Канадскиот инди-поп бенд „Д Хиден Камерас“ (The Hidden Cameras), предводен од извонредниот талент Џоел Гиб утре (среда, 1. октомври) ќе настапи во кино „Фросина“, МКЦ во Скопје. Култната група која ја означи пресвртницата на независната музичка сцена и субкултурата во Торонто, со концертот во Скопје ја започнува европската турнеја на која го претставува својот последен албум „Age“. Албумот е одлично прифатен од публиката и оценет од критиката како најдоброто досега од овој бенд. Секогаш енергичните и уникатни настапи се заштитен знак на „Хиден Камерас“ кои токму оваа година го објавија шестиот студиски албум и со него прв пат ќе се претстават пред македонската публика.
Локална поддршка е младиот бенд „Скајрајз“ (SKYRISE) од Тетово, кој на овој концерт ќе го претстават материјалот од својот деби албум „To unknown“. Имено, албумот утре ќе биде официјално објавен во дигитално издинаие, а „Скајрајз“ на сите посетители на концертот им подарува код за бесплатно преземање на истиот. „Скајрајз“ неодамна го објавија и новиот, трет сингл од овој албум, насловен „We never say goodbye“.
Утрешниот концерт на „Хиден Камерас“ е воедно и првиот промотивен настан за годинашното издание на ТАКСИРАТ фестивал, кој оваа година полни 16 години. Таксират роденденот ќе го слави повеќе пати, со неколку промотивни настани и финална забава на главната фестивалска вечер, која стандардно нè очекува во декември.
Основан во 2001. година, бендот „Хиден Камерас“ со своите уникатни настапи во различни уметнички галерии, цркви, порно театри, паркови, ја оформи новата инди музичка сцена во Торонто, која во тој период речиси и да не постоеше. За време на својата кариера, со своите карактеристични настапи групата ја испитува религијата и ја слави сексуалноста. Фронтменот Џоел е првиот Канаѓанец кој потпиша за познатата британска издавачка куќа „Раф Трејд“ (Rough Trade) која под својата капа ги има славните бендови како „Аркејд Фајр“ (Arcade Fire), „Бел енд Себастијан“ (Belle and Sebastian), „Мај морнинг џекет“ (My Morning Jacket), „Д Строукс“ (The Strokes) и многу други. Во меѓувреме Џоел се пресели во Берлин, каде што се пронајде на поинаков начин како текстописец и како уметник. Албумот „Age“ всушност, на некој начин го претставува и неговото созревање, не фокусирајќи се веќе на прашањето кој е тој, туку како израснал во она што е.
Почетокот на утрешниот концерт е закажан во 21:30 часот, а влезот за посетителите ќе биде отворен во 20:30 часот. Цената на влезниците, кои се достапни во строго ограничен број, е 200 денари во претпродажба и 250 денари на врата. Претпродажбата се спроведува преку мрежата на МКтикетс или во „Југотон“, „Ла Кања“, „Дамар“, „Круг“ во Аеродром, Кафе-бар „Браво“ и билетарата на МКЦ во Скопје.