Со акцијата насловена „Кој нѐ слуша, нека игра“ од понеделник членовите на групата „Суперхикс“ најавуваат акустичен упад во скопските средни училишта .
Тие планираат да присуствуваат на најмалку шест часа по музичко. Средношколците ќе можат да изведат една песна од „Суперхикс“ што сами ќе ја одберат.
Училишниот бенд што ќе ја отсвири најуспешната кавер-верзија, ќе им биде гостин на „позитивниот“ концерт во скопската „Метрополис арена“ на 1 декември, во рамките на годинашното издание на фестивалот „Таксират“. Тогаш, заедно со своите многубројни обожаватели, групата ќе го прослави своето полнолетство.
Ова е нивни втор настап во „Метрополис арената“ по точно 8 години. „Хикси“ ветуваат незаборавна позитивна фешта за своите фанови, како и промоција на нивниот четврти студиски албум, кој деновиве го завршуваат.
Билетите за концертот веќе се пуштени во продажба, а за првите 2.000 посетители цената е 200 денари.