Две малолетни сестри питаат боси по велешките улици за да однесат млеко за бебето Метин, неискапено со месеци

Од:

Медина и Елмедина, две девојчиња од Велес на 8 и 9 години, се две од 14-те малолетни деца на Меџудие Мустафа, кои буквално боси, во летни сандали, питаат по околните ресторани и улици за да однесат храна и млеко за четиримесечното бебе Метин. Но, ова бебе не искапено откако е родено и целото е со рани по телото. Неговата мајка Фикрије е 16-годишно девојче, едно од многуте деца на Меџудие, и не може да се грижи за него.

Го родила во домашни услови, затоа што нема здравствено осигурување, а половина од децата не се впишани во книгата на родени и ниту едно од нив не оди на училиште. Ова мајка рече дека е оставена сама на себе, бидејќи сопругот не доаѓа и не се грижи за семејството. Собира пластика, а со парите купува алкохол наместо храна за дома.

„Немоќна сум да се борам сама во овие услови кога нема вода, а не, пак, тоалет, ниту шпорет на кој ќе стоплам вода и или ќе зготвам храна. Но, најтешко ми паѓа кога немам ниту што да приготвам, со денови гладуваме. Како вие би им кажале на своите деца дека денес може само еднаш да јадете или нема ништо да јадете? Душата и срцето ми плачат кога мора да си легнат гладни“, кусо изјави Меџудие.

На нивната мака се сожалил велешанецот Љупчо Нацев, кој работи во еден ресторан и честопати им дава парче леб и дел од остатокот од готвената храна. Во неможност да им помогне, тој објави повик на социјалните мрежи до сите добронамерни граѓани и хуманитарни организации да донираат храна, облека, хигиенски средства и огрев за децата.

„Не можев да издржам, душата ми се распадна кога ги видов. Престојуваат во напуштен општински објект во кој нема вода, а електрична енергија има само за светилка. Во куќарката има многу деца и сите се голи и боси. Ги затекнав како греат вода во стари канти од сирење на едно дотраено ќумбе и горат пластика и најлон бидејќи немаат дрва. Најмалиот член на семејството, бебето Метин, е во рани, затоа што со месеци не е искапено. Останатите деца исто така некапени, нечешлани, освен што се гладни и голи, ќе се заразат и разболат од нехигиена“, вели овој велешанец.

По алармот на велешани, Центарот за социјални работи излезе на терен и ја следи состојбата на ова семејство веќе три дена. Како што информираат од таму, семејството одбива да се биде преместено во друг објект каде што ќе ги има сите услови за живот. Своеволно од Скопје дошле во Велес и се сместиле во оваа напушена куќа. Приматели се на социјална помош од 10.000 денари.

„Детектирано е дека се работи за семејство во ризик, особено за развој на малолетни деца, така што Центарот ќе ги преземе сите активности во негова надлежност. Малолетната Фикрије, мајка на четиримесечното бебе, е под старателство на социјалните служби, кои ќе ја следат нејзината состојба, во однос на тоа дали се грижи за детето како што треба. Во куќата затекнавме уште една малолетна трудница, сопруга на еден од синовите на Меџудите, и нејзината бременост ја следи социјален работник. Донесено е решение да добиваат по еден топол оброк во денот од народната кујна, а понудена е им е помош децата да се искапат во згрижувачки центар“, информираа за „А1он“ од велешкиот Центар за социјални работи.

Би можело да ве интересира

Засилените сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредните денови

А1он

Во Велес се одржаа 54. Детски Рацинови Средби

А1он

Во Велес изработен нов мурал „Ленка“

А1он

Физичка пресметка помеѓу две групи малолетници во средно училиште во Велес

А1он

Во дом на велешанец полицијата пронајде и одзема хероин, марихуана и таблети

А1он

83 санкции за брзо возење во Велес

А1он