Кант-авторот, шансониер и амбасадор на македонската култура во Србија Зафир Хаџиманов објави компакт-диск по повод 70 години живот и 55 години творештво.
Избрани се 19 песни од неговата богата кариера (од првата кант-авторска творба „Како Вардар“, со која настапил на Скопскиот фестивал, до „Од љубов не се бега“, една од неговите последни композиции), обработки на стари народни песни („Саноќ седам, Трено„, „Зајди, зајди“…), како и интерпретација на поезија од Миладинов, Рацин, Радован Павловски…
Цедето, кое го објави „Пасворд продукција“ со поддршка на Министерството за култура, ќе биде промовирано задутре, а 10.000-те примероци од него ќе им бидат подарени на читателите на „ТЕА Модерна“.
– Драго ми е што застанавме зад овој проект и зад ова дело кое ќе биде подарено од Зафир како благодарност до граѓаните. Тоа ќе биде вреден спомен и враќање на песните кои се пеат до ден-денес. Зафир Хаџиманов како легендарно име на нашата сцена, како ретко кој друг зад себе има импозантна биографија, со бројни остварувања, успеси и награди. Тој е редок уметник кој во творечкиот пат обедини повеќе уметности – музика, театар, филм, книжевност, има многу испеани песни и одиграни улоги, а кај народот е познат како доминантен кант-автор на шансони и по испеаната поезија од антологиски поети, изјави Канческа-Милевска по средбата со Хаџиманов во нејзиниот кабинет.
Хаџиманов очекува објавата на цедето да израдува голем број луѓе во Македонија кои ја знаат неговата музичка кариера. Рече дека цедето е парче од Македонија, полно со дух, традиција и блескава иднина. Тој се присети на почетоците на кариерата во 1960-тите кога немало технички можности и продукција како денес и кога, како што рече, критериумите за настап биле многу поголеми.
– За да се застане пред микрофон на Радио Скопје и за да се отпее една песна моравме да поминеме низ неколку сита и решета. Тие кои успеваа да испливаат, тие навистина нешто вредеа. Живеам со надеж дека и ова е доказ дека сме почнале на најубав начин со мајстори кои ни го покажале патот, како што беа Ѓаконовски, Џамбазаов, Димитар Масевски, Славе Димитров… Џабе е да се држи говор за тоа колку сме убави, колку сме умни, колку убави песни имаме, колку сме горделиви патриоти итн, ако немаме прекрасен доказ за сето тоа. Ваквите изданија се доказ за тоа што е Македонија, рече Хаџиманов, кој би сакал и другите дејности – улоги на филм и во театар да бидат објавени на ДВД.