Првите 200 решенија за отпис на долгови на граѓаните од ранливи категории се доделуваат денеска во повеќе градови во Македонија.
Првите решенија за отпис на долгови на граѓаните од ранливи категории од Велес денеска во Центарот за социјални работи – Велес им ги врачија вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
– Ова е еден значаен проект, едно ветување што им го дадовме на граѓаните пред изборите за отпис на долговите од денес станува реалност. Тоа покажува дека за Владата дадениот збор претставува обврска. И тогаш кога многу не веруваа, и тогаш кога некои политичари не напаѓаа дека ова само заради изборите го ветуваме, тоа се покажа кој е во право. Граѓаните кои спаѓаат во најранливите категории, најсиромашните граѓани, примателите на социјална помош, невработените денес имаа можност да ги добијат првите решенија за отпис на долговите, изјави Ставрески.
Поднесувањето на барања за отпис на долговите почна на 18 август, а крајниот рок беше 13 октомври. Се отпишуваат долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 по основ на потрошена електрична енергија, топлинска енергија, кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити, како и долгови за радиодифузна такса.
Барања можеа да поднесат лица приматели на социјална помош, невработени подолго од 12 месеци и лица што имале смртен случај или инвалидитет во семејство кои не можеле да ги исплаќаат обврските