Промовирано цедето „Како Вардар – најдоброто од Зафир Хаџиманов“

Од:

„Како Вардар – најдоброто од Зафир Хаџиманов“ е насловено цедето на македонскиот кант-автор, шансионер и актер, кој со ова издание, прво официјално објавено во Македонија, одбележува 70 години живот и 55 години уметничко творештво.

Компакт-дискот содржи 19 песни од неговата богата кариера (од првата кант-авторска творба „Како Вардар“, со која настапил на Скопскиот фестивал, до „Од љубов не се бега“, една од неговите последни композиции), обработки на стари народни песни и интерпретација на поезија од Миладинов, Рацин, Радован Павловски…

Цедето, кое го објави „Пасворд продукција“ со поддршка на Министерството за култура, денеска беше промовирано, а 10.000-те примероци од него во среда ќе им бидат подарени на читателите на „ТЕА Модерна“.

Македонскиот кант-автор кој живее во Белград, придружуван од својот син, џез-музичарот Васил, на промоцијата во живо изведе некои од своите хитови, пред голем број гости, роднини и пријатели од родното Кавадарци и негови соработници.

Се заблагодари на продукцијата „Пасворд“ што му ја прифатила идејата да објави цеде кое ќе им го подари на луѓето што ги сакаат неговите песни.

– Сметам дека е добро направено и дека е на еден начин учебник, азбука на она што се вика забавна музика на Македонија. Како буквар кој би требало да го имаат сите млади кои сакаат да тргнат по патот на музиката. Дека е така докажуваат сите 19 песни. Ќе бев и многу посреќен да имаше два или три албума па да беа уште трипати по 20 песни, рече Хаџиманов, заблагодарувајќи му се и на Министерството за култира за финансирањето на овој проект.

На промоцијата беа прочитани текстовите што за овој повод ги напишале писателот Томислав Османли и радискиот новинар Ѓоко Ѓорѓиев.

– Актер и пејач, но над се пејач на едно извонредно музичко наследство по татковата страна, со претставителна појава и со раскошна вокална дарба со кои ги пленеше фестивалските, театарските аудиториуми и телевизиските гледалишта, Зафир не престанува да ги интерпретира прекрасните изворни македонски народни песни (записи на татко му Васил) и своите шансони и забавни мелодии кои се уште се паметат…, напишал Османли.

Зафир Хаџиманов е дипломиран актер на Факултетот за драмски уметности во Белград. Творел во повеќе уметности – музика, театар, филм, книжевност, и покрај многуте испеани песни (доминантен е како кант-автор на шансони, а познат и по испеаната поезија од антологиски поети), има и голем број одиграни улоги во театар и на филм. Последна реализирана улога му беше во филмот „Кога ќе раздени“ на Горан Паскаљевиќ минатата година. Зафир Хаџиманов е амбасадор на македонската култура во Србија.

Би можело да ве интересира

Изведба на проектот „Реобмислување – филм, музика и поезија” во Крива Паланка

(ВИДЕО) Лепа Брена е кралица на паѓањето: Прегрна колешка па двете се најдоа на земја

Катерина Ѓуровски

Почина гитаристот на АBBА, Ласе Веландер

А1он

Беше југословенската Мерлин Монро, сега не би ја препознале

Ана Ололовска

ВИДЕО: Овации за Синди Лопер низ Австралија, на 70 години се уште не ја издава гласот

Предраг Петровиќ

Бендот „Металика“ купи фабрика за производство на винилни плочи

Горан Наумовски