После објавувањето на новото ЕП, промоцијата на новиот видео спот за песната „Лион’с Ден“ (Lion’s Den) и реализацијата на музиката за филмовите „Трето полувреме“ и „Балканот не е мртов“, Кирил Џајковски ја продолжува успешната концертна турнеја со нови настапи низ Европа и далечниот исток.
Следната концертна дестинација на еден од најреномираните македонски продуценти и композитори е фестивалот „Ле З’Еклектик“ (Festival Les Z`Eclectiques) во Шоле, Франција. „Ле З’Еклектик“ со години успева да ја одржи репутацијата на музички фестивал кој одолева на искушението на чисто комерцијалната програма и ја следи својата основна идеја за постојана потрага по вистинските уметниците во музичката дејност. Кирил Џајковски е еден од хедлајнерите на фестивалската програмата на 10ти ноември 2012.
По овој настап Кирил Џајковски го продолжува својот пат кон Нова Каледонија, каде што ќе го предводи десеттото издание на „Џипси Џез Фестивал“ (Gypsy Jazz Festival) во Нумеа. Овој фестивал, кој започна како фестивал посветен на репертоарот на Џанго Реинхарт и Стефан Грапели (предводниците на свинг и џипси џез музиката), прерасна во меѓународен фестивал на кој настапуваат светски музички артисти кои имаат свое влијание врз балканската, електро-свинг музиката и сите аспекти на овие правци. Годинава, носечко име на фестивалот ќе биде балкан великанот Џајковски, како што го најавуваат организаторите.
Во рамките на овој фестивал Кирил Џајковски ќе биде дел од програмата на четири од петте фестивалски дена. На 14ти и 16ти ноември тој ќе настапи со свој диџеј сет, додека на 15ти и 17ти ноември ќе одржи концерти заедно со стандардниот придружен состав на музичари. Еден од настапите на Кирил ќе се пренесува и преку директен пренос на тамошната национална телевизија.
Овие настапи, меѓу другото, ќе бидат уште една концертна промоција и на новиот материјал на Кирил Џајковски, кој беше објавен во октомври со ЕП издание во дигитална дистрибуција. Шесте нови композиции веќе ги освоија првите позитивни критики на медиумите, а концертите од годинашната турнеја на најдобар начин го покажуваат и одличниот прием кај публиката.