкиот маратон, кој ќе трае во текот на целиот ден од 00 часот, па се до полноќ (централно европско време). Овој настан кој оригинално е инициран од страна на „Stazione di Topolò“ и „Global Health Incubator“, се случува насекаде низ светот и може да го слуша секој што има интернет конекција и се поврзе на страната www.stazioneditopolo.it, каде целиот музички маратон ќе биде пренесуван во живо заедно со информации за музичарите и целокупната иницијатива.
„ToBe Continued“ е оригинален концерт во траење од 24 часа, за време на кој музичари од целиот свет, ќе бидат поврзани со веб-сајт кој ќе ги емитува нивните концерти. Во текот на овој непрекинат 24 часовен маратон секој музичар има на располагање 30 минути, во кој ќе се претстави со свој настап во живо. Проектот ќе вклучува и неколку јавни слушачки точки низ светот како барови, библиотеки, културни центри, галерии, продавници, интернет радиa (наведени на веб страната), каде ќе се емитуваат концертите.
Оваа симболична турнеја низ светот ќе има 48 станици (48 концерти во живо), a ќе учествуваат музичари од 43 земји низ светот, како Камерун, Тајланд, Боливија, Чиле, Перу, Костарика, Нов зеланд, Кина, Иран, Мексико, Аргентина САД, Јапонија, Канада, Јужна кореја, Бразил, Авсралија Мароко, Франција, Грција, Словенија, Германија, Албанија, Полска и други. Овој настан ќе биде поддржан и од Македонија, од каде со својот нов материјал ќе се претстави Тони Димитров, кој деновиве го издаде ненасловениот албум за издавачот Attenuation circuit во Германија и албум под проектот Post Global Duo.