ВИДЕО: Се спрема отповикување на градоначалниците недомаќини, општините пак во долгови од над 75,7 милиони евра

Од:

Општините повторно се заглавени во долгови, главно за веќе завршени градежни работи и одржување на веќе изграденото. Должат над 75,7 милиони евра, со пресек во април, кога преку барање за пристап до информации од јавен карактер „А1он“ побара од сите општини да достават листа на долгови. Од вкупно 80 општини, на барањето одговорија 60. Од нив, само осум општини, односно Центар Жупа, Сопиште, Росоман, Куманово, Зелениково, Гази Баба, Валандово и Аеродром, пријавија дека немаат долгови.

Другите, место да ги намалуваат долговите, како што побара од нив поранешниот премиер Зоран Заев кога со 50 милиони евра од централниот буџет им покри половина од долговите и им ги деблокира сметките, за неполни три години успеале да го зголемат долгот над 25 милиони евра. Долгот на општините од 100 милиони евра пред три години, со помошта од Владата, беше преполовен, со очекување и тие 50 милиони евра да се намалуваат, но, напротив, тој сега изнесува над 75,7 милиони евра.

Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, вели дека од оваа временска дистанца помошта од централниот буџет се покажала како погрешен потег.

„Навистина имаше голем револт кај повеќето од градоначалниците, беа во право и јас го делам нивното мислење бидејќи се направи еден грешен потег. Со давањето 50 милиони евра се наградија општините што работеле недомаќински, односно градоначалниците што несовесно си ја извршувале функцијата, а се казнија оние општини што немаа никакви долгови. На тој начин ние испративме порака дека подобро е да сте задолжени и да трошите неограничени средства бидејќи секогаш ќе дојде некоја влада или премиер кој тие долгови ќе ви ги прости. Со самиот факт што не се намалуваат долговите, туку имаме повторно зголемување на долговите, се докажа во пракса дека тоа не е решение на проблемите со долговите на општините“, вели министерот Милевски за „А1он“.

Министерството за локална самоуправа заедно со Министерството за финансии работи на ново решение за решавање на сегашните проблеми со долговите на општините, кое веќе половина година чека на ред да се најде пред пратениците во Собранието.

„Ние сакаме да го регулираме тоа на друг начин, односно со репрограмирање ненамирени обврски. Фактички, државата ќе издаде обврзница преку Министерството за финансии, со која ќе им ги откупи сите долгови на општините и тие ќе треба да ги вратат во рок од десет години со 0 отсто камата. На тој начин јасно испраќаме порака сега дека ниеден долг тукутака нема да биде простен, туку сè ќе треба да се врати. Од друга страна, им даваме на градоначалниците да дишат и да ја имплементираат програмата што ја имаат независно од која политичка партија доаѓаат“, објасни министерот Милевски.

Откога и вторпат ќе им се помогне на општините, за да не се повтори проблемот со задолжувањето, министерот Милевски вели дека со УНДП подготвуваат измени во законот и се оди на варијанта за казнување, па дури и отповикување на градоначалниците што нема да работат домаќински.

„Гледате, Советот може да се распушти по разни основи, тоа се направи во Тетово, меѓутоа кај градоначалниците тоа не е можно и добро би било да се најдат форми да се отповика градоначалник. Сметам дека треба да има полесни механизми за неспособни, неквалитетни, корумпирани градоначалници, градоначалници што едвај чекаат да им заврши мандатот, да имаат можност граѓаните да ги решат во пократок временски период бидејќи сепак трпат граѓаните. Четири години да одземете од нечиј живот е навистина премногу за да се задоволуваат вашите фрустрации додека сте на функција“, вели министерот Милевски.

Според висината на долговите, најнедомаќински работеле градоначалниците на Тетово, општина чиј долг во висина од 13,5 милиони евра е најголем, а се таложи најмалку од 2013 година. Зад нив, со долг од 11 милиони евра, е Охрид, а следуваат Струга со 3,5 милиони евра, Делчево со 3,3 милиони евра долг, Центар со 2,7 милиона евра, Карпош и Ѓорче Петров со по два милиона евра, а во најзадолжените 10 општини се и Василево со 1,5 милион евра долг и Кисела Вода со 1,3 милион евра и Чаир со 1,2 милион евра.

Дванаесет општини работат со блокирани сметки поради големите долгови. Охрид и Струга се блокирани од 2005 година, а рекордер во работење под блокада е Општина Делчево, чија сметка е блокирана уште од 2000 година главно за долг направен за изградба на улици и патишта во 1997 година.

„Имало помалку пари, повеќе сме потрошиле, но, еве, ќе си се раздолжиме. Тие пари ние не ги украдовме, не ги однесовме дома“, вели градоначалникот на Карпош, Стевчо јакомовски

Од скопските општини со блокирана сметка од октомври 2018 година работи Карпош. Сегашниот градоначалник Стевчо Јакимовски, кој беше на чело на Општината и во периодот од 2009 до 2017 година, вели дека откога тој си заминал, приходите на Општината се намалиле 50 отсто, што било причина да почне таложењето на долговите.

„Потребите на граѓаните и проблемите на општините се многу поголеми од количеството средства што стигаат во буџетот на локалната самоуправа, и тоа не само во Карпош, секаде. Желбата да им се решат повеќе проблеми на граѓаните, што е можно повеќе и да се услужат што е можно повеќе граѓани, ги воведува општините во долгови. Тоа е причината. Тоа апсолутно не е недомаќинско работење. Имало помалку пари, повеќе сме потрошиле, но, еве, ќе си се раздолжиме. Тие пари ние не ги украдовме, не ги однесовме дома, тие пари се вложени за потребите на граѓаните и тоа граѓаните на Карпош го препознаваат“, вели градоначалникот Јакимовски и најавува дека набргу ќе го врати долгот и ќе ја деблокира сметката на Општината.

Меѓу општините со најголем долг до пред две години беше и Куманово, чија сметка беше деблокирана во 2020 година по девет години блокада, а се отплаќаа долгови направени за време на поранешна Југославија.

Би можело да ве интересира

Општини за еднодневен престој на куче во прифатилиште плаќале за 244 отсто повеќе од просечната цена

Орце Костов

Во спортките клубови завршиле над 90 отсто од парите на општините наменети за невладини организации

Орце Костов

Донесена одлука за пренамена на буџетски средства во износ од две милијарди денари за 66 проекти во општините во државава

Колева: ДПМНЕ да се заблагодари на граѓаните и на Владата за обезбедените пари за општините, не на Мицкоски

Предраг Петровиќ

Општините и училиштата ги издаваат салите и терените нетранспаренто, без криетриуми, некогаш и без надомест

Катерина Ѓуровски

Владата го трошела буџетот на одделни институции, долгот зголемен за 567 милиони евра, утврдија ревизорите

Орце Костов