На 09-ти ноември, во 21:30 часот, ќе се одржи вториот самостоен концерт на популарниот скопски џез квинтет Летечки Пекинезери, во клубот Хавана во Скопје.
Летечки Пекинезери (Бојан Петков-гитара и перкусии, Иво Солдатовиќ-кларинет, Кирил Туфекчиевски-контрабас, Славчо Коцев-тапани и Петар Христов-тенор саксофон) се македонски џез состав со единствена цел, да создава нова свинг музика.
Нивната љубов кон свингот ги поттикнува да креираат уникатен звук кој претставува мешавина од свинг со други жанрови музика, на еден многу природен начин. Најголемото изненадување за нивните слушатели се оригиналните композиции кои имаат постојана тенденција да еволуираат на различни начини.
Потеклото од Македонија, неминовно се чувствува во нивната музика, преку влијанието на балканските звуци.
Летечки Пекинезери, досега имаат продуцирано преку 30 авторски дела и издадено еден самостоен албум, за реномираната Skopje Jazz Festival Records.
Oвој џез-квинтет пред се’ циркулира по ноќните клубови и фестивалите во земјава, а одвреме-навреме и на фестивалите надвор од Македонија. Во последниве две години тие бележат настапи и во: Словенија, Црна Гора, Албанија и Косово.
Концертот е во функција на промоција на нов неиздаден материјал на бендот, како и собирање на средства за мини турнеја низ Соединетите Американски Држави, проект поддржан од Министерството за Култура на Република Македонија, кој треба да се реализира кон крајот на годинава.
Цената на влезниците кои ќе се продаваат на самиот влез, изнесува 150 денари.