Македонскиот хелсиншки комитет, ЛГБТ „Јунајтед“, Фондација отворено општество Македонија, коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и ХОПС денеска одржаа заедничка пресконфереција пред зградата на Министерството за труд и социјала, каде ги искажаа своите ставови по како што рекоа, вознемирувачки изјави на министерот Спиро Ристовски.
– Двете последователни изјави на министерот Ристовски се направи недвозмислена дистинкција помеѓу здравствената состојба на хетеросексуалните и хомосексуалните лица. Во оваа смисла повторно препознаваме дискриминаторски говор, бидејќи хомосексуалните лица и заедници недвосмислено се исклучени од поимањето на здрава нација, од страна на нашата влада – изјави Славчо Димитров од коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.
Наде Наумовска од ФООМ нагласи дека целта, покрај реагирањето е и да се потсети Ристовски дека во Законот за заштита и спречување од дискриминација е содржана одредбата за вознемирувањето, како една од формите на дискриминација.
– Во оваа одредба се вели: „Вознемирувањето и понижувачкото постапување претставува повреда на достоинството на лице или на група на лица кое произлегува од дискриминаторска основа и кое има за цел или резултат повреда на достоинството на одредено лице или создавање заканувачка,непријателска, понижувачка или застражувачка средина, пристап или практика“ – изјави Наумовска.