Малезиската полиција денеска соопшти дека се откриени две лица кои стигнале на боиштето во Исламската држава, а Малезија ја напуштиле со формален изговор дека патуваат на аџилак во Мека. Новиот пат за регрутираните радикални исламисти се остварил преку туристичка агенција која издава официјални документи за патување во Мека на, така наречен „мал аџилак’’.
Соопштувајќи го ова откритие генералниот инспектор на малезиската полиција Тан Абу Бакар апелираше во Малезија побрзо да се донесе построг закон за спречување на тероризам, кој сеуште е во процедура. Според предлогот на овој закон полицијата би имала право без судење да ги притвора, лицата што вршат пропаганда и регрутација на потенцијалните борци во Исламската држава.
Шефот на полицијата денеска изјави дека без ваков закон, работите во Малезија на овој план ќе бидат полоши од колку што се сега. Според неговите зборови, постоечките радикални исламистички групи што делуваат во граничното подрачје со Филипините веќе најавуваат оснивање на исламски калифат. Ако овие радикални групи се зајакнат со повратници кои во Ирак и Сирија ја прифатиле екстремистичката идеологија, ќе бидат реална опасност по стабилноста на државата.
Официјално, на боиштата на Исламската држава лани заминале 91 малезијци. Најмалку петмина од нив биле убиени, а исто толку се вратиле во Малезија каде што, според полицијата, сејат страв дека ќе делуваат поагресивно од порано. Во изминатата година полицијата открила и запрела 68 лица осомничени дека се подготвуваат да заминат на боиштата во Ирак и Сирија.